1021 hPa
54 %

26 °C
Скопје - Сре, 18.06.2025 07:59
По правило не треба да се читаат стари новинарски текстови, освен во два случаи: ако правите истражување кое ќе ви помогне во понатомошното пишување и интерпретирање или ако човекот е новинар (иако тоа не оди лесно, особено во овој час) да се потсети како размислувал.
Посилен од животот
Кога се објави веста дека умрел Маријан Бенеш, помислив дека најпосле престанале сите негови борби. Дека куртулил, како што би рекле моите во Херцеговина, зашто пречките што ги поминуваше овој човек, а му ги задаваше животот или си ги задаваше самиот себеси, беа поголеми од еден човечки живот. Токму во онаа мера во која Маријан изгледаше посилен од животот, во моментот кога беше прво аматерски европски првак во бокс, а потоа и професионален.
Дојде и до светскиот трон: во тоа време тоа му успеа само уште на Мате Парлов, кого со Маријан освен благородните вештини, веројатно го поврзуваше најблагородната вештина. Поезијата. Оние што знаат, секако знаат, а оние што не знаат, можеби ќе се изненадат дека Мате Парлов, еден од најголемите спортисти што ги имал Балканот, знаеше напамет поголем дел од најдобрите песни напишани во 20 век: навидум тмурен и молчалив, ги изненадуваше луѓето со рецитирање на Ујевиќ, Крлежа, Матош или Миљковиќ. Покрај тоа, Маријан (или Марјан, како планина па влетало и „и“ за полесно да се изговара!?), роден во Белград, во семејството на Јосип и Марија (како Тито и Исус), боксуваше во полесна категорија, но изгледаше дека се занимава со потежок спорт.
Маријан беше поет, татко му и мајка му беа музички талентирани и мелодијата на зборовите рано влегла во увото и душата на момчето кое растеше во Тузла и на десет години влезе во ринг со 18 годишно момче. И победи. И, веројатно криејќи се меѓу тешките тренинзи и зачадените сали со шведски скали и излитени експерти, пишувал стихови. Од двајцата најголеми боксери, ете Мате знаел поезија, а Мар(и)јан пишувал. И ја живеел.
Трагичното чувство за светот во кој се пее, боксерите и, генерално, борците во арените, го носат од памтивек. Гладијаторската судбина е речиси совршена тема за песни и драми – колку што се напишани за тоа – како што Маријан Бенеш беше совршен модел за филм за Југославија. Секако, повеќе Ragging bull отколку Rocky, Бенеш се бореше во ринг како да е на улица. Далеку од тоа дека немаше техника и знаеше бокс, и во поезијата често е така што најдобри се оние што знаат сè, но не покажуваат многу туку дозволуваат да зборува песната.
Херој на земјата
Веројатно најатрактивниот боксер во историјата на СФРЈ (познавачите како можна но послаба алтернатива ќе го споменат само Братислав Ристиќ), беше идеален за насловните во весниците или за учество во забавно-музички емисии. Херој на земјата која делува дека ќе живее вечно додека темелите ѝ се длабоко поткопани.
Оригинално полу-велтераш, имаше неочекувано моќен, но разорен удар и тоа му дозволуваше малку полежерен однос со противникот. Односно, така изгледаше. Публиката сака такви, самоубијци, кои даваат сè за шоуто. Со спуштени раце, танц, кој веројатно го „измислил“ Реј Шугар Робинсон, играше околу противникот, помалку и понижувајќи го. Хја, Босна: не си победил додека некого не си понижил, и додека не си ја насмеал толпата. Парлов, кој им зададе можеби најмногу удари на противниците, секогаш ја штитеше главата. Маријан одеше со срцето. Отворено. Со гради. Па нека биде што ќе биде.
И беше блескаво, титула во нешто што се нарекуваше ЕБУ, европска, потоа и светска, и потоа тешки порази од кои му настрада окото. Невнимателноста против боксерот кој му беше сличен, Порториканецот Сенди Торес, ќе го чини првиот пораз во професионалната кариера во Зеница 1979 година, нека остане забележано, беше 28 август. И не само тоа: од челичното срце кое не издржа, најверојатно тргна и повредата на окото, која Бенеш ќе го оддалечи од рингот порано отколку што требаше и ќе го онеспособи за понатамошниот живот, во кој практично ќе биде полуслеп. Но и таков, и после кариерата, а надвор од рингот секогаш беше подготвен да удри. Им беше интересен на комедијантите и барабите, разните волови во човечки облик, кои доаѓаа во кафулето на Бенеш во Бања Лука, за поранешниот светски првак само да им удри по неколку шлаканици.
Нечовекот не бира начин да се изгребе од големите. Па дури од нив и да добие удар во главата. Тоа му е и целта. Бенеш сè повеќе ќе влетува во тепачки и пресметки, а митот за разбивачот со поетско срце ќе се разградува секогаш кога од своето кафуле исфрла некој пијан будала од Мањача што го провоцира. Кога во Босна и Херцеговина се собраа доволно цевки за да може да започне сериозна тарапана, Маријан веќе даваше искази за употреба на огнено оружје. Ѓаволот се пошегува и во таа судбина веќе немаше ништо романтично. Сивото стана боја на косата и боја на животот на Маријан Бенеш. А сивата е бојата на вистината. И боја на куршумот.
Удирач со босанско срце
Само два месеци по поразот во Зеница, во Сплит, Бенеш му „врати“ на Торес, но оттогаш веќе ништо не беше исто. Замислете ја само сцената во која извикуваат Марјане, Марјане, додека се крева југословенското знаме со петокраката, а нему трите бои му се разлеваат, додека во ушите му влегува некаква заматена мелодија, која би требало да биде „Хеј, Словени“. Скршеност.
Ничија судбина повеќе не ѝ одговараше на Југославија и никој повеќе не беше таа земја од Маријан Бенеш. Беше, како што е напишано во неговата биографија „Беше еднаш еден шампион“ која ја објави бањалучкиот публицист Томо Мариќ – „среќен човек во среќно и несреќен во зло време“. Со чешко презиме, маријанско име, удирач со босанско срце.
Неговиот стил не можеше да биде потполно различен од неговата судбина.
Патот низ зачадените рингови и теретаните во Бања Лука, Белград, Ниш, Тузла, Ријека, предградијата на Копенхаген, Париз и Берлин, заслужи голем споменик. Но, споменик нема да има. Ќе остане само химната „Хеј, Словени“, која беше отсвирена на гробиштата во Бања Лука, кога Маријан последно тргна на пат. На ковчегот стоеше југословенското знаме со петокрака. Само така можеше да биде погребан човекот кој беше Југославија.
Во оваа земја може да се случи да се роди некој нов голем кошаркар или голем фудбалер, некаков наследник на Един Џеко или Сафет Сушиќ. Но, на оваа земја веќе никогаш нема да ѝ се случи боксер каков што беше Маријан Бенеш. За тоа треба да се потрефи баш сè. И земјата и менталитетот и илузијата. И поезијата. Дури и тоа што беше „малцинство“ во средините во кои не живееја припадници од неговото „племе“. Тој беше симбол на друго време. И друго племе. Поет – гладијатор.
Удирач со златно срце.
Извор: http://avangarda.ba