Иднината пристигна, има од што да се плашиме: Кина воведува морничав систем за надзор и бодување на луѓето

03.10.2018 01:21
Иднината пристигна, има од што да се плашиме: Кина воведува морничав систем за надзор и бодување на луѓето

Дандан Фан е олицетворение на кинеската модерна жена. Таа е експерт по маркетинг, финансиски е независна и одговорна кон работата. Според сите критериуми таа е кинеска граѓанка за пример. Сепак, Дандан е под надзор 24 часа дневно. Мрежата од 200 милиони надзорни камери поставени ширум Кина, обезбедува целосен надзор и нема место каде што може да се скрие Дандан. Секој нејзин чекор, сè што прави е подложно на надзор и – проценка. А Дандан вели дека сето тоа не ѝ претставува никаков проблем.

Така австралиски Еј Би Си Њуз ја почнува дистописката приказна за Кина и опасностите од (зло)употребата на новите технологии. Темата што ја преведовме и прилагодивме е новиот кинески систем за оценување на граѓаните според податоци собрани од надзорните камери, социјалните мрежи и сите други можни бази на податоци.

Она што за многумина би претставувало слика за дистописката иднина на светот веќе се случува во Кина. Се работи за своевидно оценување на граѓаните, односно оценување на нивниот општествен кредибилитет, што Комунистичката партија на Кина го нарекува – „општествен кредит“. Моментално се спроведува пилот проект за оваа навистина дистописка идеја, а сето тоа би требало нормално да функционира веќе од 2020 година.

Според службените наоди на Комунистичката партија проектот ќе им овозможи на кредибилните граѓани „слободно да чекорат под небото“, додека на оние во кои општеството нема доверба ќе им биде тешко да направат еден единствен чекор.

„Општествениот кредит“ ќе се мери во бодови, а веќе за две гоини ќе го има секој од 1,4 милијарди кинески граѓани. Тој кредит ќе расте или опаѓа, во зависност од тоа како ќе живее одреден граѓанин или граѓанка. Во една од пилот програмите кои веќе се спроведуваат, на граѓаните им е доделен „општествен кредит“ од 800 и 900 бодови.

На пример, „општествениот кредит“ на Дандан Фан во моментов е мошне висок, што на експерт по маркетинг му обезбедува бројни поволности, како евтини кредити, ВИП третмани во хотелите и на аеродромите, место на најдобрите универзитети и добро работно место.

Оние со најнизок „општествен кредит“, луѓе чиј почетен број бодови паѓал, а не растел, во краен случај можат да бидат изолирани од општеството, без шанса да добијат кредит или работа во државна служба, со забрана за патување и своевиден куќен притвор.

Системот за видео надзор, на кој се темели идејата за оценување на граѓаните е последно достигнување на техниката, за чие креирање обилно се користени иновациите од областа на вештачката интелигенција.

Надзорните камери се опремени со системи за препознавање лица, скенирање на телото и гео-тракинг, што овозможува следење на движењето на секој граѓанин.

За собирање податоци и следење на однесувањето на граѓаните на интернет ќе се користат телефонски апликации, а за (пр)оценување на висината на „општествениот кредит“ ќе бидат искористени и податоците кои веќе ги поседува државата, од раѓањето, преку работниот век, до пензија. Податоците од училиштата, болниците, работните места, банките...

Пилот проектите за „општественото кредитирање“ во моментов се во различни фази, а се користат во најмалку дванаесет кинески градови. Државата ги развива и спроведува во соработка со неколку приватни компании, а конечниот производ би требало да биде комплетиран систем за „општествено кредитирање“, односно оценување на однесувањето на секој граѓанин одделно. Станува збор за систем на општествен инженеринг кој не е забележан досега, кој има за цел да контролира и набљудува повеќе од милијарда луѓе. Ако успее да се спроведе проектот, тоа ќе биде првата „дигитална диктатура“ што ќе ја види човештвото.

- Дандан купува во супермаркет. Дури и оваа секојдневна активност нема да биде без надзор. Кога системот за „општествено кредитирање“ ќе биде применет во целост, она што Дандан ќе го стави во корпата во супермаркетот би можело да влијае на нејзиниот број бодови од „општествениот кредит“. Ако купи малку повеќе алкохол тоа ќе сугерира дека би можела да биде алкохоличарка, заради што ќе изгуби неколку бодови. Меѓутоа, доколку купи пакување шамивчиња тоа ќе сугерира дека се работи за одговорна личност, заради што ќе добие неколку бодови. Таа ќе може да ги следи своите бодови во реално време.

Дандан нема приговори за фактот дека цел живот би можела да биде под надзор. Оваа 36 годишничка е свесна дека системот не е совршен, но верува дека тоа е најдобриот начин да се управува со толку комплексна држава, земјата со најмногу жители во светот.

- Во секоја држава луѓето сакаат стабилно и безбедно општество. Ако, како што вели нашата влада, секој агол од јавниот простор е покриен со надзорни камери јас ќе се чувствувам побезбедно, вели Дандан Фан. Начинот на кој управува со своите финансии исто така ќе биде важен фактор кај одлучувањето за „општествениот кредит“ на Дандан. Во моментов таа е мошне високо оценета, има 770 до 800 бодови „општествен кредит“ и се смета за примерно лојална граѓанка на Кина.

Меѓутоа, овој систем би можел да послужи како ефективен алат за замолчување на политичките противници и зацврстување на власта на една партија. Десет милиони луѓе кои се во пилот проектот за „општествено кредитирање“ веќе се казнети на овој начин.

Еден од нив е Лиу Ху. Во некои општества на овој човек би му се воодушевувале, зашто се работи за истражувачки новинар кој помогнал да се реши случај на сериски убиец, а ја разоткривал и корупцијата во Партијата. Лиу Ху вели дека неговата влада го смета за непријател.

Ху изгубил голем број бодови од „општествениот кредит“ зашто е осуден заради говор на омраза и е исклучен од општеството заради мал број бодови. Пред три години Лиу Ху се нашол на суд; го тужел државен службеник за кого напишал дека е корумпиран. Пресудиле дека мора да напише јавно изинување и да плати казна, а тоа и го направил. Меѓутоа, кога судот барал да се плати уште, одбил да го направи тоа. Минатата година Лиу Ху се нашол на црна листа, на „попис на нечесните“, како што го квалификувал системот за оценување.

- Многумина незаслужено се нашле на оваа листа, вели Ху. Меѓутоа, тоа ја уништило неговата новинарска кариера и го изолирало од општеството. Заради малиот „општествен кредит“ забрането му е да патува и впрочем се наоѓа во своевиден домашен притвор во родниот град Чонгкинг.

Во својот стан Ху се обидува да купи карта за воз за да патува во Џиан. Обидот е одбиен. Апликацијата го известува дека му е забранет пристапот до брзите возови. Неговите профили на социјалните мрежи се отстранети. Имал околу два милиони следбеници.

Лиу Ху верува дека е ставен на црна листа заради политички диктат и се обидел да се жали, но немало никаков одговор. Сега сака да го предупреди светот за стравовите од најновиот систем за надзор. Правејќи го тоа, тој ги доведува во опасност и своите пријатели и семејството, зашто и нивниот број бодови ќе опаѓа, бидејќи се во роднински односно пријателски врски со човек од листата на нечесните. Имено, и семејните, односно социјалните врски влијаат на бројот бодови од „општествениот кредит“. Лиу Ху вели дека повеќето Кинези не препознаваат каква опасност се крие зад системот на оценување на секој поединец, кој веќе се применува.

Извор: http://www.abc.net.au

ОкоБоли главаВицФото