1028 hPa
62 %
13 °C
Скопје - Нед, 03.11.2024 16:59
Малата сала на Центарот на култура во Битола беше претесна да ги прими сите заинтересирани новинари, фоторепортери и обожаватели на филмската дива Клаудија Кардинале, кои присуствуваа на разговорот што го водеше Микеле де Анџелис, режисер и продуцент од Италија.
Клаудија Кардинале како млада девојка и немала некоја посебна желба да стане актерка. Сестра и’ имала сини очи, и сите гледале идна актерка во неа, додека, пак, Клаудија, студирала педагогија и сакала да биде учителка. Како 19-годишна девојка победила на натпреварот „Најубава Италијанка во Тунис“ м(земјата каде што е родена и одраснала), освоила наградно патување на филмскиот фестивал во Венеција. Таму го добила првиот филмски ангажман.
-Сите ми велеа дека треба да станам актерка, па на крајот го послушав татко ми, кој силно ме наговараше, и станав актерка, раскажуваше Кардинале на почетокот на разговорот.
Иако Кардинале станала позната актерка во Италија со филмот „Роко и неговите браќа“ (1960) на Лукино Висконти, нејзиниот глас бил нахсинхронизиран, како и во останатите улоги од тоа време, бидејќи Кардинале во родниот Тунис се школувала на француски јазик. Практично со улогата во филмот „8 ½“ (1963) на Федерико Фелини, Кардинале започнува да снима со нејзиниот глас.
Во 1963 таа го снимила и вториот важен филм на почетокот на нејзината кариера, „Леопард“ на Лукино Висконти.
-Со Висконти снимив четири филмови, тој обично не сакаше жени, но ми рече дека јас сум невообичаена жена, па затоа снимаше со мене, вели Кардинале.
Фелини, пак, сакал да ја види како русокоса жена за потребите на филмот, па затоа Кардинале, која имала долга и бујна црна коса, морала да се бојадисува на секои две недели.
-Иако Висконти и Фелини беа доста различни карактери како луѓе и во пристапот на филмот, со нив ги снимив најзначајните филмови во тој период. Додека го снимавме „8 ½“, Фелини секој ден ме земаше од дома со автомобил, велејќи ми дека јас сум неговата муза, се сеќава Кардинале, истакнувајќи и италијанскиот режисер Пјетро Џерми („Факти за убиството“) како мошне значаен за автор во почетоците на нејзината актерска кариера.
-Најсилното чувство во снимањето филмови е да се транформираш во друга личност, а по завршување на филмот, да и се вратиш на сопствената личност, објаснува Кардинале.
Кардинале доби громогласен аплауз од публиката на нејзината изјава дека секогаш одбвивала да се соблекува гола во филмовите.
-Не сакав да го продавам моето тело, истакна Кардинале, која е позната и како борец и активист за женските права, а од 2000 година е Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.
На прашањето од публиката каков е нејзиниот коментар на актуелното женско движење #MeToo во Холивуд, кое се бори против сексуалната злоупотреба на актерките, Кардинале истакна дека таа секогаш се борела и ќе се бори за женските права.
Иако нема снимено многу комедии, многумина во неа препознавале голем комичен потенцијал. Токму со улогата во комедијата „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс, снимен во за неа судбински успешната 1963 година, Кардинале го освојува Холивуд. Подоцна не добивала ангажмани во комедии, но вечерашната проекција на фестивалот во чест на Кардинале - нејзиниот најнов филм „Благородни лаги“ (во режија на Антонио Пису) - е токму комедија, која го истакнува нејзиниот талент за овој жанр до максимум. Инаку, фестивалски гостин е продуцентот на филмот Паоло Роси.
Додека за време на разговорот одеа инсерти од „Пинк Пантер“, Kардинале се смееше радосно како мало дете, а потоа сподели една мала тајна од снимањето на овој филм.
-До „Пинк Пантер“ не пушев цигари, па на снимањето ми дадоа да запалам цигара, но тоа всушност беше марихуана, раскажува Кардинале.
Иако имала огромна шанса за успешна холивудска кариера, Кардинале на понудите им одговорила дека таа е Европејка, и се вратила во Италија.
-Не сакав да останам во Америка, бидејќи Холивуд многу манипулира, изјави Кардинале. Сепак, повремено снимала и холивудски филмови, како легендарниот „Професионалци“ (1966) на Ричард Брукс, како единствена женска ѕвезда меѓу величините како Берт Ланкастер, Ли Марвин, Џек Паланс, Роберт Рајан...
Кардинале е единствената женска ѕвезда и во култниот италијанско-американски епски „шпагети“ вестерн на Серџо Леоне, „Беше еднаш на Западот“ (1968), покрај Џејсон Робардс, Чарлс Бронсон и Хенри Фонда.
-За мене секогаш било најважно сценариото, но и добриот режисер. Многу добро се сложував и со Брукс и со Леоне, но Леоне некако повеќе ми одговараше на карактерот заради заедничката италијанска нишка. Сепак, и „Професионалци“ е меѓу моите најзначајни филмови, истакна Кардинале.
Иако играла со познати актери кои важеле за големи заводници, Кардинале нагласи дека никогаш немала љубовна афера на снимањата со ниту еден партнер. А покрај гореспоменатите, нејзини филмски партнери биле и Ален Делон, Марчело Мастројани...
-Во 1960-та година го снимавме „Bell' Antonio“ („Убавиот Антонио“) на Мауро Болоњини, со Мастројани во главната машка улога. Во филмот тој ја игра улогата на маж, Сицилијанец, кој е многу убав, но не може да води љубов со мене, па пред хотелот се собраа Сицилијанци кои тврдеа дека нема импотентни мажи кај нив, низ смеа раскажува згода од снимањето на филмот.
Кардинале ја истакна и соработката со мајсторот на филмската фотографија Џузепе Ротуно, еден од лауреатите на „Браќа Манаки“, во „Леопард“ на Висконти (1963). Сцената со балот ја снимале цели три недели.
-Ротуно беше голем уметник, истакна Кардинале.
Кардинале раскажуваше и за искуството со режисерот Пасквале Сквитиери. За време на снимањето на филмот „Луција“ се вљубиле еден во друг, се венчале, а потоа снимиле уште 10 филмови. Нивната ќерка Клаудија Сквитиери ја придружува мајка си во Битола.
-Татко ми често велеше дека филмот беше добар, но со текот на снимањето мајка ми станувала се поубава во неговите очи, бидејќи му го сменила животот, раскажа ќерката Клаудија. На тоа одговори мајка и, која спомена дека таа го одбрала Пасквале за сопруг.
Во периодот на нејзината голема слава медиумите вештачки подгревале „натпревар“ меѓу тогаш најпопуларните актерки – Кардинале и Брижит Бардо, кој често го насловувале како „Војна на иницијалите - Б.Б. против К.К.“.