Единаесет тези за новата левица (1)

10.09.2018 10:22
11 тези за новата левица (1)

Прва

Треба систематски, а не повремено, да се проблематизира моќно оркестрираната идеологија на неолиберализмот чија теологија на математиката станува универзална вера, ново екуменско евангелие со неколку волшебни зборови какви што се глобализацијата, пазарот и транзицијата (Бурдие). Како последица за слабоста на левицата треба да се разбере и тоа што денес капиталот го презема монополот над мултикултурализмот и интернационализмот, а левицата се поврзува со националниот идентитет? А целта на демонизацијата на поразениот социјализам е војна против социјалните текови од 20 век, против цивилизацијата поврзана со социјалната држава. Денунцирањето на утопијата го олеснува триумфот на банкарското неолиберално мислење во кое парите и профитот се мерка за сите нешта. Неолиберална Европа на банкарите се темели на новиот спој на националното и либералното – етнократски либерализам. Треба да се согледа морализацијата на меѓународната политика која ја следи Западот со човечките права на своето знаме во „демократските крстоносни војни“ (Хофбауер), но не заради националистички туку заради социјални интереси. Зад фасадата на космополитските мисии се кријат старите империјалистички мотиви и меѓудржавните односи на патрони и клиенти. Во критиката на империјализмот левицата треба внимателно да согледува кога националното искористување се совпаѓа со класното.

Втора

За таа цел важно е да се деконструира антитоталитарната реторика која инаку е заедничка за мошне спротивставените струи на српската екстремна десница (СРС), конзервативните националисти (ДСС) и умерената национална и анационална десница (ДС, ЛДП). Имено, и покрај нормализацијата на капитализмот и национализмот, двата термини сè уште се непопуларни за вградување во личниот и групен самоопис. Национализмот е костимиран како патриотизам, а капитализмот како демократија и транзиција. Националистите се нарекуваат партиоти, а либералите и конзервативците се сметаат за демократи легалисти и антипопулисти. Да се смета дека непријатноста заради претходното левичарско минато е во структурата на новиот општествено-научен ревизионизам би било површен психологизам. Гласачката маса на осиромашеното општество не ја прифаќа отворената капиталистичка реторика, па посигурно е да настапува преку залагање за демократија, а соголениот национализам исто така е поверодостојно да се неутрализира како несебичен патриотизам. Веќе дваесетина години Косово е симболички врв на патриотизмот, а изборните кампањи се незамисливи без колнењето во Косово. Територијалната несигурност на државната територија е главна храна на национализмот. Колку што во државна смисла Косово сè повеќе стануваше виртуелна реалност за Србија, толку полесно се „патриотизираше“ и инструментализираше. Со тоа косовизацијата на српската култура ја олеснуваше нејзината клерикализација. Покрај косовската, денес во Србија доминираат два вида нарации со моќно осмислен континуитет: етноцентрична и антиавторитарна. Треба да се прозрат двете. Кај ниедна не е урамнотежена сликата за себеси и сликата за Другиот. Разликите секогаш се повлечени на штета на Другиот. Другиот е непријател на Србите или болшевик. Асиметричноста на проценката кај двете струи се согледува во нескриеното припишување позитивни црти или нормалност на својата група, а негативните или абнормалните на Другиот. Новите асиметрии прераснаа во ортодоксија на постсоцијалистичката култура на сеќавањето. Затоа што секоја квази тенденција за радикално решение на социјалното прашање се класифицира како утопија и терор, на осиромашените слоеви им се нудат легализмот и приватизацијата како метадон во борбата против реалната дрога на национализмот. Соголената идеологија на процедурата им го препушта социјалното прашање на ултраконзервативците кои успешно манипулираат со невработените и сиромашните. И тука како клучна идеологија треба да се маркира етнократскиот либерализам.

Трета

На општ идеен план треба систематски треба да се работи на раздвојување на левицата од национализмот. На демократијата не ѝ е потребно ментално вкоренување во нацијата како претполитичка судбинска заедница. За оние кои му се лојални на потеклото демократијата дебата е главно околу процедурите, националниот интерес е неприкосновен, а капитализмот главно безалтернативен. За левицата пак, општествено-економската еднаквост е предуслов за меѓунационална еднаквост, а не обратно. Затоа приоритет на левицата е скандализација на противречностите на капитализмот, а не истакнување на жртвите на сопствената нација. Во спротивно ќе се покаже дека српските доблести лежат во српската крв. Империјализмот на големите никако не може да биде покритие за шовинизмот на левицата на малите народи. Денес нормализацијата на националниот хегемон е реторика во спречувањето на интернационалната просветителска нормалност. Дури и кога повикувањето на националниот интерес е оперативно и политички корисно, во стратешка смисла тоа не може да биде цел на левицата. Треба да се пронајде социјалното во националното и да се одвои протестот против бедата од омразата кон другиот народ. Треба да се проблематизира етноцентричната историја која поаѓа од догматското поимање на највисоките вредности на патриотскиот ангажман. Можеби најевтин вид гордост е токму националната гордост. Тоа не е гордост на личната сопственост и заслугите, туку на она што се споделува со другиот. Шопенхауер забележа дека само оној кој нема ништо со што може да се гордее, се служи со последното средство, нацијата на која ѝ припаѓа и во тоа го гледа патриотизмот. Кога оваа гордост не е агресивна може да биде нормален составен дел на патриотизмот. Меѓутоа, денес салонскиот поим патриотизам е најчесто користен национализам. Кај шовинизмот патриотизмот е уште поголема маска на неодарвинистичкиот национализам, а кај фашизмот тоа е одбраната од нечиста крв. За нештата да бидат појасни треба да се одвои слепиот од критичкиот патриотизам: првиот се препознава по тоа што тврди дека мојата нација секогаш е во право и дека секогаш се брани, критичките патриоти мислат дека и сопствената нација може да биде агресор и да прави злосторства. Не треба посебно да се истакнува дека денес слепиот патриотизам е во експанзија, додека критичката култура на сеќавањата е академски маргинална. Националната слика на минатото лесно се конструира во низа настани наративно структурирани по политичко-емотивни критериуми и костимирани селективни извори. Овој своевиден хаос треба јасно да се распознае со саморефлексија, негување на способноста и себеси да се согледуваме критички. Методолошки рационализираната емпатија развива способност за согледување на проблемите од перспектива на Другиот. Колку и да звучи утописки, треба да се групираат антишовинистичките струи, но не во носталгична заедница на сеќавањата, туку во сосема реална критика на постоечката ребалканизација. Прашањето на сите прашања е соочување со сопствениот, а не туѓиот национализам. Секој национлизам преку слепиот патриотизам незабележливо преминува во шовинизам и фашизам. Ставот дека мојата нација секогаш е жртва треба да се потиснува со ставот дека сите сме жртви. Треба одоздола да се подготвува совеста за потребата од создавање барем културен јужнословенски блок, како брана против вазалниот статус на протекторатот на новите банана држави. Денешната гордост со независноста на сопствената банана држава треба да се претвора во срам заради додворувањето на империите. Кога Хрватите јавно ќе ја отфрлат „Danke Deutschland“, а Србите надежта во Русија, ќе се создаде претпоставка за помоќно поврзување на јазично и културно сродниот простор. Во светло на новата вазалност треба да се запрашаме дали Југославија беше српска илузија и хрватска темнина или противречна држава со која сепак можеше самостојно да се оди во светот?

Четврта

Треба да се деконструира антититоизмот затоа што е пробоен слоган на антикомунизмот. Титоизмот не може да биде пример за модерна левица, но треба да се има на ум дека во свое време во Европа тоа бил угледен и невпечатлив авторитаризам сместен помеѓу брежњевизмот и франкизмот. Демократската левица треба да биде кадарна за да се соочи со сенките од своето минато, а притоа да не се лизне во апологијата на капитализмот. Денес медиумите ја совладуваат сложеноста на настаните на тој начин што ги персонализираат важните случувања, односно ги поврзуваат со маркантни личности. За да се редуцира хаотичноста на случувањата нужни се главни виновници. Масмедиумски посредуваниот антититоизам бил прифаќан како корисен самоопис на многу исконструирани дисиденти и фиктивни жртви на социјализмот. Реалните жртви на политиката на Тито по правило многу не се солунашеле (да ги истакнуваат претходните заслуги и страдањето). Антититоизмот е поважна содржина на самоописот кај поранешните активни комунисти, отколку кај реалните страдалници од ерата на социјализмот. Генерално зашто антитоталитаризмот го потисна антикапитализмот, како и заради тоа што антифашизмот е национализиран и изнуден, а анти-антисоцијализмот исчезна. Демонизираниот социјализам пикнат во антититоизмот од почетокот на деведесеттите беше активен лост на војната кај речиси сите завојувани страни, но ни подоцна не ја изгуби актуелноста кај оправдувањето на „националната демократска транзиција“. Ослободувањето од комунизмот, „мората и брозомората“, беше клучен моралнополитички услов за воспоставување на ново минато и мобилност на политичкиот жаргон (од националната левица, преку разните струи на конзервативниот шовинизам до либералните критичари на национализмот). Со поврзување на разновидни струи антитоталитаризмот ја блокираше критиката на етноцентризмот. Ги спречуваше слоевитиот однос спрема социјализмот и проблематизирањето на клучните етноцентрични нарации кај домашните култури на сеќавањето. Демистификацијата на процесот за пренасочување на антифашизмот во антитоталитаризам би го направило попроѕирен процесот на детрауматизација и релативизација на фашизмот за хегемонот. Во таа смисла треба да се воочи априоризмот кај оценката на револуцијата како криминален чин и кај погледот дека утопијата за бескласно општество нужно водела кон терор. Денес фундаменталистичките критичари на социјализмот се распознаваат и по тоа што ја детронизираат Француската револуција од 1789 година, праволиниски поврзувајќи ја со Октомвриската. И покрај распространетиот неселективен револуционерен терор, тешко е да се каже дека Француската и Октомвриската револуција биле соголено безидејно насилство, пуч или криминален чин. Сложеноста на збиднувањата ќе се сочува ако се има предвид дека споменатите пресврти биле насилен надомест за спречениот развој. Иако во современата култура на сеќавањата (полесно отколку во комунистичката) во револуциите се распознаваат теророт, есхатологијата, утопијата и илузиите, сепак тоа не била суштината на овие револуции. Секако дека од неолиберален аспект кај револуциите не може да се види протестот против бедата, класната нееднаквост и заситеноста од верската манипулација и војната. Левицата само преку отворено соочување со сенките од револуционерниот терор, а не со негово оправдување, може да му се спротивстави на обидот епохалните револуционерни пресврти да се претстават како монструозни илузии. Побиена е есхатолошката свест дека социјализмот е конечна состојба на општеството, но не и фактот дека социјализмот обезбеди најдолг период на мир во Европа. И покрај сè, само одлучно отфрлање на топлата носталгија за минатиот социјализам, која парализира незабележливо, може да овозможи постудено и поостро распознавање на причините зошто „постсоцијалистичкиот капитализам во Источна Европа е криминоген и коруптивен“ (Видојевиќ). Вистинската генерација што го носи новото не е носталгична ниту ги споменува старите добри времиња. Но и реставративната генерација може да живее во лажна свест дека носи нешто ново, како што мисли генерацијата од деведесеттите не согледувајќи дека само ги обновила национализмот, капитализмот и религијата.

Кон вториот дел.

Кон третиот дел.

Илустрации: Mitchell Siporin

Извор: http://www.noviplamen.net

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото