Зошто иселениците треба да бидат првите што на референдумот ќе гласаат ЗА?

17.09.2018 03:59
Зошто иселениците треба да бидат првите што на референдумот ќе гласаат ЗА?

Текстот што следи не ги искажува службените позиции на организацијата каде работам.

Деновиве, особено на Твитер и Фејсбук, актуелна тема е гласот на иселените граѓани на претстојниот референдум. Испрочитав секакви глупости, од типот дека иселените се збирштина националисти до одговори од другата страна дека во Македонија останале неспособните кои се бунат против нив. Секако, понекогаш ќе налетате и на по некоја вистина… но вистините денеска изгледаат помалку важни.

Во очи на референдумот, секој од нас е соочен со важен избор. На тој референдум ќе се изјаснат и иселените граѓани, и тие, според постоечките закони, имаат право на тоа. Нема тука дискусија.

Јас, еве уште на почетокот ќе кажам дека ќе гласам ЗА, но во текстот индиректно ќе се занимавам со тоа. Денес ќе се занимавам со, честопати, внатрешниот дијалог кој го имам кога размислувам читајќи ги коментарите на иселениците кои повикуваат на гласање против или бојкотирање.

Нема да ги коментирам корозивните националистички коментари кои ги прозиваат оние што се ЗА како предавници, или кои креваат морална паника зошто се договарало. Ако ги тргнеме на страна, разбирливо ми е зошто кај некои дома и кај некои надвор, одлуката за промена на името предизвикува негативна реакција. Некои не го разбираат Договорот, некои имаат резерви или стравови.

Македонија е држава веќе 75 години (прво република во федерација па после сама). Од 1945 до сега имаме организиран систем на социјализација на македонскиот идентитет. Од тогаш до денес, тој не е по маргините, воден од револуционерни движења, туку е инструмент на државата — тој се учи во училиштата. Прво беше словенската нишка, социјализмот и антифашистичката борба, па на почетокот на 90-тите организирано се продаваа сликовниците на Васил Тупурковски за Александар Македонски, и понатаму ја знаете приказната. Тука некаде и престанавме да зборуваме за тоа што значи да се биде Македонец денес, не кои сме, туку што сме, кои се нашите нови идеали сега откако е постигната целта на борбата за независност. Таа празнина беше пополнета со свртување кон минатото, и централна тема престанаа да бидат луѓето туку името.

Оттука, предизвикот да разубедиш луѓе каде 75 години (неколку генерации) така се социјализирани е огромен. Реакциите се очекувани а кампањата „ЗА“ ќе треба во директен контакт со граѓаните да ги смири стравовите и да почне да нуди идеја за нова цел за национална борба.

Меѓутоа, ако некој треба да го разбере компромисот кој беше направен со Договорот, и неколкуте следни чекори кои претстојат, тоа се токму иселените граѓани.

Има три главни групи на луѓе кои во минатото се иселиле од Македонија. Првата група се оние кои што морале, односно заминале надвор во потрага по работа. Виновник за иселувањето на оваа група била државата, бидејќи не обезбедила добри економски услови за секој да живее достоинствено. Втората група е оние што не морале, но заминале за да најдат подобар живот. Оваа група се разочарала од недостигот на визија со која била управувана државата, негативната модернизација што ни се случува, проблематизирање на одамна решени прашања како абортус, загадување, низок квалитет на живот. Третата група се оние неколкумина на кои една мала држава како Македонија им е „природно“ претесна. Тие, поради нивните исклучителни способности не наоѓаат прикладна работа во Македонија бидејќи таква работа не може да им се понуди. За тоа никој не сноси особена одговорност, речиси ниту една земја (па ни најголемите) не може да ги задржи тие луѓе. Да, можеби ова е поедноставување, но доколку прифатиме дека нема цврсти граници меѓу овие групи на луѓе, опфатени се скоро сите сценарија зошто некој си заминал.

Првата група на луѓе може да одговори на дебатата околу достоинственоста или недостоинственоста на Договорот. Многу од овие луѓе заминале од Македонија поради недостоинствен живот, но во ЕУ повеќето почнале со некаков компромис. Или извадиле туѓи документи (не, не е само бугарскиот пасош во прашање, има и други начини што се употребуваат), или морале да живеат на почеток во супстандардни услови (ако отишле во некои од најголемите градови), или морале да работат на црно или навистина тешки работи. Меѓутоа, потребата да се посегне по таква шанса била доволна да се направи таквиот компромис.

Често ми текнува на една приказна која ми ја раскажаа за едни наши иселеници во Англија. Дел од нивната работа на почетокот била да берат јагоди на плантажи. Оттогаш во супермаркет не можат да јадат затоа што ги потсеќа на тоа како лазеле и им крвареле колената кога ги береле бобинките.

Втората и трета група на иселени, преку својата приказна, може да ја разберат потребата да бидеме дел од нешто поголемо, да учествуваме, како така, во носењето на некои покрупни одлуки, кои пак не засегаат и нас. Во моментов на пример, во ЕУ се носат одлуки за трговија и енергетика, за стандарди и политики во многу сфери, кои ние ги применуваме и денес, а не сме дел од Унијата. Не сме на масата кога се одлучува за нив, а треба да бидеме.

Дел од луѓето во странство, многу добро ги разбираат противречностите да се живее во ЕУ. Ги разбираат разликите во ЕУ меѓу животот во Холандија и Шпанија на пример, или пак секојдневните проблеми кои значат дека не „тече мед и млеко.“ Но уверен сум дека сите ја виделе разликата меѓу повеќето места во ЕУ и нас. Уверен сум дека како дојденци им е сосема јасно кои се придобивките наспроти некои граѓани на ЕУ кои ја земаат здраво за готово.

Така, ниту аргументот за достоинство, ниту аргументот дека ЕУ не е само приказната што ни се продава, не се аргументи против референдумот. Во обидот да се направи нешто со животот, дали е тоа личниот или оној на општеството, се соочуваме со многу предизвици кои не тераат да се прилагодуваме, да се обидуваме да ги смениме состојбите кога шансите работат против нас. Некогаш тоа значи и компромис, некогаш не гаѓа по достоинството а некогаш работите и не се толку лоши колку што изгледаат.

Со исклучок на правото на самоопределување, останатите делови од Договорот не се удар по достоинството. Ако патот до нормален живот за некои биле крвави колена по плантажи, или глувчешки јазбини од 20м2 поделени со уште три цимери, овој Договор ни одблиску не е жртвување на нешто, како што се прикажува.

И да, референдумот не гарантира дека ќе влеземе во ЕУ. Тој е само една од вратичките кои мора да се отворат ако воопшто сакаме да пробаме да влеземе. А многу од работите зависат колку различните актери во нашето општество се спремни за коренити промени.

Можеби никогаш нема да влеземе во ЕУ, можеби ЕУ во 2025-та нема да биде Унија каде што ќе сакаме да членуваме. Не го знаеме тоа, како што ни самата ЕУ не знае како ќе изгледа тогаш.

Но нашето општество не може самото од себе да се промени. Тој воз е поминат одамна — веројатно пред независноста. На нашето општество му треба помош да се обиде да се промени. Му треба реформски процес помогнат, па и финансиран од некого, му требаат и економски инекции, му треба сенешто.

Јас тој процес не можам да го видам надвор од процесот за влез во ЕУ. По мое знаење, не постои друга страна која е спремна да финансира внатрешна реформа. За трговија — да. Но за реформа не.

Со процесот на ЕУ интеграции, без разлика дали тој ќе заврши со влез во ЕУ или не, ни се пружа шанса да се реформираме. Пак ќе кажам — тоа ние мораме сами, но ЕУ ни дава шанса со тоа што ни помага. А ние сами треба да го направиме процесот најдобро што можеме, без да заборавиме дека правиме држава во која и оние што имаат малку треба да живеат достоинствено, со еднакви можности за развој, образование и успех.

Без надворешна помош можеби можеме, но шансите за тоа се на рамниште на чудо. А јас сум скептичен кон чуда.

Извор: https://medium.com