Среќо, како си?

05.10.2018 23:38
Среќо, како си?

Според грчката митологија кралевите и војсководците пред да донесат важна државничка или воена одлука оделе во Делфи за да се советуваат со свештеничката на Аполоновиот храм, Питија. Таа ја претскажувала иднината седејќи на троножец над една пукнатина од којашто излегувала пареа со опојни својства. Од овие испарувања (докажано е дека се работи за плинот етилен што ако се вдише во помали количини предизвикува еуфорија, а во поголеми количини предизвикува халуцинации и визии).

Питија ја црпила својата моќ на претскажување. Познато е нејзиното пророштво врзано за Александар и неговите освојувачки походи. Но, воглавно, нејзините пророштва не биле прецизни, туку двосмислени. Најпознатото нејзино пророштво е она што можело да се протолкува на два различни начини во зависност од местото на запирката во реченицата: Ќе одиш, да се вратиш, нема да загинеш во војна. Или: Ќе одиш, да се вратиш нема, да загинеш во војна (Ibis redibis, nunquam peribis in bello. Ibis redibis nunquam, peribis in bello).

Дали и на нашите партиски “политичари“ (ние немаме кралеви ниту војсководци) им е потребно некој да им ја предвиди иднината, нивната и на државата во чие име дејствуваат и одлучуваат? Дали јасните сигнали, знаци, пораки, како и односот на сили во светот и во регионот не им се доволни за да ја донесат вистинската одлука, туку им треба некоја опијатска визија на иднината? Во нивната визија, исто како и во онаа на Питија, сè е двосмислено.

Нешто отприлика вака: Да ја внесеме Македонија во ЕУ другпат нема, да ја изгубиме. Или: Да ја внесеме Македонија во ЕУ другпат, нема да ја изгубиме. Нивните објаснувања за ваквиот двосмислен однос кон иднината на оваа земја се поврзани со халуцинациите предизвикани од опијатските испарувања на името. Името е екстазата на нивните „државнички визии“. Сè друго за нив е небитно. За нив е битен зборот, оној, според нив, голем збор од којшто сè потекнува и завршува, збор што обврзува и од кој зависи нашата иднина. Но, факт е дека самите тие досега тој збор безброј пати го прецртаа, го обезвредија, го обезличија и го избришаа со нивните партиско-коруптивни игри.

Кога пред многу години гласавме за независноста на оваа земја, ние не знаевме дека всушност гласаме за зависност. Од независни станавме зависни: станавме тешки зависници од халуцинациите предизвикани од името. Оваа зависност е толку длабока што се претвори во национална и државна криза. Симптомите на оваа зависност, како и на секоја зависност, се: промена на карактерот и однесувањето, затвореност,изолација, неспособност да се мисли, вистинските пријатели се заменуваат со нови, сомнителни типови, неодговорност кон обврските, лагата станува начин на комуницирање, исчезнуваат совеста, моралот и сочувството.

Со еден збор: животот станува пекол. Единствен начин да се излезе од тој пекол е со силата на волјата да се согледаат вистинските цели за напредокот на земјата. Зошто, името е само збор што не гарантира ни напредок, ни среќа.


ПС. Секое утро, додека одев на работа, пешачејќи од Топанско до улицата Самоилова, сретнував еден човек кој ми бараше цигари. Никогаш не го прашав за неговото име, ниту пак тој мене ме праша за моето. А, сепак, секое утро тој ме поздравуваше со најубавото име: Среќо, како си?

Слики: Свирачиња