Песни од Неруда, Борхес и Маркес кружат по Интернетот, а тоа не се нивни песни

28.09.2018 10:59
Песни од Неруда, Борхес и Маркес кружат по Интернетот, а тоа не се нивни песни

Песната Muere lentamente (Умирајќи полека), по грешка припишана на Пабло Неруда, циркулира по Интернетот веќе со години, и никој тоа не може да го запре, па така многумина во Шпанија добивале новогодишни честитки со овие стихови.

„Сите оние што барале начин некого да воодушеват, или да побараат инспирација за себе, ја разменуваат оваа песна уште од 2009 година. Проблемот е во тоа што чилеанскиот поет никогаш ја нема напишано“, изјавила фондацијата Пабло Неруда.

Не само овие, туку и некои други стихови циркулираат по Интернетот веќе подолго време и „не знаеме кој му ги припишал на Неруда, ама познавачите на неговото дело што ги консултиравме не знаат ништо за нив“, изјавила библиотекарката на споменатата фондација, Адријана Валенсуела.

Но, Умирајќи полека не е единствениот „лажен Неруда“ на кого налетуваат сајбернаутите. Валенсуела наведува дека за Неруда се зборува дека ја напишал и песната Queda prohibido (Забрането е), чиј вистински автор најверојатно е шпанскиот писател и новинар Алфредо Куерво, како и Nunca Te Quejes (Не жали се никогаш), чиј автор е непознат.

„Ова не е ни прв ни последен пат“, тврди Фернандо Саез, извршниот директор на фондацијата Пабло Неруда, „некој на познат поет да му припишува работи што никогаш не ги напишал и чии автори се непознати. Тоа се случи и со познатиот текст за животните чуда, кој му се припишува на Борхес, а кој тој никогаш ни иронично не би го напишал“.

Но, колку и да е озлогласен случајот за наводно Борхесовата песна Instantes (Мигови), за која неговата вдовица Марија Кодама вели дека е всушност дело на американската авторка Надин Стејр, уште пославен е случајот со апокрифното дело припишанo на Габриел Гарсија Маркес, La Marioneta (Марионета), со кое колумбискиот нобеловец наводно се простувал од своите пријатели кога дознал дека има рак.

„Она што ме убива е срамот поради луѓето што всушност поверувале дека јас сум во состојба да напишам нешто толку вулгарно“, рекол Маркес.

Умирајќи полека е дело на бразилската писателка Марта Медеирош, која има објавено неколку книги, а работи во весникот Zero Hora од Порто Алегре.

Веќе изморена што таа песна му се припишува на чилеанскиот поет, таа стапила во контакт со фондацијата и, за да го докаже своето авторство, ја однела како доказ својата песна A Morte Devagar напишана на португалски, објавена 2000 година.

Во една изјава Медеирош признала дека нема претстава како песната почнала да циркулира по Интернетот, иако тоа не ја изненадило, зашто веќе многу нејзини песни се наоѓаат таму, потпишани со имиња на други автори.

Извор: glif.rs