ЕУ инвестира милијарди во борбата против загадувањето

11.09.2018 00:11
ЕУ инвестира милијарди во борбата против загадувањето

Големите црвени кругови со црвени бројки кои се појавуваат на екранот можат да ви го одземат здивот. И тоа буквално – бидејќи тие бројки го означуваат моменталното ниво на загаденост на воздухот.

Мобилната апликација „Мој воздух“ стана една од најпопуларните во Македонија, но поради многу непопуларна причина. Воздухот во многу региони од Македонија е екстремно загаден и штетен по животот.

Според студијата „Зелен раст“ на Светската банка, Македонија е прва според изложеноста на граѓаните на загаден воздух со цврсти честички и петта според смртните случаи од загаден воздух. Аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно, а македонската економија трпи штети од 253 милиони евра поради многуте случаи на прерана смрт, трошоците за лекување и боледувањата, како и поради намалената продуктивност на населението. Децата се најосетливата група, а секое второ болно дете се лекувало од респираторни болести кои најчесто се директна последица токму на загадениот воздух.

Според македонскиот Закон за квалитет на амбиенталниот воздух, приспособен со строгите гранични вредности од европското законодавството, дозволениот број надминувања на концентрираната прашина (ПМ10 честички) годишно е ограничен на 35 денови. Но, оваа бројка се надминува уште на почетокот на годината на повеќето мерни места.

И ЕУ има проблеми со воздухот

Проблемот на загаден воздух не е уникатен за Македонија. Во Европската Унија, квалитетот на воздухот генерално e подобрен во текот на последните децении, благодарение на заедничките напори на ЕУ и на државните, регионалните и локалните власти. Како резултат на тоа, од 2000 година, БДП на ЕУ се зголеми за 32 проценти, додека емисиите на главните загадувачи на воздухот се намалија од 10 до 70 проценти. Исклучителен напредок е постигнат во справувањето со загадувачите, какви што се сулфур диоксидот, оловото, азотните оксиди, јаглерод моноксидот и бензенот.

Сепак, тројца од четворица Европејци живеат во урбани области кои сè уште страдаат од високи нивоа на загадување на воздухот. Дури 400.000 смртни случаи годишно во Европа се поврзуваат со загадениот воздух.

Затоа за своја цел, ЕУ си постави да постигне ниво на квалитет на воздухот што не предизвикува значителни негативни влијанија и ризици врз здравјето на луѓето и животната средина. Од почетокот на 1970-тите, ЕУ работи на подобрување на квалитетот на воздухот преку контрола на емисиите на штетни супстанции во атмосферата, подобрување на квалитетот на горивата и барања за интегрирани еколошки дозволи во индустријата. Европската комисија го усвои Пакетот за чист воздух во 2013 година, поставувајќи цели кои треба да се достигнат до 2020 и 2030 година.

250 милијарди евра за 7 години во борбата за чист воздух

Во периодот 2014 – 2020, земјите членки на ЕУ издвоија 1,8 милијарди евра за поддршка на мерките за квалитет на воздухот. Индиректно влијаат и средствата кои се вложуваат во инвестициите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид (45 милијарди евра), заштитата на животната средина (63 милијарди евра) и инфраструктура (вкупно 58 милијарди евра). Досега, и една третина од сите инвестиции во рамките на Европскиот фонд за стратешки инвестиции (околу 80 милијарди евра) влегоа во секторите енергија, транспорт и животна средина. Сето ова има индиректно позитивно влијание врз квалитетот на воздухот.

ЕК предложи да инвестира и една милијарда евра во 39 проекти за чист транспорт за надградба на европската железничка мрежа, понатамошно развивање на инфраструктурата за алтернативни горива и отворање на патот за воден транспорт со нула загадување. Придонесот на Комисијата ќе отклучи вкупно 4,5 милијарди евра од јавното и приватното кофинансирање во рамките на Спогодбата за поврзана Европа. ЕУ внимателно ги следи активностите кои ги преземаат или не ги преземаат земјите членки и реагира таму каде што е потребно.

ЕУ инвестира и во Македонија

ЕУ досега има финансирано повеќе активности во борбата против загадениот воздух и во Македонија. Со пари од Унијата се набавени 13 од вкупно 17-те мониторинг-станици, како и софтверот за известување и веб-порталот за следење на квалитетот на возудхот во реално време, од каде податоци црпи и мобилната апликација „Мој воздух“, други информативни портали, медиуми и граѓани.

Државниот инспекторат за животна средина, преку проект од Твининг-програмата на ЕУ користеше еден милион евра за проектот „Зајакнување на административните капацитети на државно и локално ниво за спроведување аквис (acquis) во областа на животната средина“. Македонија ќе може да користи многу повеќе од фондовите на ЕУ во текот на пристапните преговори на патот кон полноправно членство. Кога доаѓа зимата, жителите на главниот град на Македонија, Скопје, како и нивните сограѓани од повеќе други градови како Тетово, Кичево, Битола, Велес, Кавадарци и Кочани, почнуваат сè почесто да го проверуваат мобилниот телефон.

Извор: Еурека

 

ОкоБоли главаВицФото