Македонија vs. Приднестровие

14.09.2018 03:40
Македонија vs. Приднестровие

Пред некоку месеци бев во Тираспол, главниот град на Приднестровие. Можеби сте чуле за таа мала, отцепена и самопрогласена република во рамките на меѓународно признаените граници на Молдавија. Во период од 28 години ја имаат признаено само три држави, со исто така чуден статус: Република Јужна Осетија, Социјалистичка република Абхазија и Република Нагорно Карабах. Сигурно си имале свои причини да се осамостојат, а и светот изгледа имал свои причини да не ги признае. А непризнаените си се признале меѓу себе.

Тираспол е најверојатно еден од ретките градови во светот каде што овие земји имаат свои претставништва, а јас нивните метални плочки со натпис на официјалните јазици и на романски на кирилица, првпат ги видов во животот. Патот во Тираспол ме нанесе намерно: бев на патување со семејството и со нашите словенечки пријатели во Кишињев, Молдавија.

Еден ден се качивме во автобусот Кишињев-Тираспол и по едноиполчасовно клацкање и непонослива жештина помешана со секакви миризби, а пред се на сирење во солило и на овошје нагмечено во пластична кофа, на границата помеѓу Молдавија и Приднестровие моравме да излеземе од автобусот, да пополниме формулар за туристичка посета и да се потпишеме под изјавата дека земјата ќе ја напуштиме истиот ден. Чуден страв почна да ме фаќа уште таму, на шалтерот на Приднестровие.

Главниот град, Тираспол, нè пречека речиси празен, но потполно во духот на советскиот социјализам. Фотографија за на Инстаграм, да го имав: православна капела, пред неа тенк, покрај нив споменикот на Ленин. Наоколу полиција и војска, се проверуваат сите автомобили што влегуваат во центарот на градот. Насекаде симболи на власта, едно градско кино со филм во 17 часот, една пицерија и еден ресторан на главниот булевар. Штама, заканувачка и речиси морбидна, небаре очаен крик, и една тешка осама, леплива како мед, ама без млеко. Десетина работнички во униформи ја бојосуваа оградата крај булеварот. Цел ден ја бојосуваа, без збор, во саботен ден, препуштени на идеалите на нивната чуд(ес)на земја.

Во централната витрина на Музејот на историјата стои маица со ликот на Путин, руска кучма и руска вотка: „Тоа сме ние, нашиот став во животот, она кон што се стремиме, нашата цел – вели вработената во музејот. Да не им верувате на вашите медиуми – ние сме среќни и задоволни, а не како што не прикажуваат.“ Не знаат дека за Приднестровие никогаш никој не кажува ништо во нашите медиуми. Приднестровие – проруска државичка непризнаена дури ни од Русија. Без аеродром и пристаниште. Со три конзулати: руски, молдавски и украински – во еден од нив веќе бил секој граѓанин на Приднестровие, бидејќи неговиот пасош, приднестровскиот, му важи само до граница. „Со приднестровскиот пасош, се смее тивко и самоиронично една друга вработена во музејот, откако првата ја снема, може да одиме само на пазар“. Фарса од држава. Детска игра на тема: формирање држава.

Веќе 28 години сама за себе, со себе. Млади во градот речиси и нема, со еден од пасошите на Русија, Украина или Молдавија, веќе избегале и од татковината и од татковците и мајките. Фабриките се затворени, политичарите 28 години преговараат со светот, но светот не признава парче земја што се самоизолирала со помош на руски платени војници чии имиња се напишани на фасадата на музејот. Русија те ќе ги земе, те нема да ги земе, ама ни таа 28 години не и пружа рака, освен со по некоја рубља и индоктринација. Каква иронија - самоотцепено, Приднестровие страшно сака некому да му припаѓа, ама нема кому.

Изолација, безизлез, клаустрофобија.

Никогаш и никаде во животот не сум се чувствувала и јас така: изолирана, во безизлез, со клаустрофобично чувство дека нешто може да ни се случи, дека ќе пропаднеме во некоја дупка од приднестровската вселена, дека ќе не снема. Какво олеснување кога одејќи кон автобуската станица, молдавскиот автобус за Кишињев ни застана среде улица: втрчавме внатре, а возачот ги затвори зад нас вратите. Ох, конечно. Се почувствував како оние политички имигранти на кои им успеало да се пикнат во последен миг во некоја странска амбасада, а зад нив да се затвори тешката врата пред да ги зграпчи раката на државниот чувар. На сигурно.

Не, тоа не беше обична екскурзија во некој друг град, во некоја друга земја. Тоа беше екскурзија во непознато, во колективно несвесно, во архетипско лудило. Таму кадешто твојот живот може за миг да висне на конец само затоа што во умот ти се ројат мисли забранети за идеологијата, за државата непризнаена од никого, дури ни од оние кои ја поттикнале да се отцепи, да се осамостои. Самостојна, а пред се сама. Страшно сама и осамена. Земја на духови.

Ни неколку месеци по посетата на Приднестровие не ми е јасно зошто секогаш кога помислувам на неа, во некој од мозочните слоеви, ненамерно, но упорно, ми се појавува Македонија. За разлика од Приднестровие, Македонија е навидум сосема демократска земја, со нормални структури и нормален живот. Ама зошто, сепак, ми се појавува помислата на Македонија, а не на некоја друга земја, на пр. на Словенија? Зошто ли ми се чинат некако слични Македонија идната и Приднестровие сегашната? Како во дистопија ја гледам Македонија слична на Приднестровие: изолирана, во безизлез, клаустрофобична, без млади, влетани во последниот автобус кон Европа, со музеј на историјата во кој во централната витрина стои маица со слика на...? Чија, не знам ни сама. Не е ни важно. Со пасош за на пазар. Со три конзулати за бегство во светот. Со претставништва на земји за кои ретко кој слушнал дека постојат. Со земја во застрашувачка штама која е всушност очаен крик.

Ме загрижува тоа што вака ја гледам Македонија во иднина. Да, ќе си се вика Република Македонија, но кој, освен оние малкумина кои ќе останат во земјата, така и ќе ја вика? И воопшто, зарем кога живееш некаде го користиш официјалното име на државата во секојдневниот живот? Зарем велиш: во Република Македонија, а не: кај нас, во Македонија, во земјава итн. Наместо ФИРОМ да замине во историјата, изгледа ќе замине целата држава и ќе остане само името без именител. Сосе сета иднина, но и минато. Ќе ѝ пресуди сегашноста на национализмот, на кичестиот локалпатриотизам, на болниот груевизам, на самодоволноста, на жабјата перспектива, на неразумниот бојкот.

Дали тоа ја очекува Македонија после 30 септември? По посетата на Приднестровие страв ми е и да помислам на тоа.