Преломен миг за развојот на Македонија

19.09.2018 10:38
Преломен миг за развојот на Македонија

Добрата страна на не(до)развиените општества (ако може така да се каже) е во тоа што не се толку потонати во лошите понори на материјализмот на крајно нехуман систем во кој предаторските односи се камуфлираат зад милион маски. Кај не(до)развиените општества нема толку изразена социјална сегрегација и големо отуѓување меѓу луѓето. Моралната криза во нив е последица на чувството на немоќ (финансиска) глобално да се дејствува и да се влијае за промени. Од друга страна, пак, тие се ослободени од клучната одговорност за состојбите во светот, па немаат обемна работа во глобалните промени како развиените општества. Се разбира и во не(до)развиените општества секој индивидуално со својата свест придонесува за промените. Кога би можеле уште добро да живеат од локалната економија, земјоделието, сточарството и туризмот, би биле навистина среќни. Уште ако еколошката свест ја развијат за да уживаат во убавините на својата земја а државата си ја средат според повисоки стандарди и да не се чувствуваат премногу зависни од големите сили ‒ ете го решението на проблемот...

Улогата на интелигенцијата како духовна елита е огромна. Нејзиното значење е во „фокусирањето“(К.Колбе) во битното. Интелигенцијата посматра и студира сеопфатно, и посочува добри насоки по кои треба да се движи едно општество. Таа учи од сите искуства и настојува да не ги повторува барем сопствените грешки. Кица Колбе во своите последни текстови ја потенцирана огромната важност на овој преломен момент за иднината на Македонија (односно, за Република Северна Македонија):

„... доколку Македонија би можела да извлече полза од туѓите искуства, тогаш таа, можеби, полесно би го нашла својот пат да ја надмине самоперцепцијата како „жртва на историјата“. Македонија така од „пасивен објект" на историјата би се преобразила во активен и одговорен субјект во создавањето мирољубива политика. Колку тоа и да се чини идеалистички во сегашниот балкански контекст, сепак, во европскиот контекст има многу примери кои го потврдуваат тоа сознание. Впрочем, Република Македонија го стори првиот чекор во тој правец со осамостојувањето и со определбата за евро-атланската интеграција. Сосем природно е што тој процес сега од Македонија бара таа најнапред да стекне пријатели меѓу своите најблиски соседи.“

„Името на државната формација не го определува клучниот белег на македонскиот национален идентитет. Тој е ткивото, „духовниот принцип“, во речникот на Ренан, а државата е рамката. Затоа овој историски миг може да стане пресвртен во македонскиот наратив. Сѐ зависи од неговото вреднување во актуелната политичка констелација.“

Во личноста на Кица Колбе можеме да се огледаме јасно, без патетика, како во прекрасно огледало. Нејзиното искрено, чисто и едноставно чувство е најдлабокиот македонски идентитет зрел за новата ера:

„Името е јазикот. Јазикот е домот, нè учеше тивкиот, мудар Конески. Тие се сочувани и заштитени со овој договор. Ништо не е завршено со потпишувањето на ваков договор. Со него само е зацртан првиот дел од патот. Не само патот кон ЕУ ќе биде долг и макотрпен, оти ќе бара промена на менталитетот и на навиките. Тој ќе бара надминување на корупцијата и почитување на правото. Долг, но суштински по значење, е патот што се отвора пред Македонците и Грците. “

„Темелот на националниот наратив беше македонскиот јазик и неговите словенски корени. Урнекот за кодификацијата е најден во еден спис, со голема симболична моќ кога се работи за јазикот – во списот „За македонските работи“ на Мисирков... Затоа клучни личности во културното паметење на Македонците се словенските просветители - Светите Кирил и Методиј. И тие се поврзуваат географски, преку Св. Климент и Св. Наум со типичните за културното паметење места со симболична моќ во наративот на една нација. Во Македонија тоа е Охрид како седиште на сесловенската писменост.“

„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се името на државата. Тие се суштината на името Македонија. Тоа име не е ниту изгубено, ниту некому подарено доколку се дополни со географско обележје.“ (К.Колбе)

Коца Колбе ни укажува дека самотијата во која се затворивме како во гето е поразителна:

„Македонската самотија, всушност, е долга, подолга од три децении. Таа е полна со трауми и загуби, со војни и разделби. Познато е дека во последните два века Македонците постојано доживувале промена на нивните имиња, на нивниот јазик, во зависност од политичката државна рамка во која се беа нашле: во грчки, српски или бугарски контекст. Некој отстрана ќе помисли дека во македонското генетско паметење се наталожило тоа историско искуство во вид на недостиг на национална самосвест. Јас, пак, мислам дека во македонското историско паметење е наталожен стравот – вековниот страв. Тој страв бил реален во времето кога Македонците немале своја држава. Сега, пак, е крајно време да се надмине стравот. За да може македонските граѓани да станат самосвесни и критички личности. Личности што мислат со своја глава – без фанатизам и без националистичко слепило. Самосвесните, објективни и критички граѓани се основата на европската парламентарна демократија. Кога Македонците ќе го надминат својот страв, тогаш ќе ја напуштат и својата сопствена, видлива и невидлива македонска самотија.“

Мое мислење околу причината зашто најголемиот дел од интелектуалците или интелигенцијата го одбира молкот и самотијата, е не толку стравот, колку болката. Не научија да ја искористат болката за да се прочистат, значи не научија што е тоа катарза. За еден од најзначајните апстрактни сликари на минатиот век ‒ Марк Ротко, болката и страдањето, но и радоста, беа материјалот како екстракт во неговите слики. Болката низ екстаза се преобразува во чиста внатрешна светлина. Во неговите слики на полиња екстазата, трагедијата, страста се неговите бои, самиот живот-витал како драма и органско присуство, колминација на секоја емоција. Најголемиот дел од нашите интелектуалци не собраа доволно сили да се соочат со болката и страдањето, и низ морална и психичка катарза да продрат во подлабоки и повозвишени и поблагорни региони на духот. Така да зрачат со јасна мисла и позитивна енергија и да влијаат инспиративно на општиот амбиент. Се одлучија за молк и самотија. Воедно, јавниот дискурс се препушти на стихијата на неукоста и недоволната наобразба, па страшно се забега во инфантилност, мегаломанско лудило и колективна хистерија. Во таа смисла, интелигенцијата која молчи и го чува знаењето за себе или го споделува само со тесен круг на луѓе исто така е одговорна за моралната деградација во која западна Македонија. Молкот и самотијата напластуваат нова и нова болка, и тоа е кругот од кој не може да се излезе.
Да се надеваме дека сите мачни искуства низ кои поминавме, како и притисокот за промени кој е огромен и не само во Македонија, придонесуваат за зреење на македонскиот идентитет и самосвест што ќе води кон толку нужната мудрост во следната етапа од развојот.


Слики : Татјана Миљовска
Од серијата „Океан“ , 2018; „Пламен“ 2018.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото