Некролог за Аполо 11

24.09.2018 00:57
Некролог за Аполо 11

На фотографијата е прикажана првата средба на Никсон со астронаутите кои по враќањето на Земјата престојуваа во карантин

Како ќе изгледаа последните децении од 20 век ако не успееше мисијата Аполо 11 која ги однесе првите луѓе на Месечината? Денес можеме само да претпоставуваме, но луѓето кои во јули 1969 година ги водеа Соединетите Американски Држави и управуваа со мисијата Аполо, таква можност секако разгледувале. Толку детално што и човекот кој бил задолжен да му пишува говори на претседателот Ричард Никсон, Вилијам Сафаер, два дена пред модулот да слета на месечината подготвил говор кој Никсон би го изготвил во случај да се случи најцрното сценарио.

Ако не успеела мисијата Аполо 11, бил подготвен документ со наслов „Во случај на несреќа на Месечината“, кој го подготвил персоналот на Белата куќа во деновите пред слетувањето на лунариот модул на Месечината. Во него е опишана целата процедура во случај на ваква несреќа, вклучувајќи и комеморација и потресен посмртен говор кој би го изговорил американскиот претседател, па затоа се смета за прв официјален протокол за еден вселенски погреб.

Документот предвидува после несреќата во која ќе настрадаат астронаутите, НАСА да ја исклучи комуникацијата со модулот доколку таа во тој момент сè уште постои. Потоа свештеник би одржал опело, а душите на покојниците би ги посветил на „најдлабоката длабочина“.

Потоа, претседателот би им телефонирал на вдовиците, а потоа би одржал говор за хероите од мисијата Аполо кој би го започнал со реченицата дека „судбината наредила“ луѓето кои заминале да ја истражуваат Месечината таму и да се упокојат.

„Овие храбри луѓе, Нил Армстронг и Едвин Олдрин, знаат дека нема надеж за нивен спас. Но, тие исто така знаат дека благодарение на нивната жртва постои надеж за човештвото. Овие двајца луѓе ѝ ги посветија животите на најблагородната цел на човештвото: потрагата по вистината и разбирањето“, пишува претседателскиот пишувач на говори, Вилијам Сафаер.

„Ќе ги жалат нивните семејства и пријателите; ќе ги жали нивната нација; ќе ги жалат луѓето од светот; ќе ги жали Мајката Земја која се осудила да испрати двајца свои синови во непознатото. Во своите истражувања тие помогнаа луѓето во светот да се почувствуваат како едно, во својата жртва тие поцврсто го поврзаа човечкото братство“.

Потоа додава: „Во древните времиња човекот гледал во ѕвездите и ги гледал своите херои во соѕзвездијата. Ние денес во модерно време го правиме истото, но наши херои се епски луѓе од крв и месо. Другите ќе ги следат и сигурно ќе го најдат својот пат до дома“. Никсон требало да го заврши говорот со реченицата: „Секое човечко битие кое навечер ќе се загледа во Месечината, ќе знае дека таму во темнината постои еден агол од друг свет кој засекогаш ќе му припаѓа на човештвото.“

За среќа, наместо да ги изговори овие зборови, Никсон од Овалната соба разговараше со астронаутите, а тој разговор влезе во историјата. Иако имал подготвен долг говор, дополнително е проценето дека заради почит кон својот претходник Џон Кенеди (1917-1963), кој за време на својот мандат слетувањето на човекот на Месечината го прогласи за национална цел, говорот требало да биде краток. Затоа Никсон изговори само неколку реченици во кои нагласи дека тоа е ден кога сите Американци се најгорди во животот. „Заради она што го постигнавте небото стана дел од човечкиот свет“, додаде Никсон, наведувајќи дека сите луѓе на Земјата се обединети во својата гордост заради она што го направија, како и во молитвите астронаутите безбедно да се вратат на Земјата.

На фотографијата е прикажана првата средба на Никсон со астронаутите кои по враќањето на Земјата престојуваа во карантин.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Наука / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото