Народ

02.10.2018 15:24
Народ

За кој народ зборува Вучиќ, кога зборува за резултатите од референдумот за промена на уставното име на Македонија и ги повикува западните држави или моќници да ги почитуваат гласовите на малите народи? Да речеме, има еден народ во Косово којшто Вучиќ во својство на моќник веќе со децении упрорно одбива да го слушне. Но, нема сега да зборуваме за нив. Овде ќе кажеме за народот во Македонија.

Значи, податоците кажуваат дека на референдумот за промена на името, во недела, на изборните места во Македонија излегле нешто помалку од 37 отсто од граѓаните. Референдумот така не успеа, бидејќи за важечка референдумска одлука беше потребно просто мнозинство – да гласаат половина од запишаните граѓани со право на глас, плус еден избирач.

Тоа не се случи и противниците на новото име на Македонија, на чело со ноторното ВМРО-ДПМНЕ, побрзаа да ја прослават победата и веднаш да испорачаат барање, како и Вучиќ, да се уважи гласот на народот. Но, народот на кој се повикуваат е нем. Не пушта глас. Тие што се огласија го направија тоа гласно и одлучно – безмалку единствени застанаа зад предлогот Македонија да го промени уставното име.

Но за ВМРО-ДПМНЕ, како и за Вучиќ, тоа не е народ – 600.000 жители на Македонија за нив се никој и ништо. Народот за кој сонуваат ВМРО-ДПМНЕ и Вучиќ е нем народ. Покрај тоа што е нем, во голема мера тој е и непостоечки. Избирачките списоци во Македонија покажуваат дека таму има околу 1.800000 жители со право на глас. Но, додека таа бројка се зема како сигурна за оценка на успешноста на референдумот – не се знае колку живи луѓе навистина живеат во Македонија.

Во Македонија немало попис од 2002 година. Причините за тоа се различни. Од избегнување да се утврди точниот етнички сразмер, до сокривање на фактот за големиот одлив на луѓе од таа држава. Во таа 2002 година Македонија имала нешто преку 2 милиони жители. Се смета дека денес, заради големиот број што си заминале, има околу 1.800000. Таман толку и запишани избирачи. Врз основа на тоа, се претпоставува дека во Македонија има околу еден и пол милион луѓе со право на глас.

Како изгледа сега гласот на народот и во чие име, бидејќи тој народ е нем, зборува ВМРО-ДПМНЕ? До одговорот ќе дојдеме одоколу. На сите досегашни избори во Македонија ниту една партија и ниеден претседателски кандидат не достигнале до бројка од 600.000 добиени гласови, колку што сега гласаа за промена на името. Заради намерната манипулација со бројот на жители и избирачи во Македонија, досега не успеал ниту еден референдум, освен оној од 1991 година кога се гласало за независност на државата. Тогаш имало еден и пол милион запишани гласачи, а на изборните места излегле 70 отсто од нив, значи околу милион и сто илјади, кои со големо мнозинство ја поздравија независноста.

Оттогаш до денес избирачките списоци покажуваат дека бројката на гласачи се зголемила за 300.000, додека статистичарите, повторно едногласно, тврдат дека бројот на граѓани во Македонија не расте, туку напротив опаѓа. Тоа, пак, значи дека бројот на избирачи во списокот не расте заради бројот на родени, туку заради бројот на умрени, чиишто имиња не се бришат од списокот. Сепак, треба да се забележи – зборувајќи симболично, најдраг народ за ВМРО-ДПМНЕ, како и за Вучиќ, е мртвиот народ. Во име на мртов народ може да правите што ќе ви падне на памет.

И тука некаде би можеле да завршиме со нив и со нивниот (мртов) народ. Има што да се каже и за Зоран Заев, сегашниот претседател на владата на Македонија и за неговата владејачка партија СДСМ. Прво, тие побрзаа со референдумот и така си го скратија времето на вистински начин да се подготват за гласањето, за почеток така што ќе ги средат избирачките списоци (под услов воопшто да мислат дека тоа треба да се направи). Таа брзоплетост зборува за своевиден вишок на самодоверба, кој би можел да биде последица на поддршката што за референдумот стигаше однадвор. (Не и од Србија, се разбира: со овој српски режим, ниту една во суштина мировна иницијатива не може да смета на поддршка, ни во светот, ниту во соседството.)

Меѓутоа, се покажа дека таа поддршка од таканаречениот демократски свет не била ни доволна, ни убедлива за жителите на Македонија. Дури и кога ќе се земе реалниот број на избирачи во Македонија, на референдумот не излегле повеќе од половина, но сепак многу повеќе од 40 отсто, што не може да се занемари во споредба со 37 отсто. Со други зборови, се сугерира демократскиот свет ја губи легитимноста во очите на овдешните граѓани, па поддршката во име на мирот и демократијата што стигнува оттаму се доживува како лицемерна.

Покрај овие две, постои и трета причина за која може да се шпекулира во врска со неуспешниот референдум. Тоа е таканаречената длабока држава. Заев и неговата партија немаа кога (повторно, ако воопшто и помислиле дека тоа е потребно) да ги размонтираат коруптивните, клиентелистички и во суштина криминални механизми кои внатре во државниот механизам ги инсталираше претходниот премиер Груевски. Тоа наследство од Груевски во иднина би можело да нанесе штета на демократските обиди на новата власт (под услов тие обиди да се искрени).
Кога сето ова ќе се земе предвид, резултатот на референдумот во Македонија, всушност, е импресивен. Наспроти брзоплетото и невештото делување на актуелната власт и неуверливата поддршка однадвор, наспроти криминалното наследство од претходниот режим, со 600.000 гласови за промена на името, што според сè е миротворен предлог, Македонците (во национална, не во етничка смисла) се покажаа како народ со висок демократски потенцијал. Или, да се вратиме на терминологијата на ВМРО-ДПМНЕ и овдешниот Вучиќ – живиот, а не мртвиот народ, наспроти сè, постигна политичка победа.

Слики: Four Color Process
Извор: Pescanik

ОкоБоли главаВицФото