Стотици уапсени во Вашингтон на протест против Трамп и Кавано

05.10.2018 10:34
Стотици уапсени во Вашингтон на протест против Трамп и Кавано

Повеќе од 300 луѓе биле уапсени во Вашингтон за време на синоќешниот протест против американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот предлог за врховен судија, Брет Кавано.

Меѓу уапсените се и комичарката Ејми Шумер и моделот Емили Ратајковски, кои се обидувале да упатат последен повик до сенаторите, да го одбијат номинираниот кандидат кој е обвинет за сексуално насилство, пред денешното гласање за избор на Кавано во највисокиот суд во САД.

Неколкуте илјади демонстранти, најголемиот дел од нив жени, маршираа низ американскиот главен град и одржаа говори пред Врховниот суд и зградата на парламентот извикувајќи „Кавано мора да си оди!“ и „Време е жените да бидат слушнати!“.

Полицијата ги опколила демонстрантите во зградата на Сенатот, каде граѓаните протестирале со седење на подот и одбивале да го напуштат местото.

Извор: The Guardian