Симетрично решение на асиметричниот спор

12.09.2018 17:36
Симетрично решение на асиметричниот спор


Во кусото и млако лето што меланхолично и збунувачки одлучно го скуси, наместо да го развлече, времето помеѓу преспанската спогодба и септемврискиот референдум, не успеав да слушнам ниту еден вреден и супстанцијален аргумент против договорот или против нашиот пат кон зачленувањето во европската заедница на народите и северно-атлантскиот воено-политички сојуз. Ниското ниво на јавната дебата што главно го наметнаа противниците на преспанскиот договор – кајшто „најсилните“ аргументи беа бесмислиците дека се работи за „предавство“ односно „капитулација“ – ме демотивираше воопшто и да трошам време на читање на тоа најчесто безвредно четиво.

Од оваа моја апатија, меѓутоа, ме подразбуди „Отвореното писмо“ што го потпишаа 76 видни домашни и странски интелектуалци, научници, книжевници и уметници, од кои повеќемина почитувам, некои ги сакам со безусловна љубов, а меѓу кои секако најсилно свети ѕвездата на Милан Кундера, чијашто „Шега“ одигра важна улога во моето созревање.
 

Бизарните поенти во отвореното писмо

Иако преспанскиот договор го сметам за дипломатско ремек-дело, ќе ви звучи можеби перверзно, почитувани читатели, но со радост и нетрпение седнав да ги исчитам аргументите против договорот што оваа респектабилна колона интелекти ни ги понуди во предреферендумската дебата. Писмото е концизно и писмено срочено, а поради скудниот простор на колумнава, јас ќе ги издвојам најважните поенти, по редот како што се напишани. Што е, значи, лошо во договорот?

1. Тој не е заснован на респект за меѓународното право, човековите права и демократските принципи. 2. Бидејќи се обидува да дефинира политички, историски и културни граници помеѓу „античка Македонија“ и (она што треба да биде) Северна Македонија, тој е бизарен потфат несоодветен за 21 век. 3. Конструкцијата на идентитетите не е работа за било која влада. 4. Македонија е подложена на арбитрарен меѓународен инженеринг. 5. Овој асиметричен договор нема да ги намали регионалните тензии, бидејќи само послабата страна е принудена на компромис. 6. Договорот претставува негација на уставниот суверенитет на Република Македонија. 7. Атрибутот „македонски“ ќе биде избришан од сите службени документи и од јавна употреба под закана од орвелијански санкции. 8. Членството во НАТО нема да доведе до социјален и економски прогрес или безбедност за малата македонска држава.

Што може да се рече за овие аргументи? Ако одиме по ред, ќе забележиме дека ставовите од 1 до 6 се прифатливи навидум за секого, но од сосем разочарувачки причини: затоа што се општи места и затоа што се однесуваат на проблемот, а не на неговото решение! Прво, спорот околу името никогаш не бил правен спор, или етички спор, а ниту пак имал некаква врска со демократските принципи: се работи за политички спор што се решава единствено со политички договор. И, толку! Се разбира дека дефинирањето политички и културни граници помеѓу нас и античка Македонија е „бизарен потфат несоодветен за 21 век“! Кој не го знае тоа? Но, не е бизарен преспанскиот договор, туку е бизарен децении стариот спор за името што го „верификуваа“ Обединетите нации уште пред четврт век, а во меѓувреме стана услов за нашата геополитичка судбина, да не речам опстанок! Спорот е тој бизарен потфат, дами и господа, а не договорот, кој е неговото изненадувачки елегантно решение.

И петтиот аргумент ја сликува замената на тези што се провлекува низ целото „Отворено писмо“: договорот е „асиметричен“.

Всушност, потписниците на писмото цело време го гледаат апсурдниот спор за името помеѓу двете држави, што прерасна во планетарно прашање кога стана пречка за македонските интеграции во меѓународните организации, та епитетите што овој спор веќе предолго време обилно ги заслужува, тие сега му ги препишуваат на неговото миракулозно решение!? Затоа ставот дека договорот е асиметричен е празен софизам, бидејќи никогаш не постоел симетричен договор… и нема да постои. Спорот е тој што е асиметричен; Македонија и Грција се асиметрични; ние и НАТО сме асиметрични, а само преспанскиот договор е симетричен, зашто договорите – политички или други – познаваат само еквиваленција, а симетријата ја создаваат изјавите на двете страни дека се сложиле (исто како и симетричните реакции на противниците на договорот од двете страни на границата), а не материјалната, содржинската симетрија на предметите на договорот, која не постои ниту во теоријата.

 
Ќе треба сами да (с)работиме

Истото важи и за шестиот аргумент: општо место, откривање млака вода, чиста баналност. Да, точно е дека со договорот се негира дел од суверенитетот на земјата, но секој меѓународен договор тоа нужно го прави! Секој! Релативизацијата, ограничувањето и деапсолутизацијата на државниот суверенитет е кондицио сине ква нон на денешницата, на стварноста што ја создадоа Обединетите нации и, конечно, на сите меѓународни договори во коишто без исклучок секогаш „валута“ е дел од државниот суверенитет. Тоа би требало да се учи уште во средно школо.

Седмиот аргумент нема да го коментирам, зашто се работи за дезинформација, недоразбирање или лага. Но, осмиот – иако се работи за „аргумент од кристална топка“ е интересен, особено затоа што е длабоко вистинит: да, со двете раце потпишувам дека членството во НАТО нема автоматски, само по себе да доведе до социјален и економски прогрес, па ниту безбедност во оваа културно, општествено и ментално опустошена земја. Тоа ќе треба сами да го заработиме, се надевам во услови што се подобри од оние во мафијашката држава на ВМРО, што библискиот грабеж го „покриваше“ со „патриотска“ фашизоидна идеологија на повторното раѓање на македонските ариевци!

Сè на сè, во Отвореното писмо сосем оправдано се протестира против недостојните политички реалности што се тркалаат удолу по планетава последниве децении, при што на потписниците им се поткрадоа две грешки: времето на испраќањето и адресата на примателот.

 

Слики: Paweł Kuczyński
Извор: Слободен печат


 

ОкоБоли главаВицФото