Десетте најголеми статуи во светот

22.09.2010 13:01
Десетте најголеми статуи во светот

Исто како Светските чуда, постојат бројни статуи и споменици кои претставуваат обележја на одредени нации. Ви ги претставуваме десетте статуи кои се вбројуваат меѓу највисоките во светот.

Статуата на Хануман, Њу Делхи, Индија

Да не е обоена со толку силна портокалова боја, вие можеби и нема да ја забележите статуата на Хануман меѓу вртоглавиот сообраќај и хаос на Њу Делхи, главниот град на Индија. Но, ете го како стои и гордо се извишува Хинду мајмунот-божество меѓу зградите и сообраќајниците. Во Хинду митологијата, Хануман е заповедникот на армијата мајмуни. Роден како дете на нимфа и богот на ветерот, и благословен со вештината да лета и да порасне огромен, кога бил млад тој полетал и се обидел да го зграпчи сонцето – помешувајќи го со овошка. Подоцна Хануман ги користел своите вештини за правење добро и како благодарност за неговата служба кај Хинду богот Рама, тој во Индија се смета за пример на човечката посветеност.

Златниот дупчач, Тулса, Оклахома, САД

Стоејќи самоуверено со едната рака на колкот и другата на врвот од некогаш функционалната дупчалка за нафта, Златниот дупчач го чува влезот на Изложбениот центар на Тулса веќе 40 години. Неговите 22 тони бетон можат да издржат торнадо со брзина од 350 км/ч, и Оклахома го прогласи за официјален државен споменик во 1979 г.

Статуата на Џингис Кан, Монголија

Речиси 800 години откако Џингис Кан го освои поголемиот дел од тогашниот познат свет, народот на Монголија му оддаде почест преку изградбата на најголемата статуа на коњаник во светот. Кан и неговиот коњ, кои се наоѓаат на врвот на постаментот кој, пак, претставува и амфитеатар од затворен тип, се високи 45 метри. Се наоѓа на околу 50 км од главниот град Улан Батор, во областа позната под името Тсонјин Болдог.

Христос Спасителот, Рио де Жанеиро, Бразил

На надморска височина од над 800 метри, над градот Рио де Жанеиро, се наоѓа 45 метри високата статуа на Исус Христос, која е поставена на 10 метри високиот постамент. Распонот на неговите раширени раце изнесува околу 35 метри. Граден во периодот 1922-1931 г., Христос Спасителот претставува популарна туристичка атракција, како и светски познат симбол на најголемиот град во Бразил.

Раце што се молат, Тулса, Оклахома, САД

Познати како „Раце што лечат“, овие две масивни раце кои се поставени во положба на молитва претставуваат најголемата бронзена скулптура во светот. Со тежина од 30 тони, скулптурата се наоѓа пред влезот на универзитетот Oral Roberts во Тулса.

Споменик на африканската ренесанса, Дакар, Сенегал

На 3 април годинава, сенегалскиот претседател Абдулае Ваде го откри Споменикот на африканската ренесанса. Статуата висока 55 метри, направена од бакар, предизвика многу контроверзи. Најгласни беа поплаките дека е прескапа (28 милиони долари), прегрда (се споменуваа сличности со сталинистичките скулптури) и дека се работи за коруптивна зделка. Оваа структура го надгледува Атлантскиот океан и е првото нешто кое може да се забележи од огромна далечина кога ќе слетате со авион во Дакар.

Тиан Тан Буда, Хонг Конг, Кина

Порано оваа скулптура беше највисокиот Буда на отворено. Во ведрите денови, жителите на Макао можат да ја видат скулптурава од далечина од над 50 км. – од другата страна на Јужното Кинеско море. Нејзината изградба чинеше речиси 68 милиони долари и траеше три години.

Статуата на слободата, Њујорк, САД

Подарокот од Франција во чест на независноста на САД е висок околу 53 метри и претставува најпознатиот симбол на Америка и Њујорк. Годишно ја посетуваат над 3 милиони посетители. Откриена е во 1886 г.

Повикот на татковината, Волгоград, Русија

Во 1967 г. СССР посвети огромен споменик во чест на своите успеси од Втората светска војна. Статуата е висока 60 метри, и во едната рака држи меч кој е висок дополнителни 38 метри. Поради тоа што не е зацврстена за бетонски постамент со цврсти темели, и поради делувањето на подземните води, оваа статуа досега е накосена за околу 20 см. Руските власти се плашат дека може да се урне ако се наведне за уште неколку десетици сантиметри.

Кралот на кралевите, Монро, Охајо, САД

Во 2004 г., црквата Solid Rock подигна споменик на Исус кој ги крева рацете, висок 22 метри. Меѓутоа, многумина од патниците на автопатот Охајо 75 ја нарекуваат оваа статуа Тачдаун Исус поради неговата сличност со судија од американскиот фудбал кој сигнализира дека е постигнат погодок во оваа игра.

Извор: goshycab.com

А Маунт Рашмор и Меморијалот

А Маунт Рашмор и Меморијалот на Лудиот Коњ, изделкани од планинска карпа?

ОкоБоли главаВицФото