Невронаучна фантастика

05.10.2018 00:55
Невронаучна фантастика

Читањето книги го менува мозокот. Стресот го менува мозокот. Бременоста го менува мозокот, потоа татковството, психотерапијата, лажењето, играњето видео игри и консумирањето слатки.

Овие случајно избрани новинарски наслови од домашните медиуми добиваат смисла само кога ќе се поврзат зашто вистината е дека мозокот може да се „менува“ од СЀ. Но ако е така тогаш не би имало потреба од бомбастични наслови кои ги преувеличуваат невронаучните откритија.

Во текстовите од типот „НЕМА ДА ВЕРУВАТЕ!“, меѓу најпопуларните се текстовите кои цитираат невронаучни студии дури иако нивните заклучоци се избрзани, преценети, банализирани или едноставно неточни.

Психологот Дина Сколник Вајзберг од Универзитетот Руџерс, преку своите истражувања покажа дека читателите многу повеќе му веруваат на текстот кој содржи барем една невронаучна референца, отколку на истата содржина која не ја споменува мозочната активност. Јавноста е толку фасцинирана од невро-студиите што информациите ги прифаќа слепо и некритички.

Префиксот „невро“ сè повеќе е присутен таму каде што не му е местото – невроекономија, невромаркетинг, неврополитика, па и невро самопомош, невро пијалоци и храна, невротренинг. „Хајпот“ невро толку им оди на нерви на сериозните и угледни невронаучници, што тие јавно ги разбиваат заблудите и со подбив се пресметуваат со повеќето такви производи. Најпознат меѓу нив е Невроскептикот, кој го крие својот вистински идентитет иако на сите кои го следат им е јасно дека се работи за познат и цитиран автор. Психолозите Вон Бел, Пол Блум и Скот Лилинфелд исто така ја истакнуваа злоупотребата на невронаучните резултати.

„Според моето мислење, во основата на поулавеноста за невро-просерувањето лежи потребата за „тврда“ наспроти „меката“ „вистина““, објаснува Невроскептик. „И натаму сме наклонети кон дуализмот на умот и мозокот (односно телото), каде умот е нешто мистериозно, а мозокот биолошко и подложно на испитување. Ни се чини дека сме на половина пат до решението ако проблемот на умот го претвориме во проблем на мозокот.“

Дали суштината на невронаучните студии се изгуби во преводот и зошто резултатите во толкава мера се извртуваат и преувеличуваат?

Од незнаење, новинарските текстови вообичаено пренесуваат дека одредени ментални процеси како чувствата или донесувањето одлуки се случуваат – нема да верувате – во мозокот, како некој да се посомневал дека постои сегмент во животот во кој не е вклучен мозокот. Заклучуваат дека за извршувањето активности е одговорна исклучиво онаа област од мозокот која „ќе светне“ (без разлика како замислуваат дека тоа навистина изгледа на скенер), што е поедноставено и неточно објаснување. На пример, ако „светне“ амигдалата, тоа не значи дека емоциите се наоѓаат во амигдалата зашто мозокот функционира така што повеќе различни региони соработуваат дури и при наједноставните активности.

Исто така, локацијата во мозокот и натаму не открива ни како ни зошто доаѓа до таква активност. Да речеме, хипокампусот е вклучен во процесот на памтење но и натаму не знаеме како функционира сеќавањето, заборавањето или формирањето нови сеќавања.

Психолозите Франкен и Слорс од Универзитетот во Амстердам сметаат дека согледувањата кои потекнуваат од сегашните невронаучни истражувања ни во блиска иднина нема да ја имаат таа моќ со практични совети да влијаат на нашиот живот. До забуна дошло заради несоодветна примена на невронаучните концепти во секојдневниот јазик. Кога научниците ги користат зборовите како што се лажење, љубов, сеќавање – тие го немаат истото значење кое им го припишуваат лаиците. Научниците ги проучуваат само аспектите на овие феномени, преку различни експериментални задачи. На пример, со фотографии од чоколади кај испитаниците предизвикуваат позитивни емоции, додека со прикази на крв предизвикуваат негативни. Додека во реалноста емоциите се исклучително сложени, експерименталните задачи се сведени и поедноставени. Лажењето како однесување кое започнува одредена задача не е исто со лажењето во судница или полициска станица.

Скенирањето на мозокот преку функционална магнетнта резонанца (фМРИ) не е волшебен читач на мисли, а шарените снимки од фМРИ не ја отсликуваат директната активност на мозокот како последица на одредена активност. Блескавите жолти, црвени и сини точки на мозокот се резултат на комплексни статистички споредби на протокот на крв и не може да се стави знак на еднаквост со реалните мозочни функции. Тоа се најкомплексните научни информации кои ги имаме во моментот и самите невронаучници се на маки да ги разберат.

Овој метод на изучување на умот сè уште е во зародиш и нужно е да страда од одредени недостатоци. На пример, студиите најчесто ги споредуваат испитаниците врз основа на однапред одредени разлики, па дури тогаш набљудуваат како тоа се рефлектира на мозокот – тоа ги претставува циркуларните објаснувања. Невронаучните тврдења сè уште не го достигнуваат нивото на причинско-последичните врски туку исклучиво зборуваат за корелациите.

Достапен ни е моќен истражувачки алат, но потребно е време тој да го достигне својот полн потенцијал или да се развие до тој степен што ќе крене прашина или ќе биде достоен за помпезни новинарски наслови. Дотогаш после секој текст треба да се запрашаме дали тој ни соопштува нешто ново или само прави привид дека сме попаметни за една нова информација.

Референци:

Weisberg D. S. (2008). Caveat lector: The presentation of neuroscience information in the popular media. Sci. Rev. Mental Health Pract. 6, 51–56.

Francken, J.C. & Slors, M. (2018). Neuroscience and everyday life: Facing the translation problem. Brain and cognition, 120 (67-74).

Илустрации: Kelly Puissegur

Извор: http://www.psihobrlog.com/