1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
Десетта
Критиката на дивиот пазар најмалку треба да ѝ се препушта на црквата која институционализираната експлоатација ја замаглува со говор за отсуство на братска љубов. Треба јасно да се каже дека вонземското не може да биде основа на моралот. Солидарноста која се темели на рационално откривање на световните извори на нееднаквост не треба да се меша со заговарањето љубов кон блискиот како клуч за спас и вистинска врска со бога. Во рамки на современата ретрадиционализација црквата треба јасно да се распознае како организација на ирационално спасување со монопол на давањето милост. Не само што црквата по крахот на социјализмот не им ја ускратува милоста на новите владејачки групи туку главните патишта за спасување ги бара токму во рамки на интересите на владејачите. Нема позначајна политичка група ниту почеток на производството без посветување. За власта на партиите или експанзијата на капиталот да биде помалку проѕирна како обичната моќ на парите, партиите и фирмите таа ја морализира својата активност преку ритуални врски со вонземското. Поповите како професионални посредници во достигнување на спасувањето ја благословуваат акумулацијата, а за возврат црквите добиваат донации. Постојаност во уживањето милост обезбедуваат разновидните посветувања и партиските и претприемачки крстени слави. На работничките штрајкови нема попови, но тие се неизбежни на националните и партиските собири и славите на тајкуните. Како и некогаш и денес во ретрадиционализираната Србија имотните се во милоста божја, а покорното трпение ги облагородува покорените. Левицата не треба да ја деконструира религијата како привид на спасување, туку како лост за оправдување на системските нееднаквости на капитализмот.
Единаесетта
Во оваа задача нужна е критичка социологија која треба да ја развива системската критика на хегемониот дух на времето, а не да биде социјална технологија или моралистичко критизерство. До неодамна оваа наука беше синоним за критичка наука, а од неодамна сè повеќе е општествена технологија која го усовршува претприемачкиот дух и ја анализира транзицијата, наместо да се занимава со осмислување пречки за приватизацијата и комерцијализацијата и јаловата политизација на секојдневното живеење. Денес јавната употреба на умот се сведува на апологија на слободата на претприемништвото, транзицијата, вербалистичката одбрана на правната држава и националниот интерес. Социјалната држава ја загуши легализмот, пазарната конкуренција ја уби солидарноста, а национализмот стана критериум на патриотизмот. Во сите сфери се пробива зборот лидер како ознака за победник во конкуренцијата и трката за добивка, а профитабилноста стана речиси критериум за моралноста. Социолошкото просветување треба да ја разбие маглата на новите поими која се крена откако се појавија нови видици по крахот на реалниот социјализам. Дури откако ќе се направи тоа може да биде видлива целината на новите нееднаквости, а не само нејзиниот епифеномен – бедата. Да се види целината значи остро да се маркираат нови извори на капиталистичка нееднаквост и да се прозре нивната идеологизација. За почеток тоа значи нормативно да се превреднува неолибералната терминологија: транзицијата треба да се чита како пат кон нееднаквоста, легализмот како морализам на приватизацијата, а Европската унија не како „големо братско семејство“, туку и како небратско општество на нерамноправните. Ако личниот успех може да се мери со профитот, општествениот напредок секако не може. Ваквото просветување не е лесно зашто левичарската интелигенција не може да ја разниша епохалната свест без моќна општествена сила. Пред тоа левицата мора да ја дефинира сопствената одговорност за фактот дека капитализмот денес се покажува како сè понормален и поневин како и за тоа што капиталот не се извлекува само од демократската контрола туку е имун на секоја системска критика. Левичарската критика секако ја отежнува новата планетарна етика и новиот морален патос на планетарната свест како контекст за ново спасување. Не е лесно да се проблематизира предизвикот за нов миленијаризам кој го искажуваат глобализацијата, интернетот, екологијата, крахот на комунизмот и мултикултуралноста. Новиот глобален склоп го олеснува новото морализирање на безалтернативната сегашност. Треба прецизно да се распознаат центрите на новиот морализам затоа што секој морализам го стеснува мислењето, а оној што повикува на морал не е подготвен да учи. Морализмот ги апсолутизира моралните начела или ги применува строго и исклучиво во критика на општествените односи. Екстрем е моралниот фундаментализам, кој поаѓа од симетријата на правата и должностите, па во критиката ги меша правните и моралните императиви. Притоа заборава дека кај правата е поинаква улогата на слободата отколку кај моралот. Освен тоа, кога теоретските проблеми се преобразуваат во морални, редукцијата на општествената сложеност дополнително се релативизира затоа што моралнополитичките начела не се исти секаде. Моралистичката редукција на моралниот капитализам е двојна. Се искажува во неговата критика, но и во апологијата. Пренагласената проповед за нечовечноста на капитализмот и носталгијата за социјализмот се видливи кај дел од левицата, што ги ограниува промислувањето и продорноста на анализата, а може да биде и оправдување за неработата. Не треба да се плашиме дека потиснувањето на ваквиот моралистички ламент ќе ја ублажи острицата на критиката на капитализмот. Напротив, ќе ја лиши од топлото сеќавање и меланхоличната носталгија која го спречува сфаќањето на промените во развојот на капитализмот (Вулетиќ). И левицата мора да биде начисто со тоа дека глобализацијата ја зближува и поттикнува размената на искуства.
Во новото време левичарите мораат да се соочат со сопственото минато (економските неуспеси и политичкото насилство) кое своевремено го замаглуваше токму хиперморалистичката критика на капитализмот. Социјализмот од 21 век не може да биде затворен систем, туку отворен кон глобализацијата. Значи, не празна визија, опасна утопија која заведува, ниту историска нужност, туку историски втемелен хоризонт на смислата и алтернативен регулаторен принцип на современиот капитализам. Морализмот на неолиберализмот е поинаков и се искажува директно и посредно. Економската слобода е предуслов за политичка слобода, а тоа што богатите купуваат гласови, а во дивиот капитализам дрога и луѓе, се толкува како деформација, а не како структура на неолиберализмот. ЕУ се морализира со балканистичкиот дискурс: критика на етничкото чистење, диктатурата, војната, хаосот, Босна и Балканот. И нејзиниот неолиберализам поаѓа од процедурите и позитивното право како врвен критериум за праведност, а се запоставува природното право и се заборава дека и правото подлежи на морална оценка. Се оправдува со легалноста на постапките, со што се морализира позитивното право зашто легалноста се поистоветува со легитимноста. Изборите се круна на легитимноста, но малкумина се прашуваат за изборната манипулација на богатите кои ги финансираат кампањите и создаваат „легални“ установи. Лесно е да се согледа дека токму оттука што е кадарен со пари да наметне изборна волја, неолиберализмот не се плаши од плурализмот. Најчесто станува збор за вербален плурализам, зашто во реалноста на разни начини се пропишува тврда скала на вредности фокусирана околу слободата на акумулирањето. Кога тенденцијата за еднаквост се денунцира како тоталитарна природното право незабележливо отвора простор за правен децизионизам. Одлуката останува легална и кога е стекната со манипулативна поддршка на покорените и сомнителни пари на изборите. За неа не може да се дискутира зашто се исчезнати подлабоките природноправни начела на легитимноста. Лишен од пречките на природноправната критика после падот на европскиот социјализам, неолиберализмот со антитоталитарна реторика ги наметнува клучните вредности на епохалната свест и политичката коректност. Навидум плуралистички и саморазбирлив, неолибералниот морализам кој господари со јавниот дискурс во основа е репресивен. Залагањето за демократија, правна држава, „невидлива рака“ на пазарот и сеопшта приватизација додуша не му брани на другиот да размислува поинаку, но несогласувањето успешно го маргинализира со моќта на парите. Договорот кој гарантира само привремена работа ја зголемува слободата, но на сопственикот на капиталот. Станува збор за репресивна толеранција на богатите за чија еднаквост пред законот и денес важи она што го рекол Анатол Франс: тоа е еднаквоста која подеднакво им забранува на богатите и сиромашните да крадат леб и во иста мера им дозволува на богатите и сиромашните да спијат под мостови. Слеп е оној што го гледа извитоперувањето на либерализмот во околности во кои максимизацијата на профитот и приватизацијата понекогаш преминуваат во аморален децизионизам и брутален социјалдарвинизам. Напротив, станува збор за природна еволуција на либералната конкуренција лишена од солидарност во расизмот и фашизмот. Трговијата со робови во САД и Бразил во 20 век и германскиот нацизам подеднакво се уверливи историски примери доследни до екстреми на развиените начела на капиталистичката конкуренција. Бруталната природа на либерализмот кон крајот на 20 век одново е нормализирана зашто глобализираниот капитализам ги разори општествените врски (сè може да се купи) и го зголеми потенцијалот на насилството. Создавањето социјална држава ги тера владејачките групи повеќе да вложуваат во трошоци за безбедност затоа што расте криминалот предизвикан од бедата, а вооружените грабежи стануваат заразен ризичен начин за создавање почетен капитал. Реално лесното добива статус на единствено можно, а безалтернативноста полесно стекнува нормативно покритие и заради деградацијата на утопијата на опасна фикција. Малку е веројатно дека капитализмот ќе се цивилизира спонтано, односно дека со текот на времето ќе создаде услови во кои луѓето ќе можат достоинствено да работат и да живеат, ако визијата на левицата, како збир од неминливи вечни човекови идеали (општествена правда, солидарност, слобода за потчинетите, помош за сиромашните) е маргинализирана, а конкуренцијата морализирана? Ако глобализацијата е неповратен процес, колкава неправедна нееднаквост може да се издржи? Дали е доволно само трпеливо да се чека она што Хегел во „Филозофија на историјата“ го препознал како вознемирувачки историски образец: дека цивилизациите се распаѓаат заради самоубиственото пренапрегнување на сопствените основни начела? Со други зборови, дали вишокот конкуренција спонтано ќе ги создаде гробарите на глобализираниот неолиберализам? Непредвидливиот развој секако крие латентна алтернатива, но нејзин свесен детонатор може да биде само системската, а не реформска критика на капитализмот.
Крај.
Илустрации: Jacob Lawrence
Извор: http://www.noviplamen.net