Моја Европа: ЕУ нема да умре, но има огромен проблем!

10.09.2018 00:34
Моја Европа: ЕУ нема да умре, но има огромен проблем!

Европа, од кога ме служи сеќавањето, била поткопувана. „Земјите членки ќе се скараат за челикот“; „ЕУ ќе се распадне поради спорот околу квотите за рибарење“; „Европа пропаѓа поради миграцијата“ - ваквото ламентирање е старо, а станува сѐ погласно.

Како Источноевропеец познат ми е тонот и од друга насока: пред 30, 40 или 50 години Москва секојдневно ја поткопуваше Европската заедница. По мал прекин, Кремљ тоа денес повторно го прави. Уште тогаш многу Бугари и Источноевропејци веруваа во тоа што се зборуваше. Денес повторно го прават тоа.

Постојано истото ламентирање кај многу Европејци буди чувство дека нешто „не е во ред“. Ваквиот впечаток не е сосема погрешен. Тука ќе го употребам афоризмот „Тоа што некој има параноја дека го следат, не значи и дека не е следен“. Пренесено на ЕУ: зборувањето за нејзина блиска смрт е бесмислица, но сепак заедницата има огромен проблем.

Живееме како што можеме, а не како што сакаме

Овој проблем, како и сите комплексни структури кои минуваат низ криза, е видлив прво по лошите страни. Одамна ни се познати проблемите на југот на Унијата: должничката ситуација во Грција, Италија, Шпанија и Португалија (да се надеваме дека тоа набргу нема да се случи и во Франција). На запад ЕУ само што си нанесе болна рана во форма на Брегзит. На исток „чеша“ на сите страни: во Унгарија, Полска, Чешка и Словачка. Значи, ЕУ е навистина болна? Не, не е. Таа само страда од преголем консензус, како и од дефицит на јасно дефинирани цели.

И „консензус“ и „цел“ се поими на иднината, значи суштински елементи на политиката. Но, двата поима се разликуваат фундаментално. Една цел опишува што треба да биде. Консензусот пак, наспроти тоа, го опфаќа она што во никој случај не треба да се случи. Целта укажува на прегледна иднина, но создава само слабо „НИЕ“, додека консензусот укажува на недефенирана иднина, но затоа создава трајно „НИЕ“.

Погледнато така, одеднаш едно станува јасно - во денешната ЕУ ние не живееме како што сакаме, туку само онака како што можеме.

Бесплодна потрага по негативен консензус

Кризата не го потресува целиот либерален фундамент (идеите за слобода, правна држава, човекови права, индивидуална одговорност и.т.н.), туку само еден дел од либералните договори. А нив човек треба да ги негува, врз нивната основа да ја чисти целата куќа, да ја проветрува, да ја уредува со нов мебел.

При секоја нова криза по навика бараме заштита во илузијата дека прво мора долго да размислуваме и да дискутираме, за потоа задолжително да донесеме вистинска одлука - како што во моментов се прави со проблемот со бегалците. Но, при овие дебати не се помрднуваме ниту за сантиметар нанапред. Затоа што дискутираме само за она што не треба да го направиме, а не за она што треба да се стори. Оваа бесплодна потрага по негативен консензус го поткопува европскиот фундамент, создава длабока скепса. Се раѓа и шири чувство дека Европа е хронично болна и нема никаква шанса за преживување.

Затоа мора конечно да престанеме со негативниот консензус. Потребно ни е токму спротивното - потребна ни е поларизација. Потребни ни се поларизирачки политички опции кои ќе ги одмеруваме, а не вечниот стремеж да најдеме решение кое практично ќе биде полурешение, но кое ќе ги задоволи сите. На пример, потребно да се одлучиме „за“ или „против“ нуклеарна енергија, а не проблемот постојано да го криеме зад изјавите за мешавина од енергии. Значи, мора да се потпираме на политичка одлука, а не на вечното „од една страна, од друга страна“ на експертите.

Далеку од тоа дека сакам да ги зауздам „жалопојните либерали“ и да барам амбициозни мачо-лидери кои радо носат одлуки. ЕУ е унија за заедничка иднина, таа се дефинира исклучиво преку својата заедничка иднина. Но, проблемот е што токму таа иднина е во криза. А, болна иднина може да оздрави само преку нова слика за иднината.

Исцелителна поларизација

Каде треба да се почне? Сосема јасно: кај политичката моќ, кај централната политичка власт. Да си претставиме заеднички, директни европски претседателски избори, на кои би гласале стотици милиони ЕУ-граѓани. Преку таквите избори граѓаните би можеле да извршат директно влијание врз идниот претседател, а со тоа и врз политичката власт. А, кога Европејците конечно ќе се изјаснат околу прашањето за наднационалната политичка власт, тогаш автоматски ќе носат и соодговорност за идната ЕУ-политика. На тој начин ќе се создаде исцелителна поларизација, вител кој непрегледната, од реалноста оддалечена ЕУ-бирократија, ќе ја замени со вистински односи на моќ. Дали граѓаните се стигнати до точка за да го согледаат тоа? Тука сум скептичен. Но, Европа мора да направи обид во таа насока.

А кога конечно ќе создадеме ваков нов центар на моќ, тогаш ќе можеме да набљудуваме, да дискутираме и да влијаеме врз она што тој го прави, а не како досега - само она што има намера да го прави. Зашто, досега претпочитавме мир пред конфликти. Притоа, обратниот начин би бил многу поплоден: прво конфронтација, а потоа разбирање. Ако САД не се одлучеле за претседател, туку како што се предлагало - за Меѓудржавна комисија, тогаш одамна ќе пропаднеа.

Некои читатели ќе се прашаат: а на кој јазик ќе комуницираат еден ЕУ-претседател и половината милијарда граѓани и како да се одржи отворен директниот канал за комуникација? Да замислиме дека за функцијата би се пријавиле шестмина политичари: Ангела Меркел, Матео Ренци, Ги Верхофстат, Јошка Фишер, Алексис Ципрас и Виктор Орбан. Јасно како ден е дека повеќето Европејци веќе сега точно знаат за каква политика се залага секој од нив, дури и без предизборна борба. А, по 3 или 6 месечна изборна борба тоа ќе го знаат сите. Кога ЕУ-граѓаните еднаш ќе сфатат кој кандидат најдобро би ги претставувал нивните интереси, тогаш одлуката ќе биде лесна. Потоа, граѓаните постепено ќе се искачат на повисоко ниво и ќе сфатат дека нивните соништа и желби, нивните проблеми и стравови многу поефикасно се претвораат во политика на европско ниво, отколку што тоа се прави на ниво на национални држави.

Значи, драги европски сограѓани, не ни е потребна медицина. Европа не е болна. Она што ни треба повеќе е чист воздух. ЕУ е историска продобивка и единствената позитивна перспектива за стотици милиони луѓе. Таа само е прегазена сама од себе и сега мора да фати чекор - не колебливо, туку одлучно.

Андреј Рајчев е бугарски филозоф, социолог и автор. Во Бугарија политичкиот аналитичар е познат и како ТВ-коментатор. Тој е и редовен гостин во студио на радио програмата на Би-Би-Си на руски јазик.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото