Македонците пијат најмалку алкохол во Европа?!

13.09.2018 12:53
Македонците пијат најмалку алкохол во Европа?!

Животниот век на Европејците е во пораст, соопшти европската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО), но предупреди дека напредокот е под закана од ризици како пушење и раст на процентот на дебелината.

Просечната очекувана старост во 2015 година била 77,9 години - една подолго од 2010 година. Сепак постои јаз од околу 11 години меѓу земјите со највисока и најниска очекувана старост. Во Луксембург таа изнесува 83,1 година, додека во Молдавија 71,6 години.

Извештајот кој се вика „Европски извештај за здравјето 2018“ опфаќа 53 држави, меѓу нив и Македонија.

Жените имаат подолг очекуван животен век од мажите, иако јазот е намален на 6,6 години. Жените во Европа во просек живеат 81 година, додека мажите - 74,5. Жените во Франција, на пример, во просек живеат до 86 години, но во Русија само до 65-годишна возраст.

Земјите-членки на европскиот регион на СЗО во 2012 година се согласија за шест клучни цели за 2020 година, меѓу нив: намалување на предвремените стапки на морталитет, зголемување на очекуваниот животен век, и промоција на универзален пристап до здравствена заштита.

Пушењето, алкохолот и дебелината се наведени како ризични фактори кои би можеле да го сопрат напредокот кон остварување на целитена СЗО.

Грција и Србија се рекордери по стапката на пушачи која изнесува околу 40 проценти. Европа е позната и како регион со најголема конзумација на алкохол, во просек - 8,5 литри по жител годишно. Рекордер е Литванија со малку над 15 литри по жител, додека Македонија, изненадувачки, има најнизок просек од 1,1 литри по жител.

Повеќе од половината од европското население - речиси 59 отсто - имале прекумерна тежина, додека стапката на дебелина е околу 23 отсто.

Во овој дел, Македонија е при самиот врв во однос на прекумерната тежина и дебелината - со просечна стапка од речиси 40 проценти кај децата на возраст од 11 години и нешто под 30 отсто кај адолесценти на возраст од 13 години. Добра вест е дека Македонија е на дното во однос на пушењето цигари од страна на адолесценти на возраст меѓу 11 и 13 години.

Извор: DW