Од што најмногу се плашат популистичките политичари

05.10.2018 23:20
Од што најмногу се плашат популистичките политичари

Инфлациите како онаа што ѝ се заканува на Турција многу се опасни за еден вид авторитарни лидери: популистите.
Диктаторите се многу склони кон создавање на овој вид криза, многу нерадо ја средуваат и државите исклучително бавно заздравуваат од неа. Имаат повисока инфлација и повеќе вештачки потценети валути. Нивните централни банки се помалку независни.

Тоа се симптоми на слабост и опасност кои го надминуваат нивото на монетарната политика и допираат до сржта на владеењето на популистите. Пред Турција, тоа беше Миколас Мадуро во Венецуела и неговиот претходник Уго Чавез, кои го надгледуваа пропаѓањето на некогаш просперитетната држава, делумно и н атој начин што ја закопаа во инфлација.

Кога ова ќе се случи во демократско општество, избраните лидери главно се менуваат со оние кои ќе се изборат со инфлацијата. Тоа се случи во Никарагва, Чиле, Перу и Аргентина. Други видови на авторитаризам на чие чело е партија, војска или монархија можат да пропаднат како што се случи во Бразил, но честопати тие се фактори кои ги наметнуваат реформите.

Популистичките диктатори се поинакви. Мудро печатат повеќе пари влошувајќи ја кризата. Една деценија порано Роберт Мугабе од Зимбаве ја направи истата работа со истите последици.

Без оглед дали турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе го следи истиот пат, тој ги повторува шаблоните на ограничен владател, воден од сопствениот систем што не секогаш е во интерес на државата.

Пропаѓањето на Турција е микрокосмос на патологии кои се резултат на владеењето на Ердоган и на владеењето на другите популистички диктатори. Иако се чини дека нивниот начин на владеење добива сè повеќе простор во светот, тој има специјални разлики заради кои е предодреден да пропадне.

Секој диктатор знае дека инфлацијата која го еродира легитимитетот во јавноста и ја нервира моќната елита која очекува исплата, претставува ризик. Избраните лидери ќе ја изгубат само функцијата, но авторитарната држава може да пропадне.

Во 1989 година, работниците бесни заради инфлацијата во Кина се придружија на студентите во протестите на кои власта одговори со крвави акции на плоштадот Тјенанмен. Инфлацијата може да биде толку опасна за авторитарните владетели што може да поттикне, во поинакви услови, незамисливи реформи. Виетнамските лидери, загрижени дека инфлацијата што беснееше во 1980-тите години ќе доведе до пропаст на комунистичкиот систем се префрлија на пазарна економија.

Скокот на инфлацијата во Иран, 2013 година толку го засили незадоволството во јавноста што конзервативниот врховен лидер мораше да гледа како гласачите избираат релативно умерен претседател.

По подемот во често фаличните демократии или во војската, или еднопартиски режим, диктаторите најчесто го растураат стариот систем кој го гледаат како закана. „Неизвесноста во поглед на нивната иднина може да ги натера на избори што се долгорочно лоши“, вели Ерика Франц, која предава за авторитарните режими на Државниот универзитет во Мичиген.

Додека се пресметуваат со институциите и противниците, поткопувајќи го нивниот легитимитет, стануваат уште погладни за развој и уште повеќе се во паника дека тој развој им се измолкнува од раце.

Тоа често поттикнува претерана потрошувачка или, во случајот на Ердоган, премногу заеми. Неговата влада ги поттикна фирмите да ги трошат заемите од странство, предизвикано од огромниот економски развој која ја чуваше популарноста на Ердоган дури и додека ги ограничуваше политичките права. Но тие долгови предизвикаа криза на турската лира.

Кина, исто така е вплеткана во сомнителни инфраструктурни проекти и инвестиции. Но диктатурите имаат нешто што популистите често имаат потреба да го уништат: институциите. Иако авторитарните инсистуции едвај постојат, тие се предвидливи и можат да бидат независни. Тие се способни да се изборат или макар да ги одложат проблемите. Особено Централната банка.

Ако диктаторската централна банка е кредибилна и независна, истражувањата покажуваат дека тогаш е полесно да се заузда инфлацијата.

Но популистите како Ердоган, кој својот зет го постави за министер за финансии, сакаат да се мешаат во работата на централните банки за да го поттикнат краткотрајниот раст и на независните институции гледаат како на закана. Доаѓа до скок на инфлацијата како најава за лоши времиња.

Економскиот менаџмент под таквата власт е помалку компетентен и многу веројатно ќе ја доведе земјата до долгови или економски слом. Службениците на пониските позиции многу добро знаат дека приоритетна должност им е да му се допаднат и да го воздигнуваат лидерот, па се повеќе склони кон компромиси и прикривање. Лојалноста е пред компетенцијата.

Резултатот не е само претерано трошење или претерани заеми, туку тоа се прави непромислено и без здрав разум кој го наметнуваат централните банки и другите институции.
Додека паѓа вредноста на лирата, најголемите ризици ги трпат турските граѓани и тоа не само во економска смисла.
Том Пепински, политиколог од Универзитетот Коренл во Итака, Њујорк, се пошегува на Твитер: „Ако сте лесно достапно политичко или социјално жртвено јагне во Турција, време ви е да киднете“.

Извор: The New York Times