1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Ако се прочита целиот говор на Христијан Мицкоски, па дури и ако се анализираат и неговите претходни говори и обраќања на оваа тема, јасно е дека на долго и на широко, божем, се експлицира во јавноста дека Спогодбата е штетна, но ниту еднаш конкретно не се посочуваат членовите и не се анализираат збор по збор, за да се појасни зошто се штетни.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во говорот одржан во Штип, а во врска со претстојниoт референдум, изрече на моменти ставови кои ги оценуваме како извртена вистина, т.е. спин:
Ќе беше белким полесно и за Кљусев и за Глигоров доколку се согласеа на сè што бараше нашиот јужен сосед во девеесетите, но тие не го направија, а не го направија затоа зошто не дозволија да ја видат сопствената држава понижена, омаловажена и урнисана. Денес имаме политичар кој тоа го прави и не се срами што тоа го прави. Го имаме Зоран Заев и неговата владина свита. Човек и луѓе кои немаат никаков проблем да зборуваат колку го почитувале минатото, додека мртви-ладни на дело формираат комисија која ќе ни ја ревидира историјата, како обврска која тие си ја преземале во името на сите нас, иако никој не им го дал тоа право. И уште поважно, спроведуваат одредба од договор што Заев и Димитров сами си го потпишаа и најважно од сè – спроведуваат одредба од договор којшто воопшто, во овој момент, не е на сила, само да му се допаднат на Ципрас и Коѕијас, ништо повеќе и ништо помалку!
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ веб страна, датум: 16.09.2018]
Контраспин: Со сета почит за слободата на говорот, што јавноста треба да ја има генерално за секого па и за лидерот на најголема парламентарна партија што е во опозиција, Христијан Мицкоски, сепак, не може, а да не му се забележи спинувањето, кое одвреме-навреме се среќева во неговите настапи.
Конкретно и исто извртување на вистината, во рок помал од една недела, Мицкоски повтори во неговото обраќање пред приврзаниците и граѓаните на Штип, каде што ВМРО-ДПМНЕ на 16.09.2018 година одржа протестно собирање – марш, насочено против Договорот од Преспа.
Имено, Мицкоски повторно ја извртува вистината кога вели дека „мртви – ладни на дело формираат комисија која ќе ни ја ревидира историјата, како обврска која тие си ја преземале во името на сите нас, иако никој не им го дал тоа право… и најважно од сè – спроведуваат одредба од договор којшто воопшто во овој момент не е на сила, само да му се допаднат на Ципрас и Коѕијас, ништо повеќе и ништо помалку!
„Вистиномер“ веќе го појасни овој спин на Мицкоски, но бидејќи тој е упорен, упорноста ќе ја повториме со повторно објаснување на спинот. Многу едноставно, комисија која треба да ја преразгледа и ако утврди за основано и да ревидира некои вистини, не само од историјата, треба да се формира веднаш, односно во рок од еден месец од потпишувањето на договорот.
Таа комисија е заедничка интердисциплинарна и е составена од претставници и од Македонија и од Грција, а нејзините обврски, како и времето кога ќе биде формирана, се одредени во членот 8 од Договорот, како и во членот 20, каде се регулураат Преодните и Завршните одредби. Повеќе детали можат да се прочитаат во текстот „Експертски комисии на Македонија и Грција се обврска од Спогодбата со прецизен временски рок“, кој е објавен на 13.09.2018 година.
Но, покрај повторувањето на овој спин, Мицкоски, како и други претставници на партијата, повторуваат уште една извртена вистина, т.е. спинуваат дека Македонија губи сè со овој договор. Во најновото издание на оваа теза кај Мицкоски на споменатиот митинг во Штип, таа е завиткана во зборот “вложување“:
Прво ни го вложија името со времената референца, па го вложија државното знаме, па дојде на ред новата територијалната поделба, па сега од нас бараат да вложиме сè што ни преостана и на што недвојбено полагаме на тоа суверено право: Уставот, идентитетот, името, нашите сонародници од соседните држави.
Бидејќи, како и вообичано во говорите и обраќањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и генерално од партијата, нема аргументи за самиот договор, т.е. не се дебатира по одредени членови кои би биле капитулантски и штетни како што велат, ќе се обидеме со деконструкција на реченицата на Мицкоски да го покажеме спинот.
„Бараат да вложиме се што ни преостана и на недвојбено полагаме на тоа суверено право: Уставот (точно – со договорот тој ќе се промени), идентитетот (неточно, со договорот во ниту една одредба не се допира идентитетското прашање на Македонците), името (делумно точно – се става географска одредница пред името Македонија), нашите сонародници од соседните држави (неточно, со договорот има обврска за прецизирање на член од Уставот со кој ќе се дефинира како Македонија ќе се однесува кон своите сонародници секаде во светот, вклучувајќи ги и нашите соседи)“. Впрочем, сето ова читателите можат и сами да го проверат во текстот од Спогодбата.
Притоа, се оди со оценки и квалификативи – капитулантски, уништувашки, штетен, погубен и слично, при што се употрубуваат многу често и спинови, како што може да се види и од овој текст.
Оттука, деловите од говорот на Мицкоски, што ги посочивме во самиот текст, ги оценуваме за извртена вистина, односно спин.
Извор: Вистиномер