Отворен саемот на уметност „Ин Ситу“

14.09.2018 01:01
Отворен саемот на уметност „Ин Ситу“

Меѓународниот саем на уметност Ин Ситу се одржува по петти пат од 13 – 15 септември во Младинскиот културен центар – Скопје.
Саемот има три програмски категории: визуелни уметности, дизајн и архитектура.

Годинешната ликовна поставка на саемот е курирана од Ана Франговска, поставката за дизајн ја курира Драган Христов додека куратори на програмата за архитектура се Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.

Оваа година саемот ќе претстави повеќе од 60 автори учесници со потекло од 10 земји учесници, како и две предавања од областа на архитектурата на Фала ателје од Порто, Португалија и ФАКТ од Берлин, Германија.
Жири комисијата во која оваа година членуваат Небојша Вилиќ, Ана Ивановска Дескова и Мартин Штефенс (Берлин) ќе награди двајца учесници од ликовната поставка со учество на фестивалот за уметност „ 48 Stunden Neukölln“.

Ин Ситу саемот за уметност има значајна улога во изложувањето и претставувањето новитети во уметноста, дизајнот, архитектурата и креативните индустрии, како продолжение на она што досега беше Паратисима Скопје. За првпат во своето ребрендирано издание, Ин Ситу досега може да се пофали со претставување на повеќе од 450 автори учесници од 39 земји и импозантна бројка меѓу 5 и 7 илјади посетители на минатогодишното издание. Неговите организатори велат дека целта на Ин Ситу е да обезбеди столб за раст и развој на современите и конвенционални формати на изразување и оти е инклузивен во својот пристап и ексклузивен во своите изведби. Организаторка на саемот е Бојана Стојменовска.

„Сметам дека дојде време Скопје да има свој саем на уметност кон кој ќе се труди да ги привлече талентираните уметници од градот, земјата и од странство, со цел да придонесе во развојот, обликувањето, интернационализацијата и промоцијата на локалната уметничка сцена и творештво“, вели Стојменовска.

ОкоБоли главаВицФото