Денот потоа, со вклучен мозок?

02.10.2018 12:36
Денот потоа, со вклучен мозок?


Да, оние кои се надеваа на убедлив евро-атлантски резултат на референдумот, останаа разочарани. Недостасуваа уште најмалку 150-200 илјади гласови за големо славење на подобрата иднина за Македонија. Како и многу пати досега, „победи“ Партијата на сеирот („апстиненти“, по модерно), тој нерегистриран политички субјект на оние кои мислат дека сите се исти, дека не вреди за ништо да се заземе страна и дека ќебапчињата со кромид се оригинално измислени во Турска чаршија во Скопје.

Колку само им завидувам! Не е едноставно да се постигне таква леснотија на постоењето, иако понекогаш ми се чини дека за тој игнорантски дискурс е потребен поголем ангажман отколку да се живее во светот на реалните, изброени можности во политиката. Не е лесно ништо да не те засега, зад тоа веројатно се крие подлабока фрустрација отколку кај оние кои покажуваат дека нешто ги засега.

Но, трикот е во тоа што не е важно дали вие ја сакате „политиката“ – што и да се подразбира под тоа – бидејќи нејзе ѝ е сеедно, таа ве сака вас. Таа произведува секојдневни последици и за сеирџиите, дотолку повеќе кога не пружате отпор. Политиката таквите најмногу ги сака.

Во таквата „сурова реалност“ на нашето секојдневие, не ми се чини лош аргументот на Заев: со 600+илјади гласови ЗА, дури ако опозицијата ги извадеше и своите 400+ илјади гласачи на референдумот и сите тие да гласаа ПРОТИВ – ќе беа убедливо поразени. (Додека сеирџиите си гледаат сеир.)

Но, таа логика ништо не вреди, бидејќи Мицкоски веќе ја соопшти одлуката на својата партија: Договорот со Грција е мртов, референдумот е неуспешен, промена на Уставот нема да има. Од тоа ВМРО-ДПМНЕ, јасно е, нема да се повлече.

Сега работата е во рацете на ДУИ: дали ќе се согласи за релативно скоро распишување на вонредни избори (за „десетина дена“, што би рекол Заев, додека се убедува со Мицкоски и со кого треба уште таму, за да не биде дека не се ни обиделе да преговараат за промена на Уставот без избори); или ќе ја завлече работата со недели, па и месеци, во нов „Пржино Икс“ модел на „давење“ на противникот (кој и да е тоа!), додека самите избори, за намената за која вонредно би се распишувале за да се стасаат роковите со Грција, не станат беспредметни?

Бидејќи, гледајте, тука математиката е прилично јасна: големата коалиција на СДСМ/ДУИ и другите партнери, на вонредни избори стартува, за почеток, со 600 илјади гласови. Тоа штотуку го проверивме.

На колку гласови може да смета ВМРО-ДПМНЕ?

Таа проверка, во практика, за ДПМНЕ чинам дека ќе биде едно многу горко искуство. Да се потсетиме, Груевски во 2006 на ВЛАСТ дојде со освоени само 300 илјади гласови, а во најдобрите времиња кога масовно ги местеа изборите – за што сега на неколку дузини врвни функционери на таа партија им се „смеат“ повеќегодишни затворски казни – освоија, како во 2014, максимални 481 илјади гласа.

Тоа значи дека, реално, разликата на вонредни избори би била, во најлош случај, околу 150-200 илјади гласачи во корист на сегашнава владејачка коалиција. Со Донтовата изборна формула според која кај нас се доделуваат пратеничките места на избори, не е исклучено и дветретинско мнозинство во следниот парламентарен состав за една голема коалиција предводена од СДСМ и ДУИ.

Тоа е точката на која секој нормален политичар престанува да се глупира со хистерични изјави и почнува да размислува со вклучен мозок.

Логично е прашањето, без потсмев или желба за навреда: Дали Христијан Мицкоски е „нормален политичар“?

За одговор на тоа прашање имаме „десетина дена“, што би рекол Заев. Можеби затоа Мицкоски во своето плачливо-луто-триумфално обраќање по референдумот ја премолче референцата за вонредните избори?

На помош на Мицкоски ќе му прискокнат и сите странци кои застанаа во јасна поддршка на референдумот и на Договорот од Преспа, бидејќи веќе додека ги читате овие редови „ѕвонат“ твитерите и мобилките кај Мицкоски со очајни совети за негово нормално (тие велат „одговорно“, ама тоа е тој глупав европски речник!) однесување.

Од тоа ништо нема да биде, Македонија ќе оди на вонредни избори во ноември, и тоа вака поделена како што покажуваат референдумските резултати. Но, и од тој податок не треба да се влечат далекусежни, патетични фејсбук-заклучоци: цела Европа и, всушност, целиот демократски свет се акутно поделени помеѓу националистичките конзервативни десници и оние кои се трудат да го одржат либералниот општествен консензус. Ако по ништо друго, барем по тоа сме веќе евро-атлантски интегрирани.

Добрата вест е што на нашиот референдум, со јасно мнозинство, уште еднаш победи либералната опција за иднината на државата. Оти, да беше како било поинаку, опозицијата уште вчера прва ќе побараше вонредни избори. А можеби и денеска не им е предоцна за тоа?


Цртежи: Брадестиот Џо
Извор: Цивил медиа