Се викам Дамјан

29.09.2018 00:51
Се викам Дамјан

(Извадок)

ДАМЈАН ВО АКЦИЈА

За тоа што значи да се прават пиздарии и дека човек не е секогаш за сѐ самиот виновен. – Како Дамјан од брата си (околу 1,85 см) нема добиено ни евро. – За пијанчењето и сечењето вени. – За ножевите и ве-це школките. – Зошто е добро да се знаат секакви луѓе од Фужине до Долг Мост и да се избегнуваат кактуси. – И за тоа како акинетоните и алкохолот не се најдобра комбинација.

Откако на дечиштата во групата им раскажав сѐ за моето второ име, па и повеќе одошто мислев да раскажам, молчев две седмици. Како што претходно прогнозирав: чмаев со нив ама не изустив ни збор, дури ни рамениците не ги кренав, дури ни тоа не ми се чинеше вредно. Не сакав да ја отворам муцката, а особено не тогаш кога ме прашуваа дали се чувствувам добро во групата – како да можеш да се чувствуваш добро во таква група. Кога би ми било добро, не би ни бил таму. Кога би ми било добро би се сончал некаде на море. Тогаш веќе бев сит од сѐ. Ми одеа на нерви кога постојано нешто ме потпрашуваа, а Владо, главниот во групата, изгледа некој социјален работник, сѐ си запишуваше. И никогаш не беше задоволен. Што и да кажев – сакаше да слушне уште нешто и уште повеќе и нонстоп ме јадеше со прашањето како се чувствувам. Зошто си го направил ова, зошто не си го направил она, зошто ли зошто. Понекогаш си замислував како би било кога некој би напишал книга за мене, зашто има и што да се напише, ама не вака како што прават овие овде, па човек се осеќа како во апс. Ако не ме сослушуваат, тогаш скришум ме набљудуваат – а на тоа веќе и се навикнав и потоа сите овие социјалци во своите бироа до бесвест мозгаат што ли ми се мота низ глава. Веќе знам: штом ќе им го свртам грбот, ги доближуваат главите и мозгаат што е со мене и зошто сум толку невозможен. Ама мене никој не ме познава добро! Јас точно знам што зборувам и го кажувам само она што сакам другите да го слушнат. Ако треба и додавам, нема проблем.

Затоа никому на светот не му вреди да ме следи или подлизувачки да ме испрашува како се чувствувам. (Неколкупати веќе кажав, па ќе кажам уште еднаш: луѓето само се преправаат дека ги интересира како се чувствуваш. Во суштина, ти се ситат ако во животот не ти оди како подмачкано.) Веќе двапати им се врекнав да ми донесат гајба пиво ако се веќе толку љубезни, па веднаш ќе се чувствувам подобро. Кој не би се изнервирал да го прашуваат во десет наутро дали е можеби нервозен. Иако сите се некако љубезни со мене... кога кажувам по нешто за себе. Три типки од групата, а ниедна нема повеќе од осумнаесет, ме слушаат со отворени очи и уште и офкаат колку е добро кога човек ќе се отвори. Понекогаш ми доаѓа да ги мавнам по муцките зашто кажуваат повеќе глупости од мојот Рики. А можеби само се прават дека им е супер во групата; мене попрво ми изгледа дека се цело време издрогирани. Ама никој не сфаќа дека не можам цело време да се занимавам со сериозни теми. И ако веќе човек мора да седи во група со лудаци, сигурно не му се прават здодевни и длабоки разговори за животот. Не знам зошто мора да седиме тука и да гледаме во празно или да зборуваме глупости и да се досадуваме. Би можеле да правиме нешто попаметно, не знам што, не е тоа моја работа, можеби би можеле да склопуваме дрвени птици (оние што вадат цигари од дрвени кутијки) или да изработуваме играчки за сиромашни деца. Јас со најголема радост би косел и трева, сѐ би правел, само да не зјапаат вака во мене чекајќи да проговорам.

Ама понекогаш е и полошо да ги слушаш другите. Понекогаш отворам уста само за да знаат што значи тоа да се прават пиздарии. Па затоа сме тука, нели? Да, и после молчат. Како моите дома; кога ми зовре и им кажав сѐ што мислам, замолчеа и крај.

Пред неколку години, односно не толку многу, најверојатно околу три, на една девојка во кафуле ѝ ги пресеков вените. (Сите во групата ме погледнаа стаписано, ама знаев дека ќе биде така. Да, јас кажувам како што е, не се правам фин!) Потоа сите уште долго зборуваа за тоа дека некои навистина откачиле; дека си сечат вени и вратови и дека по вецињата тече крв во порои. Па народот секогаш претерува. Нормално дека звучи грозно, ама сѐ беше повеќе зезанција и кога и самиот учествуваш во тоа, не ти ни изгледа толку грозно. Оти ниедна супа не е толку жешка кога се јаде отколку кога се прави. Не знам како да кажам, некако случајно излезе. Не мислев никого ни да заколам ни да ранам. А ако некој мисли дека сум ептен шекнат, тогаш би требало да го запознае брат ми – иако многу малку зборувам за него, некако не сакам баш да го спомнувам. Е, тој беше фаца! На некој начин бев среќен што имам толку откачен постар брат; барем во школо ме оставаа на раат и малку поинаку ме гледаа – знаете, нели, дека крушата под круша паѓа. Уште на почетокот на средното беше јасно дека со брат ми сме од ист корен (еден профа рече дека сме од ист килав корен, а тоа ни звучеше супер; и двајцата си ја залижувавме косата наназад, носевме фармерки спуштени на пола газ, а во задните џебови ги пикавме паричникот и неплатените пријави од полиција. Од 100 метри растојание никој жив не знаеше кој е кој, толку си личевме; и двајцата исправени и високи (околу 1,85 см), со црни очила и со рацете во џебовите – не е ни чудно што девојките не знаеја кого попрво да гледаат. И така секогаш стоевме еден зад друг, штитејќи си го еден на друг грбот.

Ама потоа нешто се смени и не прашувајте ме што, зашто немам поим. Едноставно, беше поинаку. Првин брат ми сосема откачи, го остави школото и се запи. Јас речиси во сѐ го следев, само школото не се осмелував да го оставам. Стариот се закануваше дека му е прекуглава од нас, дека ќе нѐ раздвои, па ако треба и сосила, зашто бевме цело време како газ и гаќи, зашто сме како педери и дека нѐ поврзуваат само глупости. Викаше дека и двајцата ќе завршиме во поправен дом, ама не во ист и дека има да стигнеме до пристојна професија сѐ дури сме под негова команда. Ама брат ми не дозволи долго и премногу да го заебаваат; веќе реков дека и побргу од мене знае да удри со раката. Еден ден му го покажа средниот прст на стариот, го спакува куферот и се качи во возот за Германија. Ќе припаднев, не можев никако да сфатам дека брат ми едноставно си замина и ме отпиша; останав сам со стариот и со неговата налудничава фамилија која е и моја, ама јас повеќе немав никого, никој кој би ми го штител грбот, само мојата хистерична и мрзлива сестра и досадните старци. А ми вети, тој мој заебан брат, дека понекогаш ќе ми се јавува и ќе ми праќа понекое евро. Ама не се јави. Ни евро видов од него ни писмо, ништо. Уште пред да замине не се разбиравме најдобро, понекогаш ми се чинеше дека и самиот е на страната на стариот зашто сѐ повеќе ми досадуваше дека треба да созреам и да ги сменам однесувањето и облекувањето пред да биде предоцна. И дека не можам да бидам како него, тоа едноставно не оди. Затоа и не ми паѓа толку тешко што не се јавува – од него не очекувам повеќе никаква корист или помош.

Кога би слушнал брат ми за онаа пиздарија со сечењето вени во дискотеката, само би одмавнал со рака. И јас обично одмавнувам со рака кога некој ќе ме потсети на тоа. Што да речам, бев пијан. На сите им имам веќе објаснето да не се заебаваат со мене кога сум дрво пијан. Зашто тогаш сѐ сфаќам сериозно; не ми е баш јасно што е вистина, а што претерување. Ако некој ми рече нешто да направам, тоа и го правам. И ни размислувам ни знам дали е добро, или дури и опасно. Кога секогаш би знаел што правам, тогаш многу работи не би ни направил, нели? Во тој случај, сигурно не би седел двапати неделно овде меѓу овие удрени и дрогераши.

Бевме тотално пијани со Роки, не се сеќавам повеќе зошто се напивме толку свински. Најверојатно немало некоја посебна причина, најверојатно сме се напиле онака, па не ни беше првпат. Кога еден од нас ќе дојдеше до некоја пара, на пример, кога јас ќе ја земев платата, или ќе сретневме некој кој беше подготвен да плати за сѐ што ќе ни паднеше на памет... е тогаш ќе се изналокавме. И ако беше возможно, ќе се начукавме уште попладнето, па на журката ќе дојдевме веќе подмачкани. Навистина многу пиевме, ама јас некако се снаоѓав во животот. Што знам зошто, можеби зашто работев, можеби познавав вистински луѓе, цела младост се мачев и никој ништо не можеше да ми префрли зашто најчесто пиев на своја сметка. Ама Роки знаеше да ја посере работата; понекогаш мислев дека сосема ќе пропадне зашто не знаеше да се фати за никаква работа и најмногу сакаше да се дружи со губитници.

Накратко, таа вечер бевме пијани и одлично расположени. Роки цело време играше и дивееше, беше главен на шанкот и околу него, без задршка се вртеше околу девојките, дури и околу оние што не ги познаваше. Да беше трезен, ќе беше сосема поинаку. Кога е трезен, не ѝ се доближува на ниедна непозната женска, демек тоа не се прави на таков простачки начин, треба прво да се запознаеш и бла-бла. Јас знам зошто го кажува тоа, ама подобро ништо не му велам зашто само би ми замерил. (Роки воопшто не се снаоѓа со девојките и затоа вели дека му е потребна романтика, а не секс.) Ама кога сме пијани нема проблем, за сѐ се договараме без дискусии. Така во кафулето некое време заеднички освојувавме типки – зад шанкот ќе измеркавме некоја што ни беше по ќеф, а потоа играјќи ќе ѝ се приближевме, еден однапред, еден одзади – и ќе ја стисневме во костец, па ѝ стануваше на кутрата непријатно и не знаеше кај да гледа. Најчесто не ни знаеше што се случува и кој воопшто ја заведува. После се изморив: премногу испив и тешко стоев. Седнав на масата и го гледав народот. Видов дека и Роки сосема припаднал; се беше дотуркал во аголот и главата му паѓаше на колена. Му пријдов и го протресов за рамената, демек што му е сега кога журката е супер, подобро да ја крене главата инаку или ќе поврати или ќе заспие. Роки само кимаше, ни очите не можеше да ги отвори или не ни сакаше. Ама јас знаев дека нешто не е ОК, толку го познавав. Кога ја здогледав Јана како се гушка со Борут, сѐ ми стана јасно. Пак трауматизираше поради неа. А му имав кажано стопати и илјадапати да ја заборави, Јана секоја седмица има нов тип зашто е едноставно таква; тој ѝ требаше само кога немаше никој да ја изведе во град и да ѝ плаќа виски. Го кренав и го однесов во ве-це малку да се олади и да си дојде на себе. Сакав да го напиздам поради Јана, ама зборовите не ми излегуваа од уста. И самиот бев премногу пијан за разговор. Во ве-цето Роки се потпираше врз мијалникот и ја пцуеше Јана. Го оставив да се лути за да му помине побргу. Се клатеше и истовремено пиеше, иако повеќе му течеше по брадата одошто во грлото. Затоа му го зедов пивото од рака и самиот го испив за да не се истури за џабе. Кога го направив тоа, тој ја пикна раката во џеб и извади нож, онаков на федер. „Не играј си со тоа кога си пијан“, му реков отсечно – очигледно за другите бев попаметен одошто за себе. Не знам дали ме разбра, зашто ни самиот себеси не се чув добро, а и гласно беше во кафулето.

„Ништо не ми е...“ рече и притисна на федерот, „баш ништо не ми е...“

Сечилото искокна од рачката сосема блиску до неговите очи. „Ќе ја заколам...“ промрмори. Сѐ уште не ги имаше отворено очите и ми се чинеше дека не ме ни слуша, како да зборував сам со себе. Не зборував повеќе. Пиев и со едната рака го држев Роки да не се струполи на подот сосе ножот в рака. И самиот се клатев и одвреме-навреме морав да се штипнам за да се опоменам дека треба да пазам да не падне Роки со ножот во раката. Се обидував да се сконцентрирам на плочките во ве-цето, ама тоа не ми помогна да ја одржувам рамнотежата, зашто фугите како да здивеа или се собираа во една линија што ме влечеше надолу.

„Ќе ја заколам... Јана... Јана ќе ја заколам, а после и себе... Ме слушаш ли, Дамјан? Сите ќе ги заколам!“

„Секако. Заколи ги. Што ми е гајле. Ајде“.

Мавташе со ножот пред себе и ми покажуваше, прилично убедливо, како ќе ја убие и исече Јана на парчиња. Најмалку петпати ми го повтори истото; среќа што бев пијан, трезен не би можел да ме малтретира со една иста приказна. Сфатив дека му е прекуглава од сѐ. Ама не можеш така во животот, не можеш тукутака да мавташ со нож и како некој пубертетлија да се закануваш дека на крајот ќе се самоубиеш. Можеш само да пиздиш. Или да се напиеш. Или да враќаш. Да враќаш, да враќаш и да враќаш. На сите што ќе ти се испречат на патот. Дури и на оние што не ни знаат за што се работи – на тие е најлесно да им вратиш. Да, знам, не е убаво, ама што да правам кога сум заебан.

Роки ги отвори очите и ме зграпчи за јаката на кошулата:

„Слушај, Дамјан. Немој да се мајтапиш, послушај ме. Барем денес немој да се мајтапиш. Никогаш не си отворен, никогаш. Пред никого не сакаш да се отвориш, секогаш си затворен. На сите им се смееш, ама само лажеш и покажуваш заби... А потоа и јас со тебе лажам. Затоа и немаш пријатели, туку само мене. Немој да се правиш дека сѐ е океј. Ми одиш на нерви зашто не ми се доверуваш...“

„Да не се отрезни наеднаш, а? И сега мене памет ќе ми солиш? Е како да не!“ му се врекнав. Најлошо беше кога ќе почнеше да филозофира. За довербата меѓу пријателите, за искреноста, па за отвореноста и затвореноста, како да има околу себе само ве-це школки. Секогаш мудро си молчев кога ќе дојдеше до такви дебати, кога луѓето почнуваат да се отвораат и да се доверуваат и што сѐ не, а наредниот ден за сето тоа си префрлаат и си ја плакнат устата со туѓите тајни. Мора да си стварно глуп да паднеш на тие евтини финти.

„Пијан сум како пичка и не ми е гајле“, мрмореше Роки и ми се причини дека по некоја реченица дури и запеа. „Мојата Јана... Неа најмногу ја сакам. Ниедна не сум сакал како неа. Затоа ќе ја прободам. А после и себе. Не, нејзе ќе ѝ речам да ме прободе.“

Го кренав пивото и го испив до дно. Бев инаку толку пијан што одвај веќе ги слушав зборовите на Роки, а не ми се ни слушаше повеќе, зашто ни сам со себе не можеше да се договори кој кого да прободе. Го џитнав шишето во ќошот, ни самиот не знам зошто, најверојатно сакав да го погодам кошот, но се распарчи врз белите плочки.

„Тоа, Дамјан, тоа!“ извика Роки. „Give me five! Give me five!“

Се удиравме со дланките, иако поради пијаноста повеќепати се утнавме и се смеевме како идиоти. За миг помислив дека на Роки му поминале траумите, ама наеднаш повторно стана сериозен, си го зари ножот во глуждот над дланката и повлече со сечилото.

„Што правиш, кретену?“ Ги оџагарив очите колку што можев, но не можев подобро да видам.

„Ништо, ништо, само ќе си го врежам името на Јана. Овде врз глуждот. Знаеш... тоа е исто како да си го врежам во срцето.“

Ми се слоши од неговиот испад. Дури и мене ми стана срам од неговите глупости. „Не сери, брат, подобро за тебе никој да не те види ваков.“

Навистина си го врежа нејзиното име, само буквата н ја заборави, ама крвта и покрај тоа му течеше, му течеше врз прстите, му капеше на фармерките и на подот. Сѐ уште се обидував да ја составам сликата пред очи, ама не ми одеше – гледав само сѐ повеќе крв, сѐ повеќе млазеви. Сѐ беше црвено. Ме облеа непознато чувство. Како да сакав уште. Само да е сѐ црвено...

„А ти што ќе направиш?...“ промрмори Роки сиот во солзи подавајќи ми го ножот. Го зедов без размислување. Сакав и самиот нешто да си врежам, а зошто да не? Ама не знаев чие име. Во ниедна не бев заљубен, ниедна не ми значеше нешто. Ама сакав нешто да си врежам. Се сетив на Нела. Ми се допаѓаше. Да, изгледа навистина ми се допаѓаше, толку беше симпатична. Не ѝ се додворував, не ја убедував во ништо. Кога беше љубезна со мене во дискотеката, ѝ купував пиво и понекогаш ја фаќав за газ – онака на шега, пријателски, за повеќе не се осмелував зашто беше од посериозните типови. Само се смешкаше кога нешто ќе ѝ речев, ама никогаш ништо не велеше. Мислам дека ќе тргнеше со мене, дека веднаш ќе се договоревме да бевме сами. Ама не бев заљубен во неа. Во ниту една пичка не бев заљубен. Јас не.

Уште пред да пробам да врежам, дури и во тоа страшно пијанство помислив дека би било добро да го измијам ножот под чешмата, па со крвта се пренесува што ти не, дури и сида. Тешко беше да се вреже името на Нела. Ми се чинеше толку долго што ми снема простор врз глуждот над дланката и буквите л и а морав да ги врежам врз глуждот на десната рака. Поедноставно ќе беше да си ги врежев нејзините цицки. Ама кога си пијан такви решенија не ти паѓаат на памет. Набргу од н и од е почна да ми тече крв. Ја испружив раката за да не ми капе врз фармерките и чизмите. Гледав во живите црвени траги врз глуждот и се смеев. Се смеев. Ми се причини дека и Роки се смее. Или липаше – ми беше сеедно. На моменти дури и заборавив дека и Роки е тука, толку се вдлабочив во врежувањето.

Сѐ можеше да заврши невино или барем без поголеми последици и наредниот ден со Роки ќе си ги гледавме глуждовите, ќе се мававме по своите будалести тикви и ќе се смеевме. И со голема радост ќе раскажувавме наоколу каква нова будалштина сме направиле. Сѐ ќе завршеше без последици да не се покажеше во тој крвав момент токму „мојата“ Нела.

„Што правите вие двајцата?“ праша вчудовидено.

„Што правиме, што правиме?!“ ѝ се врекна Роки. „Гледаш и сама, си сечеме вени!“

„Што правите?“ уште еднаш праша и се наведна над глуждот на Роки.

„Да не паднеш врз мене! Ве-ни си се-че-ме! Да не си глува?“

Нела ме погледна мене, зашто очигледно со Роки не можеше да се разговара. Морам да признам дека ми беше непријатно. Иако бев пијан, сепак ми беше срам пред неа и некако не знаев каде да се скријам со крвавите глуждови. Ќе умрев од срам да видеше дека сум си го врежал нејзиното име и бог знае што сѐ ќе произлезеше од тоа зашто луѓето и онака сакаат да измислуваат. И некако како во магла се сетив дека еднаш бевме на журка кај едни заеднички познајници. Да, јас сум бил насекаде, на сите журки бев присутен. Сѐ живо знаев. Едно време се дружев и со дрогераши, иако не ги поднесувам. Веднаш морам да подвлечам дека никогаш не сум се дрогирал, можеби само двапати или трипати имам повлечено џоинт, тоа е сѐ. Така неколку месеци се дружев со Сине, Брине и Јоц од Мосте. Тие нонстоп нешто дуваа и виткаа џоинти, ама јас со нив само пиев. Беше супер зашто секој ден бевме на некоја приватна журка – од Фужине до Долг Мост, секаде бевме и сите нѐ знаеја. И така еден ден, односно вечер на една од тие журки ја запознав и Нела (не знам точно каде, можеби во Шишка, или во Крањ, којзнае, па знаевме ние да тркнеме и до Ново Место или до Целје) и речиси петнаесет минути зборував со неа. Ви велам, многу што би се договориле да бевме сами...

Нела загрижено ме повлече за ракавот: „Ало?“

„Да“, реков, „те слушам.“

Си ги погледнав глуждовите и видов дека целите се крвави – ми олесна што поради крвта не се гледа што сум врежал. На крајот, дури и погрешно би разбрала.

„Вие навистина си ги сечете вените?“ ме праша загрижено.

„Ах, не, досадно ни е, па експериментираме.“

И потоа ѝ објаснив дека сум прочитал во Мостески новости како се омајувале Индијанците. Ми се чинеше толку интересно што морав и самиот да пробам. Прво мора да се опуштиш, најдобро со алкохол или со оној нивен кактус. (Јас тој кактус не би го пробал. Еден другар на мој другар ми кажа дека некој негов познајник еднаш патувал низ Германија и преспал кај некој Германец кој му дал лист од тој кактус. И тој познајникот сосема откачил од тој лист, како низ магла се сеќава што се случило ноќта. Знае само дека некаде пливал, иако во станот нормално немало никаква вода. Кога наредниот ден доцна попладнето се разбудил, сфатил дека оној Германецот му го начукал одназад. Навистина! Откако го чув тоа, избегнувам да џвакам какви било кактуси. Затоа велам дека е добро да познаваш секакви луѓе што ќе те научат многу нешта во животот; на тој начин знаеш да се пазиш и не ризикуваш без потреба.)

Накусо, човек треба да се опушти, колку што може. Потоа мора да се подготви за извонредно искуство што настапува откако ќе си пушти малку крв. Крвта може да се пушта на разни начини, човек може да се закачи на клин и да виси од некое дрво, да оди врз игли или едноставно да си ги пресече вените. Мене ми се чини најпрактично сечењето вени – така ѝ реков на Нела. Почна да се смее и веднаш ми олесна. Ѝ реков дека се чувствувам подобро откако си пуштив крв, секако дека не засеков длабоко туку само колку да го доживеам тоа посебно искуство.

Нела ја изгасна цигарата и си го завитка ракавот од блузата на левата рака. „Врежи!“ ми рече заговорнички.

„Што?“

„Што гледаш? Врежи кога ти велам! Бргу, те молам, зашто се враќам во кафичот.“

Дури тогаш сфатив дека сака да ѝ пуштам малку крв. Зошто да не, си помислив, зошто да не, можеби заедно ќе доживееме некое искуство. Ја фатив за глуждот, добро го одмерив со поглед – а очите баш и не ме слушаа – и врежав. Сакав само малку да ја боцнам, да биде крвава и задоволна и потоа ќе можеме да одиме заедно на пиво, ама сѐ тргна наопаку. Кога повторно го миев ножот под славината, го слушнав хистеричниот вресок на Роки: „Леле, сѐ е крваво! Дамјан, ќе искрвави! Мајчината, да не сакаше да ја заколеш? Да ти ебам Индијанците!“

„Затвори ја муцката, ти почна со сечењево! Не дери се сега како некоја стара баба зашто ќе дојдат редарите и сите тројца ќе летаме надвор. Не може да е толку страшно.“

Ама Нела чудно се тресеше. Усните ѝ беа сосема побелени. Не ѝ беше јасно што се случува, се обидуваше да се насмевне, ама тоа беше дури и пострашно. Ја испрскав со вода, мислев дека тоа ќе помогне. Потоа со ножот исеков парче од кошулата и цврсто ја преврзав околу глуждот. Кога направив јазол, крвта уште појако почна да лие. Се тргнав малку настрана за да не ми капе врз чизмите. Роки во мигот се отрезни, тупкаше околу нас и ги кршеше прстите, демек, што ли направив сега, пак сѐ ќе биде ужас, зар морам секогаш да претерам.

„Роки, бргу по прва помош на шанкот... Мислам, донеси завој, кажи дека една паднала во ве-цето. Дај побргу!“

Тогаш и самиот станав хистеричен. Го стискав јазолот околу глуждот на Нела, ама крвта лиеше како побеснет водопад. Што и да направев не беше од помош, крвта не можеше никако да се запре. (Да бидам искрен, во тој момент само сакав да си одам дома. Да бев пизда ќе си отидев, ама не сум.)

„Држи ја раката над мијалникот да не е сѐ крваво. Морам да мочам.“

И навистина ми се примоча зашто многу бев испил. Се одвлечкав до кабината и се надевав дека нема да завршам со главата во школка. Го слушав загрижениот глас на Роки. Потоа некој машки глас, најверојатно келнерот, рече, Господи, па ова е за ургентно, треба да се викне... да, а кој ќе вози, цела пиздарија ќе има... не можете ли дома да се сечете?

Некој трескаше врз вратата. Си помислив дека сум веќе дома, да, баш би се израдувал да е тоа мајка ми што ме буди...

„Еве идам. Уште малку!“

„Што уште малку, што се занесуваш?“ го слушнав гласот на Роки. „Излези веќе еднаш од клозетот да не те носат и тебе на ургентно.“

Веднаш се исправив и излегов. Мијалниците беа речиси исто толку чисти како пред нашето сечење. Дури си ги закопчував панталоните, реков: „Еве идам. Веднаш... Одиме на пиво“.Потоа изгледа навистина отидовме на пиво, не знам, ми фали многу од филмот, тоа е поради оние таблетките – заборавив да споменам дека Роки донесе акинетони. Знаете: оние таблети во комбинација со алкохол, а по нив навистина ништо повеќе не знаеш. Затоа секому би му рекол да не меша алкохол и таблети зашто сосема ќе одлепи, а од тоа нема да има ништо. Ако на ништо не се сеќаваш, тогаш навистина не ни знаеш дали си си поминал добро или не. И онака без памет се запиваат и дрогираат само почетници. Затоа не ни знам како сме дошле со Роки до дома, зашто тој дел од мојот филм фали. Изгледа сме зеле такси; барем Роки така мислеше, тоа го дознав наредниот ден. А Нела навистина ја однеле на ургентно. За среќа, никој не ги викнал цајканите зашто сите се плашат од инспекција, па и мене никој не ме сослушуваше поради пресечените вени. Само редарот со кого се знаеме одамна, еднаш на уво ми рече другпат да пазам што правам. А таа случка уште долго ме опоменуваше кога се пијанчев: потоа не се опивав толку безглаво, добро, барем избегнував таблети. Барем кога не бев толку пијан, зашто после земам сѐ. Еднаш едно детиште ми подметна дури и трип и потоа дванаесет саати не знаев да си дојдам дома. Ама кога се отрезнив и си дојдов на себе, го побарав и му врзав една. Не сакам околу мене да се врткаат дрогераши.

Вечерта ми се јави Роки и ми рече дека сѐ е во ред, дека на ургентно на Нела ѝ ја запреле крвта и дека ѝ го преврзале глуждот. Знаеш, сѐ е океј, премногу испивме, тоа е, трубеше во слушалката, а мене неподносливо ме болеше главата и одвај чекав да се фрлам во креветот. А тој и понатаму весело си брбореше, сѐ е добро, ти се допаѓа Нела, нели, мене можеш да ми се довериш, па другар сум ти... дознав со кого одела, сега сум во град, дојди на пијачка ако сакаш, ако сакаш ќе ѝ се јавам и ќе ја викнам да дојде... Не можам, му реков, главата ме боли, ќе си легнам, остави ја сега Нела. Бев трезен и уништен и не ми беше до дружење. А морав и на работа наредниот ден, ама тоа Роки никогаш не го сфаќаше.

Да, така си сечевме вени, за тоа зборуваа сите, дури и моите дома нешто беа подначуле, ама бргу им истрескав дека луѓето сешто измислуваат. Не знам дали навистина ги убедив. Тогаш веќе знаеја дека сум способен на сѐ, дури и на такви пиздарии кои не би им текнале на други. Ама дома се колнев дека толку глуп не сум да си сечам вени себеси или на некој друг, додуша, глуждот навистина ми беше преврзан, ама тоа е затоа што во кафулето еден кретен искрши чаша, а јас за несреќа се налактив со раката врз стакленцата. И можеби некого навистина одвеле на ургентно, од кај да знам, јас се вратив рано дома, дури и такси зедов, за да си легнам што побргу. Така таа работа бргу се смири и по една седмица сите ја заборавија. Ама морам да подвлечам дека трезен сигурно не би си играл со нож. Знаете како е кога си пијан – немаш осет колку длабоко ќе засечеш.

Слики: Aleksandra Waliszewska
Превод од словенечки: Лидија Димковска
Извор: Сузана Тратник - Се викам Дамјан (Блесок, Скопје, 2018)

За авторката
Сузана Тратник е една од најистакнатите современи словенечки писателки. Родена е во 1963 година во Мурска Собота. Дипломирала социологија на Факултетот за општествени науки во Љубљана, а магистрирала антропологија на половите. Прозаистка, преведувачка, публицистка, авторка на научни трудови за лезбиската книжевност, колумнистка и активистка за правата на ЛГБТ-малцинствата. Авторка е на шест збирки раскази: „Под нулата“ (1997), „Во својот двор“ (2003), „Паралели“ (2005) за која ја доби престижната Прешернова награда за литература, „Што никогаш не разбрав во воз“ (2008), „Два света“ (2010) и „Резерват“ (2012); романите „Се викам Дамјан“ (2002 и 2014), „Третиот свет“ (2007) и „Томбола или живот“ (2017), а напиша и монодрама „Се викам Дамјан“ (2002), сценарио за филм според романот „Се викам Дамјан“, како и повеќе стручни и публицистички дела. Нејзините книги и поединечни куси раскази се преведени на повеќе од дваесет јазици ширум светот. Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби. Преведува од англиски на словенечки јазик.

ОкоБоли главаВицФото