Некогашните воени бункери се најбезбедните швајцарски трезори за злато

21.09.2018 01:01
Некогашните воени букнери се најбезбедните швајцарски трезори за злато

Длабоко во швајцарските Алпи, во близина на една писта за приватни авиони се наоѓа стар воен бункер со трезор, кој е можеби најголемото складиште за злато во светот.

Влезот во бункерот го обезбедува чувар во панцирно одело, а на влезот има метална врата вградена во гранитната карпа на крајот на селскиот пат. Понатаму има уште две врати кои водат до голем метален влез, тежок меѓу 3 до 5 тони и кој се отвора единствено со код, скенирање на зеницата на окото и систем за распознавање на лице. Зад тие безбедносни пунктови се влегува во лавиринт од тунели кој порано го користела војската на Швајцарија.

Сопственикот на трезорот сака да остане анонимен. Се плаши дека и само објавувањето на името на неговата компанија би можела да ги привлече крадците. Одбива да одговори на прашањето колку внимание посветува на проверка на клиентите, но вели дека многумина што ги бараат неговите услуги паднале на тестот по безбедност.
„На секој клиент што го земаме, одбиваме еден ли двајца, не сакаме проблеми“, велат од оваа компанија.

По финансиската криза во 2008 година, побарувачката за трезори за чување злато драматично пораснала. Многу богаташи во златото гледаат посигурна алтернатива отколку во нестабилните банки и ризичните инвестиции.

Од друга страна, пак, за бизнисот со трезорите не важи истата регулатива според која швајцарските банки треба на властите да им пријават какви било сомнителни активности и транскации. Американците, на пример, не се должни да ја пријават количината злато што ја имаат надвор од финансиските институции. Според проценките на швајцарското министерство за одбрана, има околу илјада воени бункери во земјата,а десетина од нив служат како складишта за злато или податоци.

На клиентите што ги користат овие услуги може да им послужи и приватниот аеродром. Во негова близина има неколку луксузни апартмани и ресторан. Ѕидовите во апартманите се обложени со луксузно старо дрво, подовите се од јужноафрикански кварцит, цврст камен од кварцни кристали со мозаична структура. Има и други луксузни детали од огромни огледала и телевизори што се извлекуваат од ѕидот или плафонот. Сопственикот на трезорот им овозможува на клиентите место да преспијат и јадат без да ги користат своите кредитни картички и патни исправи во другите хотели, бидејќи не сакаат да остават трага дека престојувале таму.

„Трговијата со злато е важен дел на швајцарската економија“, објаснува Џон Касара, специјален агент на американскиот државен трезор и автор на неколу книги за перењето пари. „Воопшто не сум изненаден од тоа дека во Швајцарија не постои поефикасен начин за надзор на потенцијалните злоупотреби“.

Според податоците на швајцарската царина, во првата половина на 2016 година во земјата биле увезени 1.357 метрички тони злато во вредност од 40 милијарди долари.
Швајцарскиот државен секретаријат за меѓународни финансии во 2015 година објави извештај за безбедносните трезори и нивната злоупотреба за перењето пари и тероризам. Поранешните воени бункери не биле спомнати во тој извештај.

„Не пронајдовме ниту еден сигурен доказ за поврзаност со криминал, но тоа би можело да биде тема во иднина“, одговорил портпаролот на прашање за бункерите.
Од друга страна, американската институција за заштита на глобалниот финансиски систем од перење пари, Financial Action Task Force (FATF), истата година предупредила дека можно е златото да го користат криминалци за финансирање тероризам и за перење пари.

Директорот на „Swiss Data Safe-a", компанија која поседува бункери за чување злато, тврди дека води сметка за тоа кои се клиентите, ги одбиваат сите што им се чинат сомнителни, соработуваат со корпоративни клиенти и инсистираат на информацијата за сопственикот на компанијата. Услов што не го бараат сојузните царински прописи во Швајцарија.

 Извор: Bloomberg

ОкоБоли главаВицФото