За рушењето на комплексот Скопски саем

21.09.2018 01:31
За рушењето на комлексот Скопски саем

Градот се гради со години и векови. Архитектурата е основната структурата на градот и има зад себе генерации и генерации кои вградувале дел од своите средства, од својата стручност, од своите емоции и својата душа. После грдото рушење на МОДНАТА КУЌА БЕКО, на ред е КОМПЛЕКСОТ СКОПСКИ САЕМ.

Пред мене се постави дилемата која тема е поприоритетна за пишување? Рушењето на објектот, односно комплексот, како екстремно несоодветно, или да пишувам за прашањето на авторството.

Двете прашања се многу важни за секого, да профункционираат како во културна правна држава. Бидејќи во градежништвото не знаеме до кои граници може да се стигне. Правото на авторство треба да се бара колективно од сите генерации. Бидејќи, како започнало, со некој акт без објаснувње се сквернават објекти, се вршеа и се вршат градежни интервенции без пардон.

Скопје има повеќе историски слоеви, благодарение на една приближна културна политика, се сочуваа старите урбани четврти и ако се формирале пред многу векови, во судири на цивилизации. Јас лично цел живот се залагав за културолошкиот урбанизам и заштита на културното наследство. Сметам дека СКОПСКОТО САЈМИШТЕ е дел од културолошката архитектура.

Културолошкиот урбанизам е формиран како движење уште во XIX век од англискиот философ Џон Раскин. Раскин немилосрдно ги анализира индустриското општество и деградацијата на човечкиот труд, усредсредени околу поимот профит не согледувајќи ги последиците и функционалните штети по архитектурата, градот и другите витални функции. Оваа мисла под влијанието на Вилијам Морис ќе го постави темелот на Културолошкиот урбанизам.

Култоролошкиот урбанизам има за цел да ја заштити архитектурата од шпекулантските односи на пазарот со земјиштето. Дава конструктивни предлози, само супстандардите да се рушат, дури се поставува прашањето на рушење во корист на сообраќајниот систем. Да се сочува еден урбан комплекс, значи да се сочува архитектурата, да се сочува културата на тој град и државата.

Чувајте ја архитектурата од минатото, почитувајте го авторство, така вие го почитувате опусот на творештвото на вашиот народ на вашата држава. Покажете осет и разумност во однос на градот. Никој нема право да го скрнави. Тие не припаѓаат само на тие кои ги подигнале, туку на сите идни генерации кои доаѓаат после нас.

Комплексот Скопски Саем претставува дел од вредното културно наследство, концептуално припаѓа на модерната авангардна архитектура. Фактички нашиот саем ја разби стандардната форма на куполни сајмишта. Авторите презентираа нов концепт на саем. Расчленувајќи ја функционалната матрица се одлучија за иновативен модел на расчленување на функционалните содржини и формирање на флексибилна архитектонска композиција. Практично направија композиција во рамките на оригинално користење на просторот. Токму во расчленувањето и флексибилното користење на салите поединечно, се овозможени копозиции во користење на истиот, истородни презентации, разнородни презентации, како и интегрирана експлоатација. Описот е со цел: ако денес има потреба да се користи секоја сала посебно, се покажува функционалноста на комплексот како исклучително корисен и безвременски.

Авторите на Скопскиот Саем се архитектите Живко Гелевски, Димче Димитров, Благоја Мицевски и Славко Ѓуриќ. Архитектите припаѓаат на групата современи архитекти, односно на модерната. Комплексот е здрава конструкција, функционална, и припаѓа на современата архитектура. Способен да прими секаква модерна функција. Потребни се лица со квалитетни и креативни идеи денес саемот да се претвори во вистинско стопанско чудо. Срамно е и опасно да ја рушиме сами нашата современа архитектура. Меѓу Екс ЈУ републиките нашите колеги и нивните дела беа почитувани, а македонската архитектурата се презентираше под нашето име. Постои Македонска Архитектура. Денес нема кого да обвинуваме, сами сме, ние сме одговорни за сé понатака.

ПРАШАЊЕТО СЕ ПОСТАВУВА: ДАЛИ РУШЕЊЕТО НА КОМПЛЕКСОТ САЈМИШТЕ Е ДЕЛ ОД ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАН ИЛИ Е НЕКОЈА КВАЗИ ОДЛУКА КОЈА НАЈЧЕСТО СЕ ТРЕТИРА КАКО УПАД ВО ПЛАНСКАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА?

Доколку анализите покажуваат потреба од интензивна станбена изградба, потребно е да се консултира предлог генералниот план од 1965 и планот од 1985 год, Долгорочниот план за развој; каде се дадени просторите и во кој правец да се движи проширувањето на градот? Оваа консултација треба да се направи од Министерството за урбанизам со експерти од урбанизам кој ја познаваат таа литература. Познавање на интегралната стручна литература, за жал, во и за главниот град на Република Македонија - нема.

Не постои ЗАВОД ЗА УРБАНИЗАМ НА ГРАД СКОПЈЕ.

Само да потсетам, литературата на Урбанистичкиот план од 1965 е во центарот на интерес на американски и европски факултети, и студенти дипломци од Македонија, како и на студенти од Архитектонскиот Факултет во Скопје и Американскиот колеџ во СК. Нашите студенти истражувачи на планската документација покажаа голем ентузијазам, стручност и истрајност во истражувањата. Тоа резултира со докторати, пост дипломски трудови финансирани од родители и потпомогнати од други извори. Европската и американската стручна авангарда која студира во европски и американски факултети изворно ја презентираат документација финансирана од специјалниот фонд на Обединетите нации (ОН), во духот на големата меѓународна солидарност. Само два проекти се финансирани од ОН од овој фонд, Скопскиот – во Македонија во состав на СФРЈ и оној во Чандигар, Индија. Во изработката на урбан план во Скопје беше применета нова методологија, за прв пат. И таа литература ја краси библиотеката на ОН, голем број на факултети и Институти за урбанизам во повеќе земји.

Покрај учеството на големи евро-американски фирми активно го понесе товарот и Заводот за урбанизам и архитектура – Скопје. Експертските тимови на Пол сервис -Полска, Вилбор и Смит - Јужна Каролина, Доксијадес -Атина, Сообраќајниот институт - Белград, Водостопанство Македонија - Скопје, сеизмолози од Русија, Романија, Сан Франциско и Македонија... Сé под раководство на А. Циборовски и неговиот тим Пол Сервис, како и матичната оранизација Заводот за урбанизам и архитектура Скопје, со својот стручен тим под раководство на директорот арх. Р. Галиќ.

Денеска треба да се гордееме со нашата млада генерација архитекти, магистри, докторанти на европските факултети, кои со своите трудови, осветлувајќи и афирмирајќи го тој постземјотресен проект низ целиот свет, ја презентираат и својата држава, Македонија. За жал,  државата не се заинтересира за зачувување на институцијата барем на ниво на стручна институција - Институт кој ќе ги следи промените, практично и теоретски, преку прилози и анализи за урбанистичка евалуација.

Архитектурата е неодвоив дел од урбанизмот. Затоа ќе нагласам дека тогаш експертите се поставија во одбрана на градот. Ме потсетија на пионерската работа на заштитарите на нашата народна архитектура кои се бореа и вонинституциално и институционално за сочувување на нашето културно наследство од античкиот период -архелозите, етнолозите, историчарите, архитектите. Нашите музеи се извонреден репрезент со експонатите, артефактите и историјата на Македонија. Архитектите се бореа за заштита на нашите стари градови и архитектонското наследство, како и сакралните објекти од сите конфесии, каде е сочувано и нашето богатство од фреско сликарството и иконописот како и старите ретки книги на старословенски јазик.

Младите архитекти ги охрабрувам да се позанимаваат со филозофите на теоријата на урбанизмот: Џон Раскин и Вилијам Морис, Пјотар Кропоткин, Гeорг Симел, Освалд Спенглер и др. Корисно е, на толку материjал за урбани планови, бројните млади истражувачи кои студираат во Европа да ја искористатможноста да се здобијат со знаење од филозофијата. Нужно е да се организираат, како тим, инстуционално за развивање и презентирање на современата урбана филозофска мисла.

Со зачувувањето на нашето архитектонско наследство го чуваме интегрално нашиот идентитет, нашата материјална култура.

Извор: МАРХ

 

ОкоБоли главаВицФото