Господинот Дирижабл

06.09.2018 14:36

Добра вечер за сите, јас сум господин Дирижабл,
имам 65 години, пишувам проза:
би можело да се рече дека сум во прозни години.
Прашајте ги пасусите ако не ми верувате.
Секако, можете на сите да им се фалите како сте ме дигнале во воздух,
но никогаш нема да го разберете мојот лебд.
Јас сум господин Дирижабл и
моите пропелери се вашите обиди да ме допрете.
Целиот сум вретенест и лесен.
Близок само со далечините.
Господин Дирижабл, така викајте ме.
Целиот сум од памучнина и јоргован.
Шарено луд.
На педа од земјата и сосема близу до облаците,
секогаш заглавен во некое помеѓу:
помеѓу себе и себе и небото.
Јас само замавнувам со рацете и чао. Ме нема.
Личам на цртан филм, пенливост и нешто гротескно.
Како да сум змеј од трска и најлон, невешто скроен.
Но ни налик на сето тоа.
Станувам слободен кога ќе го попуштиш јажето.
Можам да примам 20 патници
и сите 20 патници можат да бидат јас.
Дирижабл! Дирижабл!
Господин Дирижабл од татко Цепелин и мајка Природа.
Прашајте ги најшарените птици ако не ми верувате.
Откога се знаеме постојано цвркотат за тоа:
Цврк, цврк.
Мојот датум на раѓање е вашиот прв поглед кон небото.
Вашето разбирање на слободата е моето кормило.
Јас сум Дирижабл,
секако, можете на сите да им се фалите како сте ме дигнале во воздух,
но никогаш нема да го разберете мојот лебд,
бидејќи тој лебд умее да биде едно големо паѓање во Ништо.
А тоа и не е некој спектакл.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото