Експертските комисии на Македонија и Грција се обврска од Спогодбата со прецизен временски рок

25.09.2018 00:30
Експертските комисии на Македонија и Грција се обврска од Спогодбата со прецизен временски рок

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во телевизиско интервју даде изјава која што ја оценуваме како невистина:

Владата на дневно ниво не демантира. Побрза е и од процесот. Тој договор не заживеал, а тие почнале да го имплементираат. Деновиве читам во дневниот печат дека членот 8 почнал да се имплементирал со тоа што овие групи на преговарачи кои се предвидени со членот 8 да бидат составени од двете страни, Со договорот не се знае која е едната страна, за другата се знае дека е Хеленската Република. Комисиите имаат по 7 преговарачи, нашиот тим ќе го води поранешниот дипломат Габер. Замислете вие сега треба тие комисии да преговараат за нашата историја, археологија и образование. Притоа договорот не е ефективен и замислете на тие договори дополнително си ги нарушуваме нашите национални позииции и позиции на државата

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб сјат/ТВ24, датум: 12.09.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски гостувајќи на интервју во ТВ 24, и зборувајќи за предреферендумскиот став на партијата во врска со договорот меѓу Македонија и Грција, изјави дека Владата на РМ била побрза од самиот процес.

Мицкоски излезе со прецизно тврдење дека „тој договор не заживеал, а тие почнале да го имплементираат“, мислејќи на Владата на РМ.

„Вистиномер“ ги провери фактите, според кои оценува дека изјавата на Мицкоски не одговара на вистината, т.е. е невистина.

Прва и основна адреса за проверка на фактите беше содржината на самиот Договор од Преспа како што се нарекува колоквијално, а чие име во целост гласи: Kонечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.

Формирањето експертски комисии е прецизно регулирано во Договорот и тие одредби се со прецизни временски рокови, според кои не само што не се брза со процесот, туку има и извесно мало доцнење. Еве што се наведува во конкретната одредба за овие комисии кои треба да работат во Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти или скратено ЗИКЕ:

Точка 5 од член 8 од Спогодбата

Во рок од еден месец од потпишувањето на оваа спогодба, Страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди. Министерствата за надворешни работи на двете Страни ќе ја надгледуваат работата на Комитетот, а во соработка со други надлежни државни власти. Комитетот ќе разгледа и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од Страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. За оваа цел, Комитет ќе дефинира конкретни временски рамки за да се обезбеди дека во секоја од Страните ниту еден учебник или помошен наставен материјал што се користи во годината по потпишувањето на оваа спогодба не содржи какви било иредентистички/ревизионистички упатувања. Комитетот, исто така, ќе ги проучи и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали, како што е предвидено во овој член. Комитетот редовно ќе се состанува, а најмалку двапати годишно и ќе поднесува годишен извештај за своите активности, како и препораки кои треба да бидат одобрени од Советот за соработка на високо ниво, кој ќе се формира во согласност со член 12. (Извор: Влада на РМ)

Во таа насока, токму такво е и соопштението на Владата од 10.09.2018 година, додуша многу скудно, во кое се наведува дека се спроведува конкретната обврска од Договорот од Преспа:

Во согласност со Член 8 став 5 од Конечната спогодба меѓу Република Македонија и Грција, потпишана на 17 јуни 2018 г. (Спогодбата од Преспа), формиран е Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања.

Во составот на ЗИКЕ од наша страна има седум члена, на чело со амбасадорот Виктор Габер.

Но, дополнителен доказ дека Владата на РМ не е пред процесот и не брза со имплементирање на Договорт од Преспа е и точка 4 од Член 20, кој се наоѓа во главата Преодни и Завршни одредби:

Член 8, став (5) ќе се применува привремено и пред влегувањето во сила на оваа спогодба. Доколку оваа спогодба не влезе во сила, оваа спогодба, во целост и секоја нејзина одредба поединечно, нема да имаат никакво дејство или примена, ниту привремена, ниту каква било друга и истата нема на кој било начин да ја обврзува која било од Страните.

Имајќи предвид дека Договорот од Преспа е потпишан на 17-ти јуни, а Собранието на Република Македонија два пати го изгласа – ратификуваше (поради враќањето од страна на Претседателот Ѓорѓе Иванов), при што последното гласање беше на 5-ти јули, сосема е јасно дека Владата на РМ не само што не е побрза од процесот околу спроведување на обврските од член 8 од Договорот, туку има и мало задоцнување, со оглед на тоа што ЗИКЕ требаше да биде формиран на еден месец по потпишувањето, т.е. при крајот на јули годинава.

Оттука, изјавата на Мицковски во врска со ова прашање ја оценуваме како невистина.

ИЗВОРИ:
• ВМРО-ДПМНЕ – Веб страна/ТВ 24/интервју со Христијан Мицкоски – [Проверено на 13.09.2018]
• Влада на РМ – Веб страна/Договорот од Преспа – [Проверено на 13.09.2018]
• Влада на РМ – Веб страна/Соопштение – [Проверено на 13.09.2018]
• Дојче Веле – Потпишување на Договорот за името во Преспа – [Проверено на 13.09.2018]
• Тајм.мк – Агрегирани вести за ратификација на Договорот – [Проверено на 13.09.2018]

_____________________________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: http://vistinomer.mk