Граѓанска кампања за референдумот: „Зачекори напред! Изборот е твој“

10.09.2018 18:10
Граѓанска кампања за референдумот: „Зачекори напред! Изборот е твој“

Граѓанската иницијатива „Зачекори напред“, започнува информативна кампања преку која на граѓаните ќе им овозможи подобар пристап до релевантни информации поврзани со придобивките и предизвиците од зачленувањето во Европската Унија и НАТО.

Повеќе граѓански организации, денеска (10 септември), започнаа кампања „Зачекори напред! Изборот е твој“, со која на граѓаните во наредните три недели преку серија јавни и медиумски активности ќе се обидат да им ја доближат Европската унија и нејзините политики, како и да одговорат на бројни прашања поврзани со тоа што треба да направи Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и што ќе добие со евроатланската интеграција.

„Граѓанските организации кои се дел од оваа иницијатива, сметаат дека во овој клучен момент за државата многу е важно граѓанското општество да се вклучи и да делува активно во текот на процесот, со цел на грѓаните да им обезбеди колку што е можно повеќе информации за тоа што значи пристапувањето на Република Македонија во ЕУ, што значи членството во НАТО, а воедно колку што е можно повеќе да го доближиме и самиот договор меѓу Македонија и Грција“, рече Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Таа посочи дека целта на кампањата е и да се обезбедат информации за сите аспекти од референдумското прашање, при што изрази надеж, дека на 30 септември огромен број од македонските граѓани ќе излезат да го искористат своето право на глас.

Извршниот директор на Евротинк – Центар за европски стратегии, Љупчо Петковски, рече дека кампањата ќе опфати повеќе аспекти од влезот во ЕУ што ќе се одразат на секојдневниот живот на граѓаните, како квалитетот на лековите, квалитетот на производите, одложувањето на сметот, чистотата на водата…

„Одлучивме во кампањата да примениме вакви „приземни“ информации кои на граѓаните ќе им овозможат да донесат информирана одлука. Во демократијата е многу битно граѓаните информирани да носат одлуки. Соочени сме со историски момент каде е важно како граѓани да го оствариме нашето демократско право а тоа да е базирано брз добри информации кои се вистинити и кои на граѓаните ке им објаснат кои се придобивките од целиот овој процес што ќе го отпочнеме во наредните години“, рече Петковски.

Лилјана Јоноски, извршна директорка на Руралната коалиција – Куманово посочи дека земјоделците имаат голем удел во процесот на донесување одлуки, и целта на кампањата е до нив да се допре со точни и јасни информации, односно што ќе значи за еден земјоделец влезот во заедничкиот пазар од половина милијарда луѓе.

Граѓанските организации дел од оваа кампања изработија опсежни анализи од повеќе области кои можат да се најдат на Интернет страницата www.zacekorinapred.mk.
Во рамки на кампањата ќе бидат објавени и две изданија на весникот „ЕУрека“, што ќе биде бесплатен и ќе биде достапен на најфреквентните места низ државава. Првиот број е објавен денеска, а вториот ќе биде објавен на 22 септември.

Кампањата ќе се одвива на национално ниво и ќе содржи различни аудио-визуелни материјали – тв спотови, анимации, фото факти што ќе се објавуваат на телевизиите, радио станиците, социјалните мрежи, а ќе бидат поставени и билборди. Истовремено ќе се организираат низа медиумски и јавни дебати, директни средби со граѓаните, промоции на книги.

Носители на граѓанската иницијатива се: Фондација Отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Младински образовен форум (МОФ), Цивил – Центар за слобода, ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Рурална коалиција, Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА и Центар за современи уметности.

 Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото