За добрата волја

06.09.2018 04:20
За добрата волја

Најнужната способност која треба да ја развива современиот човек е разлачувањето. Во суштината на оваа способност е потребата да се одвои битното од небитното, особено денес, со консумеризмот како нова „религија“ , и со злото во нашата неспособност да дејствуваме во конструктивна насока (бидејќи слабо разлачуваме). А тоа , пак е резултат на незнаењето да го извлечеме битното. И самата потреба да бидеме (само)критични, што, секако, е многу битна , не знаеме како вистински да ја вклопиме во таа општа насока.

Оттаму синдромот на рушење и постојано повторно почнување од почеток. Но, за да се развие способноста разлачување неопходна е култура како духовна вертикала и јадро во кое се концентрирани екстракти од вредности-доблести и некои вечни вистини и убавини кои никогаш не смееме да ги доведеме до прашање.

Aко имаме добра волја во овој момент ќе го извлечеме најбитното, најубавото, највистинитото, најдоброто што го носиме во себе и ќе го издигнеме на пиедестал и никогаш повеќе нема да го симнеме од таму. Битното ќе го препознаеме по тоа што носи позитивни емоции, радост, чувство на слобода, убавина, ширина, исполнетост, мир, додека небитното (и небитисувачкото) прави да се чувствуваме мизерни, бедни, инфериорни, себични, злобни, грди и несреќни. Многу е едноставно да се разликува едното од другото, зарем не?

 

Слики : Татјана Миљовска
Од серијата „ Пламен“, 2018 ; „Океан“, 2018.