Постколонијална песна

28.09.2018 17:44

Лавовите на плоштадот Трафалгар во Лондон,
во квартот Монпарнас и насекаде низ Париз.
На гробот на кралот Ричард во катедралата во Руен,
во паркот Тиргартен и музејскиот остров во Берлин,
на Синџирестиот мост во Будимпешта; го чуваат влезот
во кралската палата во Брисел, дремат
во подножјето на споменикот на Колумбо во Барселона,
жонглираат на плоштадот Маркиз Помбал во Лисабон.
Уште одамна со камените погледи ги испраќаа бродовите
На источно-индиските компании од Амстердам.
Овде ги има повеќе отколку во Африка и во Индија.
Престолнините на бившите европски империи
не ги красат ниту делфини ниту птици, туку лавови,
чија сила е нивната самотија.

Како дванаесетгодишен, лизгав
една остра зима на замрзнатото езеро
во максимирскиот парк покрај ЗОО градината.
На езерото немаше никого освен мене.
Под еден од мостовите почувствував
кај влезот во кафезот присуство на лав,
чиј рик ме запре в место.
Лавовите всушност гледаат право во твоите коски,
низ ѕидовите, решетките и дрвјата, преку езерото
каде што лизгав па сè до римскиот колосеум и потаму,
низ пространствата врежани длабоко во нивната меморија,
погледот им почива во саваните во Африка пред колониите.

Превод: Никола Кукунеш

Томица Бајсиќ е поет, преведувач, цртач и дизајнер. Објавил четири книги поезија (Јужниот крст, Песни на светлоста и сенките, Воздух под морето и Бунтот на обесените), две книги патеписна проза ( Два света и уште еден и Амазон дише – училиште на далечниот крај на светот) и сликовницата за паркот на природата Велебит – Ана и Велебитската самовила.
Неговата поезија е преведена на дванаесет јазици и застапена е во низа антологии и литературни списанија во Хрватска и ширум светот. Изведувана е на радио, на телевизија и на театарската сцена.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото