За “предавниците” и баналноста на злото

27.09.2018 14:04
За “предавниците” и баналноста на злото

Последнава деценија се изнаслушавме за “предавници” и “предавства.” Толку ни станаа овие зборови дел од секојдневната комуникација што веќе не реагираме кога некој е обвинет дека ја “предал” Македонија и македонската кауза. Веднаш претпоставуваме од што се мотивирани и од кого се упатени, па наместо да реагираме, најчесто ги игнорираме. Но дали можеме да си дозволиме да ја заборавиме нивната историска тежина?

Во стара Грција, предавниците добивале не една, туку неколку казни: егзекуција, по што следело одземање на целиот имот, рушење на нивните куќи и обележување на местата со бронзена табличка со натпис дека таму живееле луѓе што извршиле предавство. Во стар Рим, единствениот пристап за кој што слободен граѓанин можел да бие казнет со смрт било таткоубиство и предавство.

Предавството го задржало истото место како врвно злодело и во јудео-христијанската традиција. Каин и Јуда се во најдолниот, деветти круг на Дантеовиот пекол. Заробени во мразот на огромно подземно езеро, ја издржуваат својата бесконечна казна заедно со сите други подоцнежни предавници на своите најблиски или на својата земја. Во Англија од Шекспировото време, нема поголем злостор ни пострашни казни од оние за предавство: бесење, вадење на внатрешните органи и сечење на телото на предавникот на парчиња.

Најпознатите примери на моќта на зборот “предавник” како политички инструмент во поновата историја се поврзани со Нацистичка Германија и Советска Русија. Во 1934, во “Ноќта на долгите ножеви,” Хитлер ја зацврсти својата власт со масовно ликвидирање на можни противници од сопствените редови, со тоа што ги прогласи за “предавници” на нацистичката кауза. Жртвите на Сталинистички чистки и судски процеси редовно беа обвинувани за “предавство” на својата татковина.

Ова се само неколку од мноштво примери, но едно е јасно, зборот “предавник” ја нема изгубено својата актуелност ни во денешниот политички дискурс.

Во круговите блиски до Путин, членовите на опозицијата редовно се нарекуваат “национални предавници.” Слично е и со десничарските влади на Орбан во Унгарија и Качински во Полска.

Година дена по неуспешниот пуч во Турција, Ердоган и се обрати на јавноста со ветување дека ќе ги “обезглави” сите предавници. Колку и да изгледа несоодветна споредбата, и Доналд Трамп се послужи со оваа реторика во своето годишно обраќање кон нацијата, кога отворено ја обвини демократската партија за предавство на американските интереси.

Слични тактики се користат и во нашето непосредно окружение. Во 2014та, лидерот на екстремната десничарска партија на Србија “Наши” објави листа на јавни личности кои ги нарече анти-српски предавници. Пред година и пол, високи функционери на владеачката десничарска партија на Хрватска предложија формирање на “регистар за предавници.”

Не изостанаа ни реакции. Една невладина организација во Хрватска (СКРОЗ) ја покажа апсурдноста на предлогот на дотичниот министер со отварање на веб портал каде што луѓе можеа сами да се регистрират како предавници. Против иницијаторот на црната листа во Србија се поведе судска постапка.

Во споредба со ова, македонскиот политички простор изгледа многу релаксиран: како слободата на изразување навистина да не направила толерантни кон секаков вид вербални изливи на омраза. А само мал преглед на интернет со фразата “македонски предавници” е доволен да ја покаже нејзината популарност, но и можната цена на нејзиното игнорирање.

Наједноставно кажано, дури и по цена дека е добро познато, кога некој е наречен “предавник,” тоа само по себе претставува оправдување за казна, ако не и отворен повик за линч. Политички анализи на поддршката што ја ужива Путин укажуваат дека дури и “неразјаснетите” убиства на неговите противници како Борис Немцов поминуват полесно поради постојаното потсетување на народот дека се работи за “предавници.” Петнаесет години по исто толку неразрешеното убиство на Зоран Џинџиќ, таблоиди блиски до владата на Вучиќ редовно алудираат на него како на “предавник” на српските интереси.

Можеби ни се чини банално - но злото е најчесто многу побанално отколку што можеме да претпоставиме. Да не бидеме толку сигурни дека само затоа што нешто ни изгледа толку препознатливо и избледнато од премногу користење, ја изгубило својата моќ кај целната публика.

Немојте да си дозволиме да го видиме денот кога овие толку лесно употребувани зборови ќе станат катализатор за насобраните фрустрации и гнев на обичниот човек. Немојте да чекаме некој друг “старец” да си најде оправдување во нив за напад на некој од “предавниците,” мотивиран од најдобри побуди, да за спаси саканата земја од “разнебитување.” Зашто последиците од тоа нема да бидат ни најмалку банални.

Линкови:

https://www.mkd.mk/makedonija/politika/niz-skopje-se-pojavija-lazhni-poternici-po-pavle-bogoevski-stevo-pendarovski-i

https://republika.mk/928815

https://republika.mk/939756

http://kolozeg.info/en/2018/03/17/%D0%BA%D0%B2%D0%B8%D1%81%D0%BB%D0%B8%D0%BD%D0%B7%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D1%98%D0%B0-%D1%82%D1%83%D1%80%D0%BD%D0%B0%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BA%D0%BE%D0%BD-2/

https://infomax.mk/wp/%D1%81%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D1%81%D0%B5-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8-%D0%BA%D0%BB%D0%B5%D1%82%D0%B8-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8/