Под дервишовото сиќе

25.09.2018 19:16
Под дервишовото сиќе

Две борби

Со млечен поглед ми ја пиеш
Промајата од коски
Затвораш очи
И врз топла почва легнуваш
Кротка
Да земеш здив
Пред последната борба
Со мене до зори
Кога кртови ќе танцуваат под светол месец
Јас ќе те појам со згуснат студ
За последен пат
Во неврат пред да тргнам
Ти собери сили
И прости...


Под дервишовото сиќе

Да можеш барем на пет минути
Да влезеш во мојот ум,
Ќе станеш врапче среде посеви жито,
Под црвен камен ќе го пронајдеш
Јазикот на молњите,
И девојката што ја љубам со три гради
И цвет наместо брадавица на едната,
Како хаосот ги опева вените на хероите,
Ќе ги видиш сите бои на светот
Нацртани со една линија,
Свињи што играат криенка-миженка
Во розови фустани,
Модрици што претаат ко риби в мрежа,
Зборот „вина“ исклесан врз градите на ветрот...

...пет минути во мојот ум
и сѐ уште ме бараш...


Изобличување

Крцкаат коските на Дамаск
Да ѕирнат надвор од лушпата
Што се пласти од време
Кога три слепи магариња
Ги грабнаа сите камења
Расфрлани низ матката на векот
Од кога филозофите беа глуви за обичниот човек
А во рузмарин пајаци пееја покрај река
И покрај гроб,
И рика градот да стане нешто друго
– Во сив папок
Срам, смрдеа и сласт.


Кога заврши сѐ
(поплавата)

Како во лонец
Киснат дваесет тела

Модрата кожа се дуе
Под пладневното сонце

Во зелен стомак
Пластика и кал

И ќе пукнат коски
Да засмрди на срам

Ќе пукнат коски
Да засмрди на срам.

ЛСА

Кога сонцето зборуваше монголски
Дрвјата немо тагуваа
А камењата беа празни сведоштва
За векот што мина и иде
Кога сѐ се случи во еден миг
– Бура, бес и трагање

Ми израснаа очи на сите места
Каде што рани имав

И сѐ уште се прашувам
Каде умираат мачките...

Летна соната за мојот град

Во мојот град
Само Сонцето е бесплатно
И воздухот што смрди на застоено млеко
Кога се враќаш дома пеш
Во четири попладне
Работниците копаат
Под секое клопче градска мувла
Како да бараат леден сок
За да наполнат дупки каде што заби немаат.

Во мојот град, летно време,
Белиот сон шета по напуштените улици
И стигнува да ти капне в уши мирис на квасец
За никогаш повеќе да не ти текне
Да пееш за овој град... кој ги оплакува живите.

Извор: „Под дервишовото сиќе“ (2018)


Андреј Ал-Асади е роден во Лондон, 1996 година. Активно пишува поезија и припаѓа на најмладата генерација македонски поети. Досега има објавено две книги поезија: Midnight blues (Антолог, 2014) и Под дервишовото сиќе (ПНВ публикации, 2018).

ОкоБоли главаВицФото