За слабоста како зло

11.09.2018 01:08
За слабоста како зло

Слабост ли е кога не сакаме да се соочиме со некој проблем? или е неволност и недостаток на сила и умешност? Ова поведение или карактерна црта се среќава на секој чекор – во сите слоеви, профили и професии кај нас. Во што е причината и суштината на ваквото поведение?

Дали потекнува од некој ирационален страв? Зашто нашиот човек често ги остава проблемите нерешени, да му се влечкаат како опашки и да му ја одземаат силата и волјата. Оти, баш кога енергично се соочуваме со проблемите развиваме волја и внатрешна сила, а надминувањето на некоја пречка потоа носи полет и позитивна енергија, добро расположение. Дали ни недостасува креативност или знаење или одлучност, мотивација? Или сме немоќни во ова општество, во ова време, во овој систем?

Слабаци ли сме зарaди тоа, малодушни луѓе? Можеби навистина тој табиет е резултат на нашиот ориентален менталитет – наклонетост кон мрзливост и недостаток на работна дисциплина и организациски способности, потоа чувството на инфериорност, понизност и потчинетост како карактерни црти.

Едноставно не сакаме да разговараме за некој проблем. Да не зборуваме за тешките „нерешливи“ проблеми. Од тука произлегува неволноста да укажуваме на слабостите (или лошите навики) и дефектите и аномалиите и покрај тоа што ги забележуваме. Дали ако некого го прифаќаме како таков, го гледаме (само) доброто во него, „не приметувајќи“ ги недостатоците? Ниеден човек не е совршен и затоа Македонецот крајно ја апсолвирал оваа мудрост и според неа се однесува? Но, тоа поведение води кон стагнација, затапување, некритичност, некреативност, апатичност и депресија.

Сепак треба да се работи на подобрување на психолошкиот профил за да се крене расположението, да се внесе ведрина, оптимизам во средината, стимулативна креативна енергија. Злото добива форма на слабост како непружање отпор, не противставување и нереагирање на грдото и во исто време злото е слабоста. („Evil tаkes on the mask of weakness, and in the same time it is weakness.“ L.Donskis, Moral blindness) Според Достоевски човекот духовно расте кога му се противставува на злото, злото сфатено во секоја смисла, и како метафизичко и како грдо дело и како насилство и како криминал и како дисхармонија и како слабост...

Слики : Татјана Миљовска
Од серијата „Океанотаде“ , 2018; „ Крилја“, 2017/18