Скандинавскиот капитализам како пример

23.09.2010 10:16
Christian Houge „Antenna Forest”

Во време кога буџетските намалувања станаа вообичаени, политичката моќ во Скандинавија е умерена и генерално чесна. Жените играат поголема улога во општеството и политиката.

Во време кога буџетските намалувања станаа вообичаени, политичката моќ во Скандинавија е умерена и генерално чесна. Жените играат поголема улога во општеството и политиката. Скандинавскиот капитализам е похуман, а социјалната неправда, иако постои, е многу помалку деструктивна од онаа на југот на Европа.

Всушност, имигрантите се третираат со поголема почит. Многу други Европејци ги препознаваат овие „доблести“. Нивната природна реакција е „тоа не е за нас“. Во смисла на примена на скандинавските вредности, многумина сметаат дека морате да потекнувате од климатски студена земја со мало хомогено население кое ги прифаќа високите даноци без мрчење.

Многу Европејци вон Скандинавија велат таквото однесување е во склад со протестантската етика. За Грците, Италијанците и многу Французи, избегнувањето на данокот е еден вид национално хоби, кое некои од нив го доживуваат како морална обврска. Политиката е игра и силна дрога која ни овозможува да се воздигнеме над обичните граѓани. Искушението да се доживеете себе си како инкарнација на државата, а не како нејзин слуга, често е неодоливо меѓу јужноевропските политичари.

Се разбира, опасно е да се идеализира скандинавскиот модел. Скандинавските земји имаат свои проблеми како што се данската изразена ксенофобична екстремна десница и повремените норвешки напади на провинцискиот пуританизам. Разликата меѓу овие земји и нивните јужни соседи во моменталниве економски околности, социјалната клима и политичката култура се јасно видливи. Слабите и болни луѓе на Европа – од Грција до Шпанија – се наоѓаат на југ, а не на север.

Азискиот предизвик, посебно од Кина, треба да нè поттикне да ја разгледаме валидноста на „скандинавскиот модел“. Кинескиот пример за Европејците претставува двојна можност да го морализираат капитализмот и демократската практика. Не можеме да продолжиме да им ги проповедаме на другите вредностите кои повеќе не ги практикуваме. За да играте на теренот на моралот морате тоа и да го заслужите.

Всушност, не можеме едноставно да чекаме Кинезите да доживеат колапс под тежината на своите контрадикторности. Се разбира, овие противречности се вистински, но нашиот главен извор на сила не може да биде нивната слабост. Кинескиот современ модел, кој не е инспириран од Ленин туку од децениски дисциплинираниот успех на Сингапур, ја доведува во прашање традиционалната поврзаност меѓу капитализмот и демократијата.

Во Кина капитализмот напредува без демократија. Современата кинеска шега многу индикативно покажува како во оваа земја ја доживуват својата денешна улога во светот: „Во 1949 комунизмот ја спаси Кина; во 1979 капитализмот ја спаси Кина; во 2009 Кина го спаси капитализмот“.

По избивањето на глобалната економска криза, која сè уште не поминала, Кинезите и Азијците ги прашуваа Европејците како се осмелуваат да им држат лекции за финансискиот капитализам. Десет години подоцна „тие“ нè спасија. Кина денес за Европа сè повеќе станува она што САД беа до вчера – огледало кое ги одразува нашите слабости и нашата сила. Премалку сме за да можеме да се гордееме со нашиот капитализам и демократска пракса, а притоа обете нешта се загрозени благодарение на нас самите.

Од крајот на Студената војна ние, Европејците, ја изгубивме иницијативата да ја покажеме надмоќноста на нашите системи. Станавме задоволни и мрзливи. Во тој контекст, гледањето во правец на север е нужно доколку сакаме повторно да ја стекнеме нашата универзална активност и да ги одбраниме „нашите“ демократски компаративни предности. Постои поголема суровост и отвореност на северот, и токму ова е прецизната комбинација која ни е потребна – мешавина од умереност спрема другите и амбиции кон себе.

Извор: danas.rs

Фотографија: Christian Houge - „Antenna Forest”

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет
Општество
Општество / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото