Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели

27.09.2018 00:47
Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели

На 27 септември (четврток), со почеток во 18.30ч., во Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде отворена изложбата со наслов „Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели“.

Куратор на изложбата е Бојана Јанева Шемова.

Изложбата ќе биде отворена со кусо обраќање на Премиерот на Р. Македонија, г-н Зоран Заев, Министерот за култура, г-н Асаф Адеми, амбасадорот на Италија во Р. Македонија, г-н Карло Ромеро и градоначалникот на град Скопје, г-н Петре Шилегов.

Свое обраќање ќе имаат и д-р. Рикардо Пасони, директор на „Галерија на модерна и современа уметнсот“ во Торино, Италија и г-ѓа Бојана Јанева Шемова, куратор на изложбата.

Директорот на Галеријата, г-н Рикардо Пасони, следниот ден на 28 септември (петок) со почеток во 19 ч. во просториите на МСУ ќе има презентација за музејската дејност на Галерија на модерната и современата уметност во Торино, Италија.

Бело - Алберто Бури

Изложбата „Конекции во колекциите - италијанско-македонски паралели“ се обидува да прикаже можни ликовни врски меѓу делата од италијански и македонски автори застапени во колекцијата во Музејот на современата уметност.

На изложбата ќе бидат видени и дела од авторите кои биле дел и од првата постојана поставка на МСУ-Скопје во 1970 година како Ренато Гутузо, Алберто Бури, Енрико Бај, Емилио Ведова, Афро Базалдела, Франко Џентилини, Никола Карино, Корадо Каљи, Џетулио Алвиани, Франческо Сомаини и други видни претставници и придвижувачи на актуелни уметнички правци во Италија и во Европа во повоениот период. Иако, повеќето италијански дела и во колекцијата и на изложбата се од 60-те од минатиот век, италијанската колекција ја карактеризира нетипична разнородност, особено што нејзиното збогатување продолжило и понатаму, по оваа декада.

Па, од 70-те и 80-те години неминовно беше да се вклучат во „Конекции во колекциите” и автори како Пјеро Дорацио, Франко Фонтана, Мариа Тереза де Ѕорѕи, Мимо Ротела, Анџело Титонел, Марио Телери, Бруно Талпо и најистакнатите претставници на поштенската уметност - Виторе Барони и Гуљелмо Акиле Кавелини.

Оттука, со делата од македонската колекција изложбата трансгресира нагоре-надолу по временскиот вектор, па во изложбата се вклучени дела создадени од педесеттите години до денес. Причината за ова меѓуисториско поврзување на различни начини на читања - модернистички и постмодернистички, се наоѓа во следењето на стилските, тематските и контекстуализирачките особености, како и ликовните елементи и принципи на италијанските дела во изложбата.

Манастирски пејзаж - Петар Мазев

Оваа трансисториски конципирана изложба, заснована врз индивидуален кураторски избор, прави и извесни исчекори од модернизмот, следејќи ги подоцнежните дела од италијанската колекција според определени ликовни аналогии и контекстуализации. Во нив делата на места резонираат себеобјаснувачки и врската меѓу нив е брза и отворена, но за некои од нив е потребно попроникливо читање на тематската или стилската поврзаност.

На изложбата ќе бидат претставени следниве автори: Алберто Бури - Петар Мазев; Енрико Бај - Симон Шемов; Корадо Каљи - Танас Луловски; Ренато Гутузо - Кирил Гегоски; Џузепе Капогроси - Божин Барутовски; Афро Базалдела - Драгутин Аврамовски-Гуте; Франческо Сомаини - Петар Хаџи Бошков; Емилио Греко - Петар Мазев; Џузепе Сантомазо - Александар Јанкулоски; Луиџи Монтанарини - Ристо Лозаноски; Емилио Ведова - Ордан Петлевски; Франко Џентилини - Димитар Кондовски; Енрико Пауличи - Иван Велков; Пјеро Дорацио – Антони Мазнески; Мирко Базалдела - Васил Василев; Антонио Санфилипо - Веле Ташовски; Лука Патела - Петре Николоски, Џетулио Алвиани - Душан Перчинков; Никола Карино - Благоја Маневски; Еторе Кола - Богоја Анѓелковски; Алфио Кастели - Петар Хаџи Бошков; Мариа Тереза де Ѕорѕи - Родољуб Анастасов; Акиле Перили - Нове Франговски; Мимо Ротела - Ирена Паскали; Анџело Титонел - Александар Ивановски; Марио Телери - Ордан Петлевски; Франко Фонтана - Исмет Рамиќевиќ; Бруно Талпо - Иво Велјанов; Виторе Барони и Гуљелмо Акиле Кавелини - Борис Шемов.

Изложбата е дел од програмата на Музејот на современата уметност за 2018 година и е поддржана од Министерството за култура на Р. Македонија, Италијанска амбасада во Р.Македонија и Еуролинк и ќе биде отворена се до 31 јануари, 2019 година.