Зошто луѓето не пружаат колективен отпор?

21.09.2018 00:46
Зошто луѓето не пружаат колективен отпор?

Не толку одамна напишав текст за „обединувањето и разединувањето“. Се однесуваше на фудбалот и текстот беше глупав, наивен, избрзан, а страдаше и од прекумерна идеализација. Прекумерна над секоја мера.

Некои коментатори реплицираа дека „обединетоста“ им предизвикува морници. Притоа, претпоставувам, мислеле на индивидуалноста и гушењето на индивидуалното мислење.

„Обединувањето“, можеби не особено среќен, ниту прецизен термин, во тој момент ми значеше нешто друго. Воспоставување елементарен однос помеѓу изолираните групи и луѓето кои го сочинуваат општеството. Способост некој да се приближи некому, да толерира, нешто да сподели, колективно да реагира.

Индивидуалноста секако е темел, па дури и елементарен показател за количината општествено здравје. Само што постои опасност која во меѓувреме се претвори во реалност, а се состои од тоа индивидуите буквално да се изолираат. Ако општеството престане да постои, да се состои исклучиво од изолирани индивидуи кои, ако и имаат нешто заедничко, веќе не се во состојба меѓусебно да споделат ништо. Ни емоција, ни емпатија, а најмалку отпор. Сè се сведува на полудуховити реакции на изјави на политичарите, јад во кој магарето ќе замавне со копитото и ќе нè удри во абдоменот, а ние се превиткуваме преправајќи се дека ни е забавно и дека умираме од смеење.

На тој начин, во изолираноста се создава своевиден ступор, за кој пишував во романот кој се вика „Стајска болест“. Поединецот преживува лишен од каква било комуникација, зашто она што останало од општеството служи исклучиво за да му наштети или ментално да го оштети.

Тоа беше само вовед во темата која ме преокупира деновиве, а се однесува на вечното прашање без одговор, зошто луѓето не пружаат колективен отпор и не излегуваат на демонстрации.

Одговорот е едноставен. Не излегуваат зашто ја изгубиле способноста за солидаризирање со другите. Повеќето имаат сопствена траума, реална или замислена, која упорно и внимателно ја негуваат. Не дозволуваат неправадата што им е нанесена на „нив“ на кој било начин да се изедначува со неправдата нанесена на „другите“. Имено, сè мора да остане сосема уникатно. Траумата е особено уникатна, тоа е воена пропагандна лекција. Во траумата треба да се копа подлабоко, да се создаде маченик, своевиден култ на сопствената биографија; сето тоа треба подобро да се нагласи, доколку не е можно да се претвори во пари. Од неа треба да се создаде култ на исклучивост, нетолеранција и крајна себичност. Така, на пример, кога штрајкуваат работниците, треба да се постават следните прашања: „Каде беа кога ни требаше помош?“, „Зошто не штрајкуваа порано?“, „Од каде им право да се бунтуваат само заради една плата?“, „Дали ќе го користат државниот данок, кој и онака го даваме за којзнае какви цели, од Ватикан до лажните генерали?“ „Зошто илјадници од нив едноставно не емигрираат таму каде што има работа и зошто од таму не им испраќаат пари на семејствата?“

Ако не се работи за работници, туку за бездомници, резонирањето е следно: „Зошто биле толку глупави да земаат кредит во швајцарски франци?“, „Дали се опиваат секојдневно?“, „Зошто купувале недвижнини во град од кој не потекнуваат, кога наместо тоа можеле да останат дома, во дедовата колиба?“ Кога станува збор за новинари или кој било кадар со диплома по хуманистички науки, ситуацијата е кристално јасна; тој кадар е бесмислен и непотребен и во најмала рака треба да им се препушти на „законите на пазарот“, иако би било значително попожелно да фатат лопата и мотика.

Кај силуваните жени е страшно тешко да се идентификува, зашто мошне често го познавале силувачот. Зошто воопшто со него седнале во автомобил, кога дома можеле да си отидат пешки?

Со злоставуваните жени е значително полошо, тие со години живеат со насилници. А ќе било толку лесно ако си заминеле после првиот удар. Требало да си ги земат децата и да тргнат во непознат правец, оној кој води кон човечката солидарност.

Секако, проблемот се состои во тоа што сите тие луѓе грешеле, од што и се состои дефиницијата за човечноста. Проблем е тоа што ништо не било праволиниски, едноставно, а уште помалку херојски или супериорно. Тоа што имале вродени слабости, вродена грешка. Понекогаш тоа била надеж, во други случаи наивност, страв, па дури и отсуство на концентрација, непрепознавање на ситуацијата во која заземале одбранбена положба. Имено, кај луѓето главно нема толкава одлучност, херојство и издржливост за да импонираат, да стекнат масовна симпатија. Луѓето не се фудбалери, не ставаат Томпсон во автобус, не потпишуваат милионски договори.

Во земја која нема ниеден харизматичен политичар, во која сите бараат водач што ќе го следат, најгнасна појава се токму таквите секојдневни луѓе. Кои предизвикуваат бесрамна аверзија зашто не се во состојба да направат чудо, нешто натприродно. Или барем да се самозапалат од принципиелни причини, да направат некаква катарза за масата.

Во таква земја никогаш нема да се случи масовен отпор или масовни протести. Не постојат жртви кои се совршени до таа мера, ниту постојат доволно совршени одлуки, заради кои на поединците кои внимателно ја негуваат сопствената траума, и сопствениот критериум за праведност кој е невозможно да се спроведе во практиката, би им се исплатело да се кренат. Тие чекаат Месија. Католици, атеисти, православци, сеедно. Чекаат нешто заводливо до таа мера што заедно со стаорците ќе ги потопи в река. Времето што ќе помине пред тоа ќе ги намали навредите и пцовките на сметка на недостојните, обичните, нерентабилните.

Кожурци, вкожуреност. Во мошне големата библиотека што ја имам во станот, понекогаш меѓу страниците пронаоѓам нешто налик на минијатурно земјено живеалиште со цилиндричен облик, со отвори на двете стеснети страни. Можеби се работи за книжни молци. Кога ќе се допре навидум компактната творба, веднаш се распаѓа. Фрагментите паѓаат на подот, а меѓу страниците од книгата во која се наоѓала останува непријатна дамка. Гадно е. Животот кој претендирал да се храни со совршена белина се состоел исклучиво од шуплина. Во неа била закопана лажна тајна која веќе не е можно да се дешифрира. Сето останато е неумесна кал на квалитетна хартија. Таква е лажната праведност, земјани ѕидови обложени со лига, за да не нè допира ништо, а најмалку другите луѓе.

Илустрации: Prabhakar Pachpute

Извор: https://radiogornjigrad.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото