Македонија мора да ги извади усраните пелени од своите ормани

24.09.2018 11:36
Македонија мора да ги извади усраните пелени од своите ормани

По долги и драматични неизвесности, ангелот Гаврил, кој друг, ја спушти на земјата веста за најблагополучната форма преку која задграничниот комитет за растурање на Македонија, во политфолклорните кругови познат како дијаспора, ќе инвестира во татковината.

Референдум. Така се вика јавно-приватното партнерство преку кое политичката претензија на оној дел од македонското иселеништво кое се изразува низ хоштаплерските органи и тела, каков што е Светскиот македонски конгрес на скотот од Гевгелија и слични формации и преку гостопримството и донациите на циркузантските емисари, каква што им беше Сузана, финансиски да ги стимулира самоубиствените пориви на своите браќа и сестри во државата од која се испилиле и одлетале во слободниот свет во првата згодна прилика.

Тоа иселеништво е балсамирано во митолошкиот наратив сведен на две-три фрази за Македонија и на емоции на кои не можеш да им го најдеш изворот зашто таму од кајшто извираат во следниот круг се јавуваат како багери кои го затрупуваат кладенецот. Во политичка смисла тоа иселеништво е најпретенциозно, а во капацитетна смисла - најнеписмено. Политичката балсамираност на умовите на тие луѓе ѝ сугерира на татковината да влезе во конфронтација со светот на нивните нови држави и во таа битка да се избори за името и идентитетот. Дистанцата им се чини безбедна. Обаче! Јас не знам дали Џон/Јован Џидимирски, од Торонто, знае дека може да биде мобилизиран во врска со тој судир што тој го стимулира и да биде испратен со некој Фантом да ги митралира селата на своите родители. Кои, пак, со неговите антиреферендумските субвенции ќе го чуваат уставното име сè додека тој не им ја запали плевната. Сосе името и сосе нив!

 

Мислите дека претерувам? Ха, па тоа е стара пирејска работа, нема да биде за прв пат.

Тие не можат да проценат дека ова со референдумот и статусот на Македонија не е пикник. Дека станува збор за реална политика, во реално време и во реален простор. Со реални интереси исконфронтирани пожесоко отколку што Јане, Миле, Гоце и Даме биле исконфронтирани со турскиот аскер во целата песнопојна историја на Македонија.

Се разбира, сите знеме дека идејата да се даваат по 500 евра на секој што ќе докаже дека не гласал, е блеф. Една сосема скромна бројка во однос на вкупните стратификации, да речеме, 10.000 души што можат да докажат дека не гласале, би ја олеснило дијаспората за 5 милиони евра, што за таа стиснатост би била катастрофа каква што за Америка и за светот беше банкротот на Лиман брадерс.

Темата, меѓутоа, не е дијаспората. Макар што е нужно во оваа прилика да кажеме уште две работи во врска со некои позиционирања на делови од иселеништвото: тие се вовлечени во антиреферендумската кампања како најпримитивен израз на македонизмот односно како израз на најпримитивниот македонизам, како материјална сила на политичкото просташтво кое во новите услови станува толку посмртоносно колку што е попретенциозно; значи, како просташтво, а не како заштитничка надеж, тие се одбрани да тежат на тасот на пропаста, а не на другиот тас на историската вага и; второ, тие се смрдливиот, зачаурениот, националистички извор, тие се усраните пелени од австралиската и канадската Скопјанка, од кои Македонија, според Гане Тодоровски, беше инфицирана со националистичката болест со која државата и општеството комплетно ја промашија транзицијата и под водство на чипираните идиоти на вмро-дпмне, наместо во освојување на демократијата и граѓанските слободи, тргнаа да се враќаат во преддржавните форми.

 

Во врска со референдумот сакам да истакнам неколку работи:

Прво, приказната околу референдумот ќе го заокружи процесот на признавање како клучна покренувачка сила во животот на секој човек и на секој народ. За Македонија тоа е посебно важно поради траумите на непризнавањето и негирањето во разни аспекти: јазикот, нацијата, црквата… Договорот со Грција и неговата потврда на референдумот и во Собранието, е грандиозен исчекор во тој поглед, еднаков на самото конституирање на државата и на нацијата. Толку е драстична разликата со кретенизмите со кои чипираните идиоти од вмро-дпмне и нечипираните од бојкотирам и таканаречената левица се обидуваат да конституираат поле за пропаст на референдумот и на Македонија.

Второ, највисокото ниво на признаеност ќе предизвика тектонски промени во културната матрица зашто ќе отпаднат или тотално ќе бидат маргинализирани елементите кои живееа од проблематичниот статус на Македонија, од ниското ниво на признаеност, всушност од непризнаеноста и хендикепите нејзини и на нејзините луѓе, на етничките Македонци, посебно, како свој врвен и егзистенцијален интерес и мисија.

Трето, врз тие основи ќе се отвори крајно возбудлив процес на сепарација, селекција и обнова на општеството со нови субјекти, вредносни склопови и критериуми. Речиси сум сигурен дека вмро, не само дпмне, ќе може да си го закачат на шајка љубителите на политичките зурли и тапани и патетичните на изглед, а радикално глупави и опасни, во суштина, погледи на националното прашање, какви што застапуваат Женскиот оркестар на бојкотирачките професорки и дркаџиите со левица.

Четврто, сите што очекуваат дека референдумот ќе пропадне, се однесуваат како падобранци кои се надеваат дека вруќото говно на орелот ќе им го дупне падобранот за да можат побрзо да се спуштат во ветената земја Македонија или како бродоломници кои се надеваат дека некоја ајкула ќе ги прибере во топлата утроба за да не се смрзнат во студените води околу Огнената земја Македонија. Како луѓе кои се у курац и се надеваат дека референдумот нема да му дозволи на светот и на домашните предавници да ги извлече од таа блажена состојба.

Петто, Франкфуртер алгемајне цајтунг убаво забележа дека Запад нема да остави Македонија да се претвори во триумф на руската политика за дестабилизации во зоните на НАТО. Ова не е никаква закана. Сакам само да кажам дека референдумот, односно интеграцијата на Македонија, не е само македонско прашање. И многу е добро и треба да бидеме среќни што е така, односно што не е сè оставено на нас и на нашиот талент да сереме и да ги чуваме усраните пелени во ормани.


Слики: Four Color Process
Извор: Слободен печат