Вознемирена (и други песни)

15.09.2018 01:42
Вознемирена (и други песни)

(Без паричникот)

Без паричникот
Без наивните златни обетчиња
Без фотографиите
Без кошничето со шамичиња и црвеното чешле
Без исечените чорапи
Без влечките
Без пижамите
Без комбинезонот
Без Печатот
Без Вистината за Тито
Без мене и кучето крај нозете
Без уличните светла отспротива
Без перчењето и кокетноста
Без исечоците од весници
Без операта
Без без без
Без дезодорансот и слатките
Не умирај тиркизноока моја мајко

 

Мајка ми лежи

Мајка ми лежи
Во летен фустан
Со чевли и свилени чорапи
Лежи на креветот
Чека потврда за смрт
На сестрата ѝ текнува дека си сакаше кармин и руменило
Па ја шминка
Откако го бараше во кошничето карминот на мајка ми
Мајка ми лежи со чевли на нозете
Коишто јас ѝ ги обув
Чека
Мирна е
(Повремено тоа присуство на сè уште
Млакото тело изгледа бизарно)
Мајка ми лежи, ѝ ја составуваме устата
Не ја исчешлавме
И, всушност, нејзините последни зборови
Беа, тешко и неразбирливо изговорени,
Чешај ме
Мајка ми потоа
Лежи во ковчегот со бел превез преку телото
Преку лицето
И во тоа тело, се гледа
Душата, во него, веќе не престојува
Тоа е сеќавање на телото, тоа реално,
Студено, од ладилник тело,
Да не се расипе
Мајка ми моја убава
Лежи
Во летен фустан
Со чевли, во гробот, длабок
Покриена со бел превез
Со земја и цвеќе
Собата и креветот
Го задржаа нејзиниот мирис, мирисот на телото што
Исчезнуваше и изчезна
Иставено, одземено

 

(Ми недостига нејзината љубов)

ми недостига нејзината љубов
скриена длабока
старинска нежност
елегантните ракотворби
светкањето на палавоста
муртењето болните прашања
нејзинатаљубовмеоблевасосветлина
лее одозгора лее
поневина од песните на невиноста

Дали ме интересираат грчки поети

Дали ме интересираат живите грчки поети
Да, да
Шпанските
Португалските, финските
Сите, европските, кајманските, зелено’ртските, поетите на саваната,
ескимските, поетите од резерватите, авганистанските, јазичните
Поетите педер-геј-хомосексуалци, хетеронимните,
Дали ме, о, дали ме интересираат живите
Универзитетско-американски, регионални,
Слем, декадентни, комунистички,
палестински, ционистички
Поетите православци
Поетесите, поетесите дали ме интересираат
Или
Или сум си доволна сама на себе, со мртвите
Во мали групи, додека не нè развее некој експеримент
тактика, НАСА
Не, не, не заминувајте
Зелено’ртски поети, карипско-карпатски
Поети на солта и смолата и јагленот
Не јавувајте ми се мене од заробеното време
Туку само од можноста на
Плазмите-струните-шуплините
О, бидете ми здрави…
Вие, ние, вие, поети

 

Вознемирена

Што и да се случи, јас се вознемирувам
реагирам бурно и импулсивно, се вознемирувам
доживувам длабоко и драматично, се вознемирувам
ако поминам под мост, посакувам желба и се вознемирувам
стилските и животни искушенија ги поднесувам храбро,
достоинствено, па, сепак, се вознемирувам
кога некаде заминувам или треба да се видам со некого,
се вознемирувам
барајќи го излезот, се вознемирувам
претпоставки, планови, најпрости задачи,
за час ќе ме вознемират.


Слики: Lorelei H. Beckstrom

Избор и препев: Магдалена Хорват

Извор: „Јас, Клаудија“ (2018)

Даница Вукиќевиќ
Поетеса и прозаистка. Завршила Општа книжевност и теорија на книжевност. Живее и работи во Белград.

Објавила девет збирки поезија и една книга песни на германски јазик: Као хотел на ветру; Када сам чула гласове; Шаманка; Лук и стрела; Прелазак у једну другу врсту; Високи фабрички димњаци; Светлуцавост и милост; Док је сунца и месеца; Ја, Клаудија; Schamаnin. Три книги раскази: На плажама; Живот је горила; Мајка обрнутих ствари.
Застапена е во бројни антологии, преведувана на англиски, шпански, германски, француски, полски, грчки, арапски...

ОкоБоли главаВицФото