За името

14.09.2018 02:53
За името

И јас нешто да кажам за името. По малку се плашам, оти да се зборува за името е рамно на табу тема кај нас. Всушност не знам што да кажам за името, многу подобро за него се изјаснуваат историчарите или филозофите и филолозите, поетите и писателите.

Според некои иследувачи името Македонија е свето, тоа е манифестација на Логосот за овој народ на ова парче земја. За други тоа е фетиш околу кој се врзува голем емотивен набој! Можеби вистината е негде помеѓу тие два пола!
Факт е дека историска неправда му е направена на македонскиот народ и тој постојано чувствува губиток, затоа многу сограѓани емотивно реагираат на прашањето за името. Тие би ме запрашале :„Како ќе се чувствуваш ако нeкој ти забрани да се викаш Татјана и така ти го оневозможува или ти го укинува идентитетот?“

Да бидам искрена, ако некој ми го забрани моето лично име воопшто нема да бидам тажна ниту потресена, ќе си одберам многу поубаво. Ова име цел живот ми носи страдања на некоја христијанка Татјана-маченица која во Рим била фрлена на лавовите. Или на Татјана од руската литература која исто така многу страдала. Ќе си одберам некое друго име, не толку оптеретено со древни страдања, како на пример името Бисера како бисер морски или охридски или Ананда или Нур или Бела или Светлина или некое трето.

Не сфаќам во каква врска е моето име со мојот идентитет. Некој да ми влезе во ткивото и клетките (да не кажам – во душата) и да ми ја одземе бојата, бидејќи таа е мојот идентитет, нема шанса. Бојата не може никој да ми ја забрани или скрати, бидејќи таа не му припаѓа никому туку само на светлината.

Духовен идентитет е како бојата-светлина, не може никој да ти ја одземе, ниту да ти ја подари.

Веројатно кога ќе влеземе во големото семејство на ЕУсите Македонии, и северна и јужна и источна и западна и централна, ќе бидат дел од една територија и така сите луѓе од овие простори ќе заживеат вистински во единство.

„Но, ние сме вистинските Македонци!, а не тие!“ – е тука е големата болка и опсесија. Проблемот е во лажниот идентитет, бидејќи вистинскиот - духовниот идентитет не зазира и не се плаши од другите и не ги мрази...

Слики : Татјана Миљовска
Од серијата „Океан“ , 2018; „ Пламен“, 2018