„Руската врска“ на бојкотирачката десница во РМ

27.09.2018 00:37
„Руската врска“ на бојкотирачката десница во РМ

Во борбата против Договорот, македонската екстремна десница, особено партијата „Единствена Македонија“ – копија на руската „Единствена Русија“ -која е во таборот на „бојкотирачите“, јавно ги пропагира идеите на рускиот филозоф Александар Дугин за геополитичкиот проект „евроазиска унија”. За Дугин е познато дека има блиски врски со многу екстремни десни и фашистички партии во Западна и Источна Европа. Неговите идеи се блиски со оние на „Националниот фронт“ на Марин Лепен во Франција, на Виктор Орбан во Унгарија, на автриските неонацисти во движењето што се нарекува „Идентитетски“, на германското неонацистичко движење „Пегида“. Германскиот печат, но, и познати германски филозофи, како Миха Брумлик, пишуваат за овој феномен веќе неколку години. Неодамна и Михаел Мартенс известуваше во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за „балканската турнеја“ на Александар Дугин и Леонид Савин низ Македонија и Србија во март оваа година. Русинот Александар Дугин, вушност, стана познат пред неколку години како „дворски филозоф“ на Владимир Путин. Иако се говори дека, по некое време, неговите идеи станале и за Путин „премногу луди“, сепак, тој се смета за негов близок истомисленик. Двајцата и понатаму ги поврзува идејниот проект на „евроазиската унија“, како и антизападната, антиевропската ориентација.

Притоа Дугин има руски извор само за „евроазиската“ идеја. А тоа е теоријата на рускиот филозоф Лев Гумиљов, синот на поетесата Ана Ахматова. Но, целата елаборација на неговите проблематични тези Дугин ја гради ползувајќи се, речиси во целост, само со неколку западни филозофи – декларирани фашисти или националсоцијалисти. Дугин се повикува на малку познатиот италијански фашистички филозоф, Јулиус Евола, кој политички стоел уште подесно и од самиот Мусолини. Но, главните аргументи Дугин ги наоѓа кај германскиот филозоф Мартин Хајдегер, кому вистински му се восхитува. Не изненадува што и на социјалните мрежи во Македонија противниците на Договорот се повикуваат на Евола и на Хајдегер како најголемите филозофи на дваесеттиот век. Притоа, барем јас имам таков впечаток, тие знаат многу малку за тоа кои биле Евола и Хајдегер. Нивната перцепција во десничарските кругови во Македонија, најверојатно, е посредувана од геополитичката, славјанофилско-фашистичка филозофија на Александар Дугин. Како сите екстремни националистички филозофии, и филозофијата на Дугин е еклектичка и епигонска. Таа е мешавина од политика и филозофски маскирана митологија.

Што се однесува до Хајдегер, нему долго му се восхитуваа многу филозофи во Европа, пред и по војната. Долго никој во неговата прилично мрачна филозофска конструкција не можеше да ја насети политичката заднина. Единствено Теодор В. Адорно во шеесеттите ја разобличи Хајдегеровата филозофија на битието како реакционерен, антипросветителски „жаргон на своебитноста“. Сепак, дури во седумдесетите излезе на виделина во германската јавност дека Хајдегер бил член на партијата на национал-социјалистите. Кога, пак, 2013-та, беа откриени неговите „црни тетратки“ – во такви тетратки Хајдегер со години правел белешки – стана сосем јасно дека тој бил изразит антисемит, за кого Хитлер дури бил премногу благ во третманот на Евреите. Тоа ја помрачи славата на Хајдегер.

Ама, очигледно, не и за филозофи како Александар Дугин. Додека еден период многумина се тешеа дека барем Хајдегеровото рано, капитално дело „Битие и време“ било уште „неконтаминирано“ од антисемитизмот и националсоцијализмот, Дугин токму таму го нашол изворот за неговата преродба на реакционерната идеја за светоста на „почвата и крвта“. Хајдегеровото толкување на битието го интересира Дугин само заради теоријата на земјата, на територијата, која е централна во евроазискиот проект на Лев Гумиљов. Овој, пак, се застапувал за една политичка форма која се разликува од западната демократија. Бидејќи кај Гумиљов е централен етносот, како група на луѓе со заедничка историја, политичката форма која тој ја заговара ја нарекува „демотија“. Пример за „демотија“ за Дугин е црковната хиерархија во старата Московска Рус. Не ме изненадува што и во некои македонски интелектуални кругови, блиски на Руската православна црква, има луѓе што тврдат дека моделот на европската демократија бил надминат.

Највисоката вредност во светогледот на Дугин е да се сочува сопствениот идентитет. Тоа значи, да се сочува историјата од која еден народ потекнува. Од тоа, за него, произлегува дека никој нема право некому да му ги наметне „својата вистина“ и „својот систем на вредности“. Токму затоа тој тврди дека Западот, но, и секоја етничка заедница и култура, имаат своја сопствена вистина. Во таа смисла, не е чудно зошто Александар Дугин е привлечен за екстремните десничари и за таборот „Бојкотирам“ во Македонија. Уште појасно е зошто тој се појави во Македонија токму во мигот кога почна да се навестува окончувањето на спорот за името со Грција. Секако, мотивот за посетата кореспондира и со геостратешките цели на руската политика. Патем, тој при таа турнеја низ Балканот прво во Скопје ги восхити Македонците кога им говореше за нивната „света земја“ – Македонија. А потоа ги восхити и Србите, кога им сугерираше дека не е ништо страшно ако ја обноват идејата за Голема Србија. Секако, за да ги освојат своите изгубени српски „свети земји“.

Влијанието на идеите на Александар Дугин врз македонската десница, која жестоко се бори против Договорот од Преспа, очигледно доаѓа во Македонија преку Србија. Во Белград веќе постои школа за геополитичката теорија на Александар Дугин, која ја раководи Леонид Савин. Тој е главен уредник на рускиот центар „геополитика.ру“. Дугин и Савин беа гости на партијата „Единствена Македонија“ во март 2018 во Скопје. Македонски учесници на Дугиновата школа за геополитика во Белград се и некои од луѓето кои пишуваат против Договорот на еден чуден македонски портал, зад кој се крие некое здружение на студенти наречено „Политички гроздобер“. На порталот јасно се пропагира бојкот на Референдумот. Секако, на него може да се купат и ауди-книги на Александар Дугин. Порталот е мешавина од христијански содржини, кои најчесто се поставуваат во дневно-политички контекст, со што се манипулираат обичните, неинформирани верници. Секако, православната реторика и иконографија на порталот се само камуфлажа. Но, тие се и добра замка за неупатените православни христијани, некритички да ги „голтнат“ крајно реакционерните идеи, кои, всушност, противречат на христијанството. Имено, во историски и етнолошки текстови на тој портал се слави истовремено и „славјанството” и “античките Македонци”. Јазикот е чист маниризам, сличен на тоа што Адорно кај Хајдегер го нарекува „жаргон на своебитноста“. Знаци од глаголицата на вебстрницата се само декортивен прилог. Многу македонски изрази се појавуваат во граматички неточна форма, создадена по урнек на старословенскиот, но, и на рускиот. Овие нешта треба да сугерираат духовност и архаизам. Македонската нација, секако, се опишува како вековно постоечка - непрекинато од прапочетоците на светот. Сето тоа е во духот на фашистоидната компилација на филозофијата на Дугин, која се врзува за земјата, за територијата. Затоа овие македонски „Дугинисти“ сметаат дека имаат право во својата слика за идентитетот да бидат истовремено и Словени и антички Македонци – само заради територијата Македонија.

Освен тоа, на тој портал како клучно толкување против Договорот стои текстот на некој Андреј Корибко, руски аналитичар од Москва. Тој е советник во некој „Институт за стратегиски студии и предвидувања“ при „Рускиот универзитет за пријателство и мир меѓу народите“ во Москва. Но, тој е и новинар на рускиот пропагандистички новински портал „Sputnik international“, а и на други новински онлајн-портали, блиски на „Путиновата хибридна војна“ со информации. Тој самиот е автор на книга за „хибридната војна“. Ако го изгуглате неговото име, ќе сфатите дека тоа веќе подолго време се појавува во вести на десничарски, националистички и проруски портали во Македонија - најчесто со критика на решението на спорот за името со Грција.

Главната теза на толкувањето на Договорот со Грција на Русинот Андреј Корибко е дека „страшното предупредување на Џорџ Орвел за „политички коректна“ полициска држава е во можност да стане реалност во Република Македонија, доколку земјата ги спроведе неодамна договорените одредби од спогодбата со Грција...“ Ова е една од ретките поконкретно формулирани тези во прилично небулозниот напис, во кој со бомбастични поими се сугерира страв кај Македонците од нивното исчезнување. На пример, Договорот се нарекува „постмодерна окупација“ на суверена држава. Што тоа конкретно значи, не се објаснува подетално, но, тоа не зачудува, оти е сосем во стилот на теориите на заговор. Многу повеќе зачудува фактот што тезата, според која Македонија е присилена од Западот на невидена „политичка коректност“, но и споредбата со Орвеловата антиутопија, се среќава кај многу македонски интелектуалци во таборот на бојкотирачите. Бомбастичните тези на Корибко се среќаваат и кај некои од оние македонски интелектуалци, кои неколкупати се појавија како потписници на петиции и писма во јавноста против промената на името и против Договорот. Патем, таа теза ја сретнав и кај десничарски и кај левичарски обоени македонски интелектуалци. И кај луѓе што тврдат дека се православни верници, како творците на тоа дубиозно студентско здружение „Политички гроздобер“. Но, и кај интелектуалци со изразит отпор кон религијата и црквата.

Што ги обединува сите нив во борбата против Договорот од Преспа? Ги обединува желбата да ги заштитат своите партикуларни политички интереси. И левите и десните конзервативци ги обединува во таборот на „бојкотирачите“ нивниот национализам, нивната желба за еднонационална држава, нивните соништа дека може да се создаде православна алтернатива на западната демократија во вид на возобновување на Византија или на „василеизмот или василија“ (религиозна држава), нивното одбивање да ги прифатат правата на маргинализираните групи како што тие се пракса во ЕУ, нивниот антиглобализам, антиамериканизам, антилиберализам, како и критиката на капитализмот кај левичарите.

Ваквата мешавина се излева катаден од социјалните мрежи не само врз академски образованите, туку и врз обичните луѓе во Македонија. Тие, обичните луѓе, никогаш не чуле ниту за Хајдегер, ниту за Дугин, ниту за неговата геополитика и „евроазиска унија“. Тие не знаат ни за Орвел, ни за неговата антиутопија. Уште помалку разбираат што е „постмодерна окупација“ или „политичка коректност“. Во сета таа збрка тие ги препознаваат само зборовите што им сугерираат страв - дека Македонците ќе исчезнат, дека македонскиот народ се бришел, дека идентитетот бил загрозен. Овие тврдења наидуваат на плодна почва кај обичните луѓе затоа што за нив политиката е партијата. Особено десните партии во Македонија отсекогаш манипулираа со гласачите сугерирајќи страв. Бојкотот кај обичните луѓе, всушност, е реакција на нивниот страв и збрканост.

Во таа смисла, крајно неодговорно е што македонските конзервативни политичари шират страв од НАТО и од ЕУ. Недржавнички е тоа што македонскиот претседател Иванов нема да е во Македонија кога ќе се одржи Референдумот. Неодговорно е од Иванов алтернативата за Македонија да ја гледа повеќе во блискоста со Русија и Турција, отколку во НАТО и ЕУ. Кај обичниот народ во Македонија е уште жив митот за „пријателска Русија“. Со тоа манипулираат и македонските проруски екстремни десничари и екстремните крила на ВМРО, но, за жал, и претседателот Иванов. Како сите да заборавиле дека историјата на Македонија доволно јасно сведочи дека Русија никогаш не одиграла позитивна улога за Македонија.

За сета манипулативна збрка од информации свој удел имаат и македонските интелектуалци. Обичните луѓе не знаат кој е Русинот Андреј Корибко, авторот на текстот против Договорот, што им го нуди некој познат македонски професор на својот профил, оти не научиле, пред да им поверуваат на информациите, да го проверат нивниот извор. Тие, впрочем, им веруваат на интелектуалците, затоа што се убедени дека тие мора да пишуваат и говорат одговорно. За мене има едно драгоцено сознание во сета работа со македонските интелектуалци и Договорот со Грција. Во сиве овие месеци и недели стана јасно „кој е кој“ во тоа што го сметав за македонска интелектуална јавност. Многумина си ги „отворија картите“. Договорот навистина беше политичкиот „лакмус тест“ за интелектуалците во Македонија.

Уверена сум дека Референдумот ќе успее. Затоа што мнозинството на македонските граѓани, независно од етничката припадност, ја научија лекцијата од балканската, но, и од постјугословенската историја. Тие научија од историските трауми на балканските народи. Тие не сакаат повеќе војни за територии, за славно минато или за „свети земји“. Тие знаат кои се и знаат што сакаат – мир во Македонија и на целиот Балкан. Еден од најдобрите познавачи на македонската и балканската историја, германскиот историчар Штефан Требст, при осамостојувањето на Македонија како суверена држава напиша дека тоа е најзначајниот факт за иднината на мирот на Балканот. Затоа што со постоењето на стабилна македонска држава се укинува политичкиот вакуум, кој постоеше сето време додека Македонците немаа своја држава. Тој вакуум секогаш одново произведуваше кризи и војни, затоа што будеше желби кај соседните народи да ја освојат македонската територија. Со Договорот од Преспа се затвора и „македонското прашање“ и исчезнува прочуениот историски вакуум. Република Северна Македонија ќе биде рамноправен субјект во меѓународната политика.

Слики: Gottfried Helnwein