Фестивалот МОТ се отвора со „Блокбастер“

12.09.2018 02:40
Фестивалот МОТ се отвора со „Блокбастер“

Меѓународниот театарски фестивал, Млад отворен театар (МОТ) годинава ќе се оддржи од 20 до 28 септември. Во Македонскиот народен театар на 20 септември во 20 часот фестивалот ќе биде отворен со „Блокбастер“ т.н. „театарско НЛО“ претстава, која е филм-пародија, создаден со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови. Од таа гигантска монтажа се раѓа блокбастер со оригинално сценарио. „Блокбастер“ е приказна за насилството од доминантната класа на обичните луѓе каде што хуморот се користи како инструмент за протест.

Втората вечер е резервирана за Словенско младинско гледалишче и претставата „Идиоти“. По неа следува германската „Има уште“, која е експеримент и ново колективно кореографско искуство.

Сцената на кино Фросина е домаќин на третиот ден на МОТ, кога гостува Новосадско позориште со необичната поставка на текстот на Данило Киш „Гробница на Борис Давидович“, во режија на Александар Поповски, на унгарски јазик. По неа во Драмски театар изведба на домашната „Странци“, на Нела Витошевиќ и отворањето на дилемите колку соочувањето со вистината нѐ прави подобри луѓе.

Португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел, со „Го убивме шугавото куче“ е дел од проектот Африкански бранови, кој ги спојува Португалија и Африка. Следува „Балканската рута“ по која се движел театарскиот и филмски режисер, Франц фон Столхен.

На малата сцена во Македонската филхармонија, Искра Шукарова со студентите на ФМУ ја поставува „Чудна шума“, а по неа следува премиера на домашната независна театарска група Артопиа со „Шииит“ во режија на Ирем Ајдим.

„Но(е)ва Македонија“ на Битолскиот народен театар, во режија на Кокан Младеновиќ, претставува ангажирана општествена сатира, која реферирa на историската мегаломанија на поранешната македонска власт и нивните проекти, кои ја изопачија сликата на нацијата. Претставата ќе биде прикажана во Македонската опера и балет.
По неа следува соло проектот на Словенецот Марко Булц.

Јо Стромгрен Компани од Норвешка по втор пат на МОТ, овојпат со женски кастинг во „Болница“, со која ги поместува границите употребувајќи бесмислен јазик и локална естетика на секоја од претставите.

По соработката со Артопиа, режисерката Ирем Ајдим гостува со Ентропи студио од Истанбул.

На 20 и 21 септември, претставата „Буре барут“ на Дејан Дуковски, во режија на Нина Николиќ, доаѓа на МОТ, како дел од културната соработка меѓу Босна и Херцеговина и  Македонија.

А на сцената на МКЦ гостува корејската претстава „(Во живо) БЈ Фауст“ на театарската компанија Сисифе од Сеул.

Фестивалската програма завршува со „Црнила ремикс“, едно поинакво видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле. Овој музичко-драмки перформанс поставен од Јордан Симонов е во продукција на Младинскиот културен центар.

43-от Млад отворен театар ќе се случува на осум сцени низ Скопје, Македонски народен театар, Македонска опера и балет, Кино Култура, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг сала – МКЦ и Драмски театар.

На придружната програма на фестивалот ќе настапат нордиската експериментална група Fire! и египетската изведувачка Nadah El Shazly. Покрај двата концерти, изложбата „Сценографии 35“ – ретроспектива на 35-годишната сценографска кариера на авторот Крсте С. Џидров, додека платформата Гледај.мк ја слави првата успешна сезона со објавени 50 рецензии.