На европскиот референдум победи Македонија!

18.09.2018 13:48
На европскиот референдум победи Македонија!

Како се случи заробеното и заборавено државиче од европскиот југ, тоа плишано копче на балканската перница, преку ноќ да се претвори во Сантјаго де Компостела на политичките ходочасници од целиот западен свет?

Меркел, Могерини, Курц, Матис, Хан, Столтенберг… не се добројуваат претседателите, премиерите, секретарите, комесарите и дипломатите што дојдоа да се поклонат на Договорот со Грција и да посакаат успех на референдумот. Со пораки дека на триесетти септември Македонија нема да гласа само за еден билатерален договор, туку и за својата иднина и за своите перспективи, можеби и за својот опстој. Макар што сите се трудат да го избегнат тоа ниво на драматизација во своите обраќања.

Противниците на референдумското изјаснување и на новите решенија за Македонија, тврдат дека европската и американската политичка елита доаѓаат во Македонија за да ги заштитат сопствените интереси, а не интересите на Македонија.

Тоа е особено глупаво објаснување. Зашто априори ги конфронтира интересите на светот и интересите на Македонија. Кога тоа би било така, ние внатре би требало да отвориме дебата за тоа кој и како ги довел македонските интереси во спротивност со интересите на светот. Обратно, јас мислам дека треба да го славиме развојот на настаните кој доведе до вака категорично поклопување на интересите на Македонија и тие што ги дефинираат нашите важни соседи, Европската Унија, најважните членки на Унијата, всушност сите членки и, како глобален геополитички фактор број еден, Соединетите Американски Држави, преку изјави на важни политички личности, преку соопштение на Стејт департментот и преку посетата на министерот за одбрана Матис.

Шанса не само за Македонија

Би сакал да издвојам неколку фактори што ја дефинираат ситуацијата:

Прво, Европската Унија сака да симне од дневен ред едно прашање кое долги години виси и го деформира ободот на европскиот шешир. Станува збор за фамозниот проблем со името, се разбира.

Второ, проблемот стана особено актуелен на фонот на мигрантската криза и, можеби, уште повеќе, на фонот на новата агресивна надворешна политика на Руската Федерација, насочена кон дестабилизации во окружувањето на НАТО, со особена заинтересираност да се спречи пополнувањето на дупките во тој блок. Црна Гора и Македонија се добри примери за тоа.

Трето, тој проблем се јавуваше и сè уште се јавува како илустрација на функционалната неефикасност на Унијата во врска со темите какви што се оние за проширувањето, за надворешната политика или за безбедноста итн.

Четврто, на Европа ѝ е потребна приказна со која ќе може да парира на бранот на популизмот, национализмот, па, дури, и фашизмот, кој заканувачки го заплиснува стариот континент од крајниот север до крајниот југ.

Петто, на светот не му оди добро во решавањето на крупните проблеми. Ние сме тема на која се покажува дека работите можат да функционираат и поинаку. Тоа е шанса не само за Македонија, туку и за Балканот и за цела Европа, да се направи напредок и чекор кон просперитет и кон стабилност, пред се, за нас, но и за целиот регион, убаво забележува таткото на ќерката што со својата стипендија за момент ѝ пружи шанса на нацијата да одработи еден тренинг во омилениот и спорт: морализаторско плукање од блиску.

Тоа е тоа внимание на кое сме изложени, а кое за нас е шанса да се реконституираме откако така стрвно успеавме да ги изедеме коските на илинденска, на асномска и на независна Македонија, да се втемелиме во реалната политика и во конститутивните елементи на Европа, за што е клучно да се сведеме на својата вистинска мерка, да престанеме да мислиме дека со влакната под мишките можеме да летаме. Да се ослободиме или макар да почнеме да се ослободуваме од идејата за тие влакна така густо вткаени во митот за ВМРО, во фасцинацијата од светските договори со кои се крои нашата судбина (Берлин, Букурешт, Сан Стефано, Версај…) и, истовремено, договори од кои се очекува да ја надоместат нашата фаталистичка пасивност во поглед на спасот на Македонија, во ексклузивната узурпација на идејата за Македонија, во идејата за неправдата што ја следи Македонија и ја дефинира како жртва, тралала, тралала…

Овации за Заев

Што покажаа овациите во Европскиот парламент во Стразбур по говорот на Заев? Дека европскиот референдум за Македонија заврши со акламативна поддршка за нашата мила татковина. Дури, имам впечаток дека светот реши да нè крене уште пред ние да решиме што ќе правиме со себе. Во секој случај ќе ни биде полесно на триесетти.

Тоа што безмалку целиот состав на парламентот стана на нозе да го поздрави говорот на премиерот на Република Македонија, обраќањето исполнето со неверојатен микс од рационалност, добронамерност, страст, посветеност, одговорност, толерантност, европскост, ме возбуди до мерка што ќе пуштев една солза да не ме секна асоцијацијата на една жена. Не сум се чувствувал така од настапот на „Леб и сол“ со „Абер дојде Донке“, во кристалната сала на хотелот „Кварнер“ во Опатија, илјада деветстотини седумдесет и некоја. Зошто? Затоа што и анестезираните од сите вишоци национални чувства, каков што сум јас, ги понесува присуството на еден провинциски и проблематичен ентитет и идентитет во центарот на светот, без комплекси, на својот јазик, во најмодерните пласмани на различните политики и култури, обединети околу исти вредности. Знам дека не е сосема соодветна споредбата, ама ќе кажам: Се сетив на моето заминување од Свети Николе во Загреб и мојот настап на Факултетот за политички науки и во фасцинантното културно милје на главниот хрватски град.

Тоа е таа разлика.

Груевски зборуваше качен на буре, Сузана на гајба, Биљана на трева, Јанко на хермелин, Тања на нешто уште потврдо и повисоко, а Заев на говорницата во Европскиот парламент, тоа е тој процес на европеизирањето на Македонија како единствена шанса. Со Договорот од Нивице, Македонија добива сè, а не губи ништо. Најважно од сè, добива потврда за себе и контекст во кој ќе може своите пласмани да ги пресели од облаците на митот, во реалниот живот. Срамота е кога некои луѓе се просеруваат и велат дека „не е дека ќе немало негативни последици“. Негативните последици веќе ѝ се случија на Македонија. Тие се шрапнели во месото на Македонија од експлозијата на негативните последици во блиското минато кои тие ги гледаат во иднината.

П.С. Во мојот „Нирнбершки процес“ против Злосторничкото здружување викано ВМРО-ДПМНЕ, Керим е четвртообвинет. Пропаста на МПМ е пичкин дим во споредба со пропаста на Македонија и на македонската идеја и реализација. Утакмица во која тој играше леви везни. Јас верувам дека го повторува делото за кое е на распит и за време на самиот распит, тој не постои како идентитет без злоделата, сеедно дали им ги прави на Обединетите нации, на Република Македонија, на МПМ или на себе. По таа основа би требало да е во притвор. Најстрог. Дали може да избега!? Таа ходајуќа несреќа. Ништото во обид да се материјализира. Се разбира, човекот во секое време носи по три шишиња поезија во форма на евра и пет пашапорти во сакото, а розе краватата му е специјално дизајнирана за да може да се обеси на сопствените раце и да се испокраде самиот себе!

Слики: Four Color Process
Извор: Слободен печат