Моите мртви родители се подготвуваат за референдумот

26.09.2018 12:50
Моите мртви родители се подготвуваат за референдумот

Телевизорот им е вклучен постојано, гледаат дебатни емисии, се уфрлуваат во екранот со свое мислење. Особено татко ми. Не се согласуваат, како што не се согласуваа ни живи, особено за политика. Ако татко ми беше на едната страна, мајка ми секогаш беше на другата. И сега, мртви, повторно имаат различно мислење и за референдумот и за името, и за договорот со Грција. Нема да одат заедно на гласачкото место, никогаш и не биле заедно. Мајка ми ќе оди рано наутро, татко ми веројатно дури кон пладне, ако не и пред самото затворање. Не сум сигурна дали навистина секогаш гласаа различно, или само така велеа од некои нивни причини.

Тој Србин, таа Македонка, која и сега, мртва, додека се подготвуваат за референдумот, се нервира зошто татко ми толку инсистира дека е нешто друго, различно од неа. Се смеевме како деца за време на пописите на населението од 1971 и 1981, дека мораме различно да се попишеме со брат ми; така инсистираше татко ми за да имало „национална рамнотежа у куќу“. Кај нас за сѐ одлучуваше татко ми, а излегуваше како што сакаше мајка ми. Впрочем, на пописот од 1991 сите сме станале Македонци, зашто мајка ми била сама дома и така им кажала на членовите на пописната комисија, нејзини познајници од фабриката „Киро Фетак“. Разбравме многу подоцна во една нивна кавга од национален интерес, после која татко ми цела недела зборуваше исклучиво српски.

Моите мртви родители се подготвуваат за референдумот. Не сум сигурна дали навистина ќе гласаат различно, или само така ми велат во спомените, особено татко ми, од некои нивни причини.

Слики: Andrew Wyeth