Контраспин: Сочуван е бесперспективниот статус кво на ПЈРМ

08.10.2018 00:13
Контраспин: Сочуван е бесперспективниот статус кво на ПЈРМ

Што значи само по себе Република Македонија? Име или суштина? Nomen est omen, т.е. името е суштината. Република Македонија, ваква каква што е, е држава која што се соочува со сериозна политичка и безбедносна криза поради блокираните евро-атлантски интеграци. Оттука, гледано суштински, сочуван е само бесперспективниот статус кво на ПЈРМ.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во изјава пред седиштето на партијата искажа ставови и тврдења кои ги оценуваме како извртена вистина:

Спин: …Во однос на избори би сакал јасно да посочам, ние целата битка против договорот од Преспа ја водевме за зачувување на уставното име на Република Македонија, не ја водевме за гола власт. Очигледно Заев го потпишал договорот за да остане на власт, а дошол на власт со ветување некаде дека ќе потпише договор кој што ќе значи преименување на Република Македонија. Ние на тој начин не ги сфаќаме работите и затоа се боревме и се бориме за зачувување на името на Република Македонија и со резултатите од референдумот се изборивме. Во однос на избори порано или подоцна Заев ќе си оди од власт, но тоа не е најбитно. Најбитно е дека името на Република Македонија после овој референдум е зачувано….

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна – датум: 03.10.2018]

Контраспин: Александар Николоски, поранешен пратеник и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ во одговорот на новинарско прашање околу предвремени избори и ставот на пратеничката група, спинува и за политичкото однесување на ВМРО-ДПМНЕ и за политиките на Зоран Заев, но и за тоа што за него и за неговата партија било најважно – зачувано било името Република Македонија.

Нема време, простор и потреба посебно да се осврнуваме вистинитоста и спинувањето околу тоа за што била политичката борба на ВМРО-ДПМНЕ на овој референдум, а особено околу тврдењето од типот дека Заев некаде прифатил да го смени името и затоа дошол на власт, зашто ветил дека ќе потпише договор, а сега затоа се бори за договорот, за да остане на власт….Сето ова може да влезе во категоријата манипулации со јавноста и извртување на вистината за сите што паметат како и кога Македонија влезе во политичка криза, како излезе и како и зошто сега повторно влегува.

Но, се чини крупно и суштинско извртување на вистината е дека било „најбитно, дека името Република Македонија после овој референдум е зачувано“.

Прво, после овој референдум, технички гледано името е сè уште она уставното, Република Македонија, но фактите се следни:

a) Во Собранието на Република Македонија Договорото од Преспа е два пати изгласан од мнозинството пратеници, а ратификацијата не е потврдена во Службен весник затоа што претседателот Ѓорге Иванов повторно ги крши своите уставни обврски да го потпише указот за прогласување на ратификацијата.

б) Референдумот беше консултативен и Договорот сè уште е во сила, до следните одлуки на легитимните институции во РМ, пред сè, на Владата и Собранието.

Второ, извртена вистина е дека е зачувано уставното име, зашто уставното име го користиме за внатрешна употреба и во комуникација со земјите членки на ООН, кои не признале под уставното име. Во внатрешната комуникација во ООН, како што можеше да се види и во најавата за говорот на Иванов во Генералното собрание на ООН, потоа, во комуникацијата со Европската унија, со НАТО, и на повеќе други нивоа, од политички, културни и спортски настани, името не е Република Македонија, туку Поранешна југословенска Република Македонија!

Трето, што значи само по себе Република Македонија? Име или суштина? Nomen est omen, т.е. името е суштината. Република Македонија, ваква каква што е, е држава која што се соочува со сериозна политичка и безбедносна криза поради блокираните евро-атлантски интеграци. Праксата покажа дека политичките елити во Македонија се немоќни за подобро демократско општество од републикански тип на уредување, без поттик за евро-атлантски интеграции и без доделување задачи за исполнување со прецизни временски рокови. Задачи за исполнување на стандарди на држава во која владее правото, на стандарди на држава во која се почитуваат човековите и малцинските права, на стандарди на држава која има нулта толеранција за организиран криминал и корупција, на стандарди на држава во која зачувувањето на животната средина е алфа и омега на општеството, исто како што би требало да биде и образованието и здравјето на граѓаните…

А без вакви стандарди, името Република Македонија е гола, празна форма, но не и суштина. Затоа, Кога Николоски вели дека „најбитно е дека е сочувано уставното име Република Македонија“, тоа е формално можеби и е точно донекаде, но во суштина е извртена вистина, т.е. спин поради погоре набројаните аргументи. Она што дефинитивно се чини дека во моментот е зачувано, е бесеперспективноста на статус кво состојбата во која Македонија се наоѓа подолг временски период и која за момент се чинише дека е напуштена и надмината.


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

 Извор: Вистиномер