Дали најдобрите приказни се кријат на дното од шишето?

01.10.2018 11:18
Дали најдобрите приказни се кријат на дното од шишето?

„За да постои уметност или каков бил вид естетска активност неопходен е одреден физиолошки предуслов – интоксикација.“

Со изјавата на Ниче сигурно би се сложиле но и би наздравиле многу уметници – Буковски со виски, Едгар Алан По со коњак, Фицџералд со џин, Хемингвеј со мохито или рум (во зависност од фазата). Понатамошното набројување имиња би било подолго, што потврдува дека врската на зависноста и креативноста е креативност колку и концепт на „лудиот гениј“.

Супстанцата се менувала низ историјата. Да тргнеме од опиумот кој кон крајот на 19 век бил лесно достапен и се користел за поттикнување на креативната инспирација (Лорд Бајрон, Чарлс Дикенс, Џон Китс, Модиљани, Перси Шели...), преку „Клубот на љубители на хашиш“ во Париз, кој го основала елитната група француски уметници вклучувајќи ги Бодлер, Балзак, Александар Дима, Флобер. Овие француски уметници еднаш месечно се состанувале за да го проучуваат влијанието на дрогата на креативноста. Меѓутоа, на јавноста не ѝ е познато дали навистина дошле до некакви реални откритија.

На почетокот на 20 век уметниците се насочуваат кон алкохолот, особено американските писатели како Едгар Алан По, Џек Лондон, Фокнер, Хемингвеј, Труман Капоте, Керуак, Шо. Од сите американски писатели кои добиле Нобелова награда, 70 проценти биле алкохоличари. Познати глумци алкохоличари се Бастер Китон, Хамфри Богарт, Елизабет Тејлор, а од оние кои се актуелни денес, Роберт Дауни Џуниор.

Во втората половина од 20 век, кога на сцената стапнуваат џез и рок музичарите, делува дека улогата на муза ја преземаат различни видови дроги, додека алкохолизмот се поврзува најмногу со пишувањето. Таа асоцијација е евидентна и во некои понови филмови каде главните јунаци – писатели, со една рака пишуваат а со другата држат шише виски („Secret Window“ или „Black Butterfly“).

Дали алкохолот навистина е волшебен раствор кој ги поттикнува креативните способности или се работи за плацебо ефект, самоисполнувачко пророштво или едноставно заблуда?

Професорот Торстон Норландер, професор по медицинска психологија на Институтот Каролинска, ги сумирал досегашните сознанија и резултати од истражувањата на оваа тема. Имено, заклучокот е дека умереното консумирање алкохол ја оштетува и нарушува подготвителната фаза, фазата на илуминација (доживувањето „аха“) и фазата на верификација (кога се проверува дали решението до кое се дошло е навистина исправно). Овие фази на креативниот процес се засновани на секундарните процеси. Според психоаналитичката теорија, секундарните процеси се когнитивни процеси кои зависат од контактот со реалноста, а тоа се паметењето, учењето, мислењето... Во таа смисла, очекувано е умерени дози алкохол да ја кочат креативноста така што ги попречуваат свесните процеси – концентрацијата, истражувањето, планирањето, иницирањето и проценката на работата.

Од друга страна, умереното пијанство ги поттикнува активностите кои се засновани на примарните процеси, што е впрочем креативна фаза на инкубација/созревање – период кога не размислуваме свесно за проблемот ниту вложуваме каков било напор – дозволуваме несвесните процеси да го одработат своето. Да речеме, примарните процеси во основа се дел од сонот и не зависат од реалноста. Во склад со изреката „ин вино веритас“ излегува дека алкохолот нè поврзува со подлабоките аспекти од нашата психа.

Психоаналитичарот Ернст Крис, кој уметноста ја претставил преку концептот „регресија во служба на егото“, верувал дека креативните процеси се состојат од две фази – инспирацијата која ја создава содржината на делото и елаборација чија цел е да го преведе делото во форма која може да биде искомуницирана со другите, што и е суштина на уметноста. Во согласност со заклучоците на Норландер, алкохолот ја поттикнува фазата на инспирација со која доминираат несвесните процеси, додека ја кочи фазата на елаборација во чија позадина стојат клучните свесни процеси.

За проценка на влијанието на алкохолот врз креативноста, често се користи Тестот на оддалечени асоцијации. Така еден тим истражувачи го дале овој тест на две групи испитаници, кои консумирале и не консумирале алкохол. Задачата била од три понудени зборови да смислат четврти збор кој ги поврзува неочекувано. Да речеме, „стадо“, „волк“ и „крзно“ а еден од точните одговори би бил „овца“.

Истражувачите дошле до наодот дека испитаниците кои пиеле алкохол побрзо го решавале овој проблем и нуделе повеќе креативни решенија. Делумно објаснувањето се должи на тоа што алкохолот им овозможил за информациите да размислуваат на еден нов, дифузен и необичен начин, поттикнувајќи ги спонтаните креативни процеси наспроти контролираните (повторно, свесни).

Сепак, резултатите не се доволни за да се заклучи дека алкохолот ја поттикнува креативноста, особено имајќи предвид дека испитаниците консумирале умерени дози алкохол (и тоа пиво). Како што велат и самите истражувачи, тестирале „што се случува кога луѓето се поднапиени – а не кога се пијани“. Сепак, вниманието и планирањето, способностите кои опаѓаат под умерено количество алкохол, изгледа дека овозможуваат побрзо да дојдеме до иновативни решенија. Премногу алкохол сепак ѝ штети на продуктивноста, но чаша вино со работната задача може да биде од помош.

Многубројни истражувања го потврдуваат плацебо ефектот – поточно, дека реакцијата на испитаникот на пијачка за која веруваат дека е алкохолна им одговара на однапред одредените очекувања. Испитаниците кои не знаеле дека впрочем пијат безалкохолно пиво, го преценувале своето креативно достигнување. Значи, алкохолот може да биде причина и тоа што уметникот го губи тестот со реалноста и не умее да комуницира со своето дело на вистински начин.

Се подразбира дека будењето на креативноста и рушењето на креативната блокада не се единствените причини заради кои уметниците се насочуваат кон шишето. Животот на уметниците бара изолација, бегство од секојдневието, изолација од стресот, што неминовно доведува и до осаменост и барање поддршка на дното од чашата.

Хемингвеј верувал дека повеќето американски писатели стануваат алкохоличари заради амбиваленцијата спрема сопствената уметност. Имено, од една страна сакаат преку својата работа да достигнат бесмртност и да станат големи уметници, додека од друга сакаат да се збогатат и да станат познати. Иако не гледам зошто овие две страни не би оделе рака под рака, факт е дека алкохолизмот од почетокот на 20 век коинцидира со можноста писателот да стекне големо богатство и слава. Стресот и товарот на славата можат да водат кон зависностите.

Дека врската помеѓу алкохолизмот и уметноста не е романтична како што делува понекогаш, сведочат многубројните случаи кога зависноста ја одземала креативната инспирација, а на крајот и животот. Џексон Полок, американски сликар, кој пред крајот на животот сосема му се предал на алкохолизмот, загинал во сообраќајна несреќа кога под дејство на алкохол свртел од патот и удрил во дрво. Били Холидеј починала од цироза на црниот дроб, Ејми Вајнхаус од труење со алкохол.

А дека не е сè ни така црно, сведочи подолгата листа уметници кои не се, ниту некогаш биле зависници, а сепак не им недостасува креативна инспирација. Алкохолот не е ниту нужен ниту неопходен услов за креативност. А и веќе не е ни толку модерен.

Илустрации: Russel Cobb

Извор: http://www.psihobrlog.com

ОкоБоли главаВицФото