Патот не можеме да го изодиме сами

26.09.2018 11:15
Патот не можеме да го изодиме сами

Во овој текст нема да навлегувам во кавги, дебати, бесполезни докажувања. Нема да се препукувам кој повеќе ја сака оваа држава – јас или ти, што ќе бојкотираш. Нема да победи никој, затоа што најверојатно и двајцата ја сакаме. Но, одговорот што не го добив во овие месеци, ниту од опозицијата ниту пак од мои блиски кои гордо се лупаат во гради дека ќе го бојкотираат референдумот, е како ја гледаат иднината на нашата држава ако референдумот пропадне? Некои ми велеа, чекај, ќе влеземе некогаш под името Македонија, ќе видат Грците што е народ, на што се смеев со горчина, знаејќи дека тридецениски спор никогаш нема да се реши само и само во полза на една држава. Некои ми велеа, не ни треба ЕУ, уште помалку НАТО. Некои велат, ах тој мафијашот Заев...

Драги мои, јас нема да гласам за партија. Јас ќе гласам за иднина. А во сите овие години, најмногу ме иритирале луѓето без став. И да се разбереме, бојкотот не е став. Бојкотот е молк, повлекување, игнорирање на една историска одлука. А јас сум дел од општеството и сакам да придонесам во донесувањето на одлуката. Како придонесувам јас за ова општество ако кажам дека од сега ќе ја бојкотирам мојата професија и веќе нема да пишувам текстови? Како ќе придонесе лекар ако го бојкотира здравството и каже дека од сега нема да врши прегледи, затоа што не му се допаѓаат условите за работа? Тоа е кукавичлук, тоа не е став. Игнорантскиот однос кон работите не изеде одвнатре. Тоа, и неедуцираноста.
ОДБИВАМ.

Одбивам да живеам во изолирана држава, како некоја афричка земја. Одбивам да имаме закони со илјадници дупки, за секој да си ги толкува како сака. Одбивам да се држам до историјата, а со тоа да си ја уништувам иднината. Одбивам на секоја можна конференција да стои ФИРОМ до моето име. Не сме Македонија надвор, да се разбереме. Одамна не сме, само некои како сега да се разбудија од 27 годишен сон. Одбивам да живеам во држава каде што критериумите за вработување се како на пазар, во држава каде за да извезеш производ треба да поминеш илјадници процедури само затоа што си не-ЕУ држава, одбивам да живеам во држава со селективна правда и со партиски предзнак пред секоја можна институција.

ОВОЈ ПАТ НЕ МОЖЕМЕ ДА ГО ИЗОДИМЕ САМИ. Ако не е Заев, ќе биде Мицкоски, ќе се вртиме во круг до недоглед, стари проблеми, нова власт, партиски кадри, недоквакани закони и процедури. Ни треба интеграција со светот. Ни треба некој да ни ги прочешла законите и да ни стои над глава. Ни треба некој што ќе не турне напред. Сами, ќе тапкаме во место. А мене искрено ми здосади да тапкам во место. Бесна сум што тапкам во место. А уште побесна што многу добри ги знам последиците ако овој референдум не успее. И затоа ставам точка на сето ова, и знам дека ќе бидам чиста пред себе кога ќе гласам ЗА. Со сите ризици и без разлика колку време е потребно за да излеземе на еден подзачистен пат од прашина и од закоравеност, јас ќе гласам ЗА. Секоја друга опција ми е помирување со безнадежноста што ја живееме со години. А јас не се помирувам така лесно.

Добра ноќ на сите и одбивам да се докажувам на темава. Би рекла, секој со својата совест, но не сакам да звучам како Мицкоски, па само ќе речам, размислете добро како ја замислувате оваа држава без наша интеграција во Европа.

Слики: Guy Billout