Успешниот референдум ќе го затвори вмровскиот конзулат

17.09.2018 11:25
Успешниот референдум ќе го затвори вмровскиот конзулат

Дедо ми Ѓошо Грчев, роден во далечната 1878 година, ѝ пристапил на Тајната македонско-одринска револуционерна организација неполни две години по нејзиното основање во 1896. Во струмичкиот музеј постои оригинална фотографија на која – со сериозни фаци и чудно дефокусирани погледи – позираат девет млади мажи, сите со едвај формирани мустаќи, освен централната фигура што гордо држи мустаќ модел „Гоце Делчев“ (Ѓошо седи втор од десно). Под фотографијата пишува: „Околиски комитет на ВМРО – Струмица, од 1902 до 1904 година“.

Како момче покажував невообичаено интересирање за муабетење со старците од семејството, па повеќепати го потпрашував дедо ми за неговите видувања со Гоце Делчев и премрежињата во Тајната организација. Она што ме чудеше кај дедо ми тогаш, што тој – наместо да се фали и гордее што бил учесник во настаните за кои ние учевме в школо и што лично го познавал славниот Гоце и другарите – сосем нерадо говореше за тоа време. Си мислев дека е тоа поради лошиот крај на неговите младешки бунтувања, бидејќи 1904-та, кога струмичката организација била провалена, бил фрлен во солунската зандана Беас-Куле, каде што ја чекал смртната казна или прогонството во источна Анадолија сè до хуриетот, кој и нему и на другите затворени македонски револуционери им донел слобода.

Грандиозна измама

Подоцна сфатив дека дедо ми не сакаше да зборува со своите внуци за личностите и настаните што лично ги познавал и ги проживеал, зашто неговите сеќавања биле во сериозна дискрепанца со официјалната историја и со верзијата за почетоците на македонската револуционерна борба за национална еманципација и слобода, што нам ни била сервирана да ја голтнеме со мајчиното млеко.

Паметам, особено се нервираше кога ќе го запрашав за Гоце и неговото ВМРО, кога ќе ме прекинеше обидувајќи се да ме исправи, но бидејќи веќе беше во своите деведесетти, без ниту еден заб во устата (социјалната вилица ја презираше), поради неговиот шушкав и беззаб изговор, никогаш не успеав да разберам што сакаше да ми соопшти толку упорно. Ми викаше: „Не е точноо, ние бевме ту-моо-роо!“ Имав збунка со тоа нејасно пелтечење што ми личеше единствено на англиското „утре“, но дедо ми не знаеше ниту збор англиски, а и мојот „превод“ беше очигледно бесмислен. Многу подоцна сфатив дека митот за ВМРО како единствена организација што го обезбедува континуитетот на револуционерните стремежи на македонскиот народ од крајот на 19-тиот век и наваму, е „грев“ на службената комунистичка историографија, која во првите децении од постоењето на македонската држава се трудеше „политички коректно и опортуно“ да ги „испреде“ нишките на континуитетот на нашата борба за слобода барем половина век наназад. Дури многу, многу подоцна разбрав што ми викаше дедо ми в лице: дека тогаш не постоело ВМРО, туку дека организацијата се викала ТМОРО.

Да, помина ептен многу време откога дедо ми Ѓошо правеше гадлива фаца и ја брчкаше устата во неверојатна гримаса на плукање или бљување: тој акронимот ВМРО го врзуваше единствено за вистината на својот живот, а не за подизмислените приказни за деца што неговите внуци му ги плескаа в лице. А, таа вистина беше дека ВМРО е основана по Првата светска војна од страна на бугарската царска полиција, со единствена цел да ги одржува во живот великобугарските интереси во Вардарска Македонија. Тие вмровци дедо ми секогаш ги викаше „бугараши“ или „кољачи“, зашто цела деценија и пол по Првата светска војна тој – како велетрговец што не сакаше да им плаќа рекет – беше на нивниот црн список за убивање. Дека вмровските кољачи направиле дури три обиди да го ликвидираат, ми сведочеше и мојата тетка, која – уште девојче – во еден од обидите, убиецот го затекнала како прикрадувајќи се влегува во нивната семејна куќа.

Така што, си мислам, почитувани читатели, колку време ќе ѝ треба на оваа наша запустена држава и потклекната култура да ја демонтира грандиозната измама на денешните вмровци дека постои каков и да е континуитет – организациски, идеолошки или патриотски – помеѓу стремежите, целите и борбата на Илинденците и целите и приклученијата на ВМРО на Александров и Михајлов… или ова денешново ВМРО на Груевски и Мицкоски.

Македонски пасош

Всушност, постојат други два силни континуитети: едниот е помеѓу Илинденците и Титовите партизани, кои се бореа за истата македонска кауза и во Втората светска војна беа на истата антифашистичка страна, а другиот е помеѓу фашистичкото ВМРО помеѓу двете светски војни и ова денешново. Ако ништо друго, и онаа „бугарашката“ партија – како што ја викаше дедо ми Ѓошо, и оваа мафијашката, имаат очигледно заеднички и забележителни заслуги за остварување на деветнаесетовековната великобугарска кауза. Додека онаа ВМРО на Александров и Михајлов може да се пофали дека подло егзекутирала повеќе илјади невини Македонци кои не сакале да им го плаќаат „бугарашкиот“ рекет, оваа ВМРО-ДПМНЕ успеа за само една деценија на Македонците да им издаде повеќе од 100.000 бугарски пасоши!

Во вакво светло гледано, кукавичкото, саботерско и навидум неразбирливо однесување на ВМРО-ДПМНЕ по однос на претстојниот референдум, станува сосем логично и лесно објасниво. Бидејќи ВМРО сè уште работи како најуспешното задгранично конзуларно претставништво за регрутирање баратели за издавање бугарски пасоши, перспективата дека Македонците ќе можат да патуваат низ Европа со македонски пасош, а бугарскиот ќе ја загуби својата пазарна вредност во земјава, практично ја уништува иднината на скопскиот конзулат (познат како Куќа на фашизмот), кој ќе мора да го затвори дуќанот! А, тоа, се разбира, ВМРО не смее да го дозволи!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото