Приказна на жена на која не ѝ е јасно како денешните родители ги воспитуваат своите деца

25.09.2018 23:31
Приказна на жена на која не ѝ е јасно како денешните родители ги воспитуваат своите деца

Дали се сеќавате на времето кога постарите беа авторитет? Јас се сеќавам многу добро. Ги сакав цврсто утврдените граници. Доволен беше прекорниот поглед на татко ми на маса за веднаш да ми биде јасно дека супата не се пие и дека не се зборува со полна уста. Наставниците се почитуваа со станување кога ќе влезеа во училница со: „Добар ден“, со напишана домашна задача и уредна школска престилка...

Родителите беа ред и закон. Бабите и дедовците ги слушавме зашто тоа се очекуваше од нас и тоа никому не претставуваше проблем. Ако не си добар на училиште, едноставно си наебал, нема што да се зборува понатаму. Нема надвор, нема велосипед, нема џепарлак, среќен си ако не добиеш со влечка по задникот веднаш по родителскиот. Зборот на родителите е последен. Ако потоа изговориш барем: „Добро“, следи предупредување: Ако те удрам ушите ќе ти свират три дена, слушна? Мојот збор е последен. И потоа ќе климнеш со главата, не ти се исплатува ризикот од зголемување на казната, доаѓа викенд. Најлошото што може да ти се случи е да чистиш ориз цел викенд со баба ти. Многу ориз. Или да вадиш никулци од двесте килограми проникнати компири во подрумот.

Се знаеше редот за сè и ние растејќи го прифаќавме како цврсто поставена граница која не се пречекорува. Не сакаш боранија за ручек? Ќе ја јадеш за вечера. Не сакаш ни за вечера? Истата боранија ќе те чека за појадок. Потоа сфаќаш колку тоа е одвратно, па ќе ја изедеш за ручек кога ќе ти ја послужат.

Што има слатко? Има јаболки. Нешто послатко? Има јајце со шеќер или изрендај јаболки со шеќер, јади шеќер, не знам... Има уште пет дена до пензијата, тогаш ќе има сладолед. Наградите за одличен успех на училиште и за добро однесување беа мошне скромни и бескрајно им се радувавме. За одличен успех од татко ми и мајка ми добивав нешто посебно. Се сеќавам на првиот вокмен. За тој вокмен учев дење и ноќе, пишував реферати, ги поправав оценките за да можам одејќи да ги слушам Блонди и Депеш Мод во зелените старки што ги добив претходната година за одличниот успех. Старките беа најдоброто нешто што можеше да се има од обувки, но ако некој ти ги донесе од Америка, инаку ќе добиеш некои патики со лепенки и вози, ги носиш додека не се скинат.

Не можам да сфатам што се променило во меѓувреме во врска со воспитувањето на децата и системот за наградување. Децата денес имаат многу нешта и не се радуваат на ништо особено. Мрзеливоста и дебелината се третираат „па таков е што да му правам“. Што се случи со игрите здрвен дедо, криенка, ластик, царе, царе господаре? Се случи интернетот. Парковите и дворовите ги заменија социјалните мрежи. Преку ноќ. Подмолно. Ние го прифативме тоа. Го поздравивме. Се придруживме на таквиот вид дружење за кое е потребен само компјутер и струја. Децата се дружат онлајн. Внатре.

Како родител, го следев старинскиот рецепт на моите родители како децата да не ти го испијат мозокот или како да останеш нормален, авторитативен и да имаш неограничена слобода на движење.

Како да стана тренд да не постојат граници или родителите не знаат да ги постават и да ги одржат стабилни. Во суштина се промени тоа што децата се третираат како да се од морска пена. Понекогаш застанувам и ги посматрам младите родители во парковите. И жал ми е. Гледам дека се тетерават, исфрустрирани се, не можат да го совладаат сопственото дете од четири години. Одат по нив со лончиња во паркот и ги хранат во чекор, зашто „тој само така сака да јаде“.

Трчаат по нив за да не паднат. Остави го да падне, како ќе ја развие моториката на сопствените раце и нозе ако не знае дека постои и таква можност...да падне. „Мојот не јаде спанаќ, мојот не јаде месо, сака само компир, мојот не спие до полноќ“. Како бре не спие, па убаво пишува во книгата на д-р Спок: Ставете го во кревет најаден, пресоблечен и изгаснете го светлото. Во девет во кревет. Плачи, ме заболе, и јас сум живо суштество. Каде се моите пет минути?

Сè е убаво напишано во бестселерот „Како да одгледувате дете“. Мислам дека повеќето од нас ја наследиле таа книга. Од кого? Од нашите родители. Што мислите за што им служела книгата? За да видат како треба. И мене ми остана во аманет и ја прочитав и применив од корица до корица.

Јас ги родив, не тие мене. Има време и место за јадење, спиење, игра и тука нема компромис. Едноставно, така е. Целта на родителството не е да му бидеш роб, туку од него да направиш чесно човечко суштество со стекнати здрави навики. Со детето да изградиш здрав, разумен однос во кој се знае дека најважно е меѓусебното почитување, како и доследноста на секое изговорено правило.

-Извинете, ми рече една млада жена, детето ви јаде земја.

-Знам, нека јаде ако му се допаѓа. Тоа е мало животно, ако не му се допаѓа ќе ја плукне.

Јас ги родив, не тие мене. Има време и место за јадење, спиење, игра и тука нема компромис. Едноставно, така е. Целта на родителството не е да му бидеш роб, туку од него да направиш чесно човечко суштество со стекнати здрави навики.

Не стекнав многу истомисленици на таквите спонтани, заеднички собирања во парковите. На многумина им делував чудно и се држеа настрана. И тоа го разбирав. Не зборував додека не ми се постави прашање. Твое дете, твоја грижа. Жал ми е што те слушам колку многу грешиш млада жено.

Грешиш зашто си му дозволила да се фрла на бетонот и да те клоца зашто не го добил 25-то лижавче, грешиш зашто си ненаспана затоа што тој не заспива до еден часот по полноќ.

Грешиш зашто му плаќаш со лижавчиња за да биде добар кон тебе и кон другите. Грешиш зашто постојано му ги бришеш рацете со влажни шамивчиња.

Грешиш зашто го учиш дека ќе го касне секое куче и дека секоја мачка ќе го изгребе. Грешиш зашто е гојазен, во пелени со цуцла, а има четири и пол години и забите му се црни од кариес.

Грешиш што не му даваш да оди во песок за да не се извалка и да не оди на тобоган за да не мора да го фаќаш, зашто газето прегрубо ќе му се приземји според твојот критериум. Потоа ќе плаче... а ти си останала без колачето во твојата торба со дезен на пајче. Те жалам жено.

Слики: Bianca Berends

Извор: http://magazinalfa.com