Разресито утро

29.09.2018 01:15
Разресито утро

Цело утро го пребарувам зборот реси во компјутерот, поттикната од Фејсбук страницата Дуга реса која ми се заплетка во очите и некако ме украси. Се почувствував како на стариот шал на секојдневието некој со чингелакија да ми направи нови, шарени реси. Знам, сигурна сум дека некогаш имам напишано реченица со реси, за некоја жена на која мислите или чувствата, не знам точно, ѝ се заплеткуваат во ресите на килимот. Не знам каде и кога сум го напишала тоа, во која книга, ама „реси“ ми имаат поминато низ раце и како букви, не само како глетка, додека во детството седев на каучот до тетка ми Љуба и гледав како совршено измерените и исечени волнени конци од купчето покрај неа, со дебела игла ги префрла на мојот прв невешто сплетен шал и тие стануваат реси. Ми станува најважно на светот да се сетам, да ги најдам ресите од букви во некоја моја книга. Пребарувам со Find во една по една. Наоѓам „разресити лирски моменти“ со „Сошиени раскази“, „хеланки со реси“ во „Мојот брат од тринаесеттиот кат“, наоѓам во неодамнешниот текст за Радмила Лазиќ, во новиот роман, во главата што сум ја означила дека треба да ја преработам ... Но, тоа не е реченицата што го барам. Да не е во „Улиците што ги нема“, си помислувам, „таму има едночудо проклети, несреќни жени“... Не, таа книга нема реси. Помислувам дека ресите што ги барам сум ги напишала во некоја моја постара книга што ја немам во електронски формат.

Но, не е ни толку важно да ги најдам токму нив. Доволно е што сум сигурна дека сум напишала реченица за жена чиишто мисли или чувства, не знам точно, ѝ се заплеткуваат во ресите на килимот, како што сум сигурна дека кога првпат влегов дома кај еден важен човек за мене, прв пат ја видов мајка му со крупен чешел во џебот на домашниот пењоар. За чешлање на ресите на совршено чистиот персиски килим во нивниот салон.

ОкоБоли главаВицФото